ЗЕЛЕНСКИ ВЕЛИ ДЕКА ВОЈНАТА ВЛЕЗЕ ВО ОДЛУЧУВАЧКА ФАЗА: Најави дел од плановите на Украина
Објавено во: Свет 19 Ноември, 2024
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски најави зголемување на производството на оружје. Вели дека војната влезе во одлучувачка фаза.
Тој ги повика граѓаните на единство и издржливост и најави големо зголемување на производството на оружје.
Во едночасовниот говор по повод 1.000 дена од почетокот на руската инвазија, Зеленски изјави дека Украина нема да се откаже од својот суверенитет или од правото на своја територија. Тој порача и дека нема да има нови избори додека не се постигне мир.
Зеленски го претстави, како што кажа, „планот за отпор“ на земјата, варијанта на „планот за победа“ што им го претстави на западните сојузници претходно оваа есен, и истакна дека Русија треба да биде принудена да преговара за завршување на војната со добра волја.
Додаде дека сите детали од планот ќе бидат објавени подоцна оваа година. Тој откри дека планот вклучува чекори за стабилизирање на линијата на фронтот, поддршка на воените иновации и производството на оружје и мерки за зајакнување на националното единство и културниот идентитет.
„Единството е првата точка од нашиот внатрешен план за отпорот“, рече тој.
Зеленски вели дека Украина следната година ќе произведе најмалку 30.000 дронови со долг дострел.
Украинскиот претседател вели дека 40 странски производители на оружје веќе работат во одбранбениот сектор на Украина. Киев планира да произведе најмалку 3.000 крстосувачки ракети и „ракети беспилотни летала“.
Украина денеска првпат употреби американски ракети АТАКМС за напад на руска територија, соопшти официјална Москва. Русија вели дека Западот сака ескалација на конфликтот.
фото Фејсбук/Володимир Зеленски