ЛЕБОТ ПОСКАП ЗА 40 ПРОЦЕНТИ, МЛЕКОТО И МЕСОТО ВЕДНАШ ЗАД НЕГО, инфлацијата продолжува и годинава, но според експертите поумерено
Објавено во: Економија 11 Јануари, 2023
Може ли да очекуваме смирување на инфлацијата, ќе почнат ли најпосле позитивни трендови во земајва како во другите земји. Ова се прашања кои се наметнуваат по информацијата дека годишната инфлација за 2022 година достигнала високи 14,2 отсто, согласно податоците на Државниот завод за статистика.
Иако очекувањата на домашните институции беа дека годината ќе ја завршиме со 12,9 проценти, пресметките на ДЗС покажаа уште поголема инфлација од очекувањата. За споредба на годишно ниво во 2021 година стапката била само 3,2 проценти.
Еве ги стапките на инфлација изминативе неколку години:
За месец декември инфлација достигнала 18,7 проценти во споредба со истиот месец 2021 година, што значи дека се уште имаме силен инфлациски притисок.
Податоците кои ги објавија статистичарите покажуваат дека нема што не поскапело минатиот месец, а разликите споредено со истиот месец 2021 година се фрапантни.
Па така во декември 2022 година сме јаделе леб и жиитни продукти по повисоки цени за цели 40,1 проценти. Месото во декември било поскапо за дури 27,9 отсто, додека пак рибата и морските плодови 16,6 отсто. Ниту млечните производи не се нешто подобри, па млекото, сирењето и јајцата во декември во споредба со истиот месец 2021 година биле посапи за дури 36,4 проценти. Масла и масти имале повисоки цени за 23,7 отсто, додека овошјето 13,9, за зеленчукот 13,7 отсто. Поскапување има и кај други продукти, но и услуги.
Доста висок процент на поскапување има и во категорија чистење, поправка и изнајмување облека од дури 35,7 отсто, потоа кај електричната енергија, гасот и други горива 24,5 проценти при што само кај топлинската енергија има раст од 30,1 отсто.
Поскапеле и мебелот, покуќнината и редовното одржување на домаќинствата за 16,7 процент.
Транспортните услуги поскапеле за 26,7 проценти, а притоа кај возухопловниот транспорт разликата од декември лани до декември годинава е 33, 2 отсто... додека кај патниот транспорт 21 процент.
Иако во декември веќе има првични сигнали за запирање на трендот на пораст на цените на производите, сепак, загриженоста кај граѓаните останува. Податоците велат дека во декември во однос на ноември 2022 година инфлацијата има минорни 0,2 проценти пад.
- Позитивна вест е што ценовниот раст во декември запре, односно на месечна основа гледаме пад на цените за 0,2 отсто, а кај цените на храната падот е 1,6 проценти. Годишната стапка на инфлација благо забави во однос на бројките од претходно. Мерките во сила, како реакцијата на централната банка, субвенционираната струја за прехранбената индустрија и трансмисијата на падот на цените на храната на глобално ниво, почнуваат позначајно да делуваат во нашата економија, и очекувам дека во отсуство на нови шокови, стабилизацијата ќе продолжи во следните месеци – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Петрески за Фактор потенцира дека сепак во 2023 не може да очекуваме дека инфлацијата ќе се намали на нивоата кои ги гледавме во 2010-тите.
- Пренесените ефекти од растот на храната и енергентите во претходната година врз останатите компоненти на потрошувачката кошничка ќе ја движат инфлацијата и во 2023, која очекувам да биде едноцифрена, но се' уште релативно висока. Да не заборавиме дека неизвесноста на глобалните пазари е се' уште присутна, конфликтот во Украина трае, се' уште има ригидности во синџирите на снабдување. Тешко е да се предвиди кога инфлацијата би се симнала на нивоата што централните банки ги таргетираат, меѓутоа ако неизвесностите се намалат, тогаш поприфатливи нивоа на инфлација ќе може да очекуваме најрано во 2024 – заклучува Петрески.
Фактор веќе објави дека изминатата година најмногу пораснале цените на храната и пијалоците, што и најмногу ги погодува граѓаните. Но висок раст бележи и транспортот, енергенсите, услугите во рестораните...
Еве колку пораснале цените во декември 2022 во споредба со декември 2021 година
Леб и жита |
40,1 % |
Месо |
27,9 % |
Риба и морски плодови |
16,6 % |
Млеко сирење, јајца |
36,4 % |
Масла и масти |
23,7 % |
Овошје |
13,9 % |
Зеленчук |
13,7 % |
Шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи |
18,6 % |
Безалкохолни пијалоци |
16,8 % |
Кафе, чај, какао |
20,1 % |
Минерална вода |
13,6 % |
Алкохолни пијалоци |
12,6 % |
Петранка Огнаноска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.