02 Декември, 2024
0.0268

Димковски: Заеднички со сите чинители во земјоделството, ќе ја постигнеме целта за модерно и конкурентно земјоделско производство

Објавено во: Агробизнис 27 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со претседателот на комората Бранко Азески, претставниците од бизнис секторот и земјоделските здруженија, учествуваше на  трибината во организација на Стопанската комора на Македонија, на тема „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“. На трибината беа отворени значајни прашања за земјоделството, а присутните имаа можност да ги посочат своите предлози за развој на секторот.

Министерот Димковски, посочи дека според последните статистички податоци, учеството на земјоделско-прехранбениот сектор во вкупниот бруто-домашен сектор е околу 13 отсто и е на прво место заедно со трговијата. Ова значајно учество го прави земјоделството еден од двигателите на македонската економија. Димковски потенцираше дека токму овие показатели се доказ дека земјоделството има огромен потенцијал да биде двигател на македонската економија и дека затоа Владата на Република Северна Македонија континуирано презема мерки за поттикнување на развојот на земјоделството и создавање на поволна бизнис клима за компаниите од агросекторот и за земјоделците.

„ Со најновите измени на Законот за земјоделство и рурален развој, додадовме еден член со којшто воведуваме предфинансирање, наменето за бизнис секторот односно за фирмите корисници на ИПАРД програмата.  Искористувањето на ИПАРД се одвива многу добро, ова е прва година во која што нема да вратиме пари, нешто што досега се случуваше поради неискористување на фондовите. Ние најверојатно ќе бараме и дополнителни финансиски средства поради зголемениот интерес. Предфинансирањето значи дека фирмите кои имаат веќе потпишано договор со Платежната агенција за мерките од ИПАРД, делот којшто не се финансира од ИПАРД, односно сопствениот влог на барателот ,ќе го финансира државата како заем  без камата, којшто во период од 8 години корисникот на мерката треба да го врати. На пример, доколку вкупната инвестиција е 100 илјади евра, 50 илјади евра се покриваат преку ИПАРД,  а 50 илјади евра од сопствено учество, за коешто ние со измените на законот овозможуваме предфинансирање од државата пред почетокот на градбата“, изјави министерот Димковски.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Азески,  посочи дека земјоделскиот сектор иако има значаен придонес во домашната економија досега не бил соодветно третиран. Материјалот изработан од стручната служба на комората за работната средба прествува нов концепт за развој на нов тип на агро секторот и се клучни правци со цел зголемување на продуктивноста во дејноста, посочи Азески, што беше позитивно оценето од страна на министерот Димковски и од присутните.

Министерот Димковски потенцираше дека изминатите две и пол години МЗШВ интензивно работи на реализација на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, коишто се важни за зголемување на земјоделското производство и создавање на конкурентни производи.

„Во моментов преку националните програми од МЗШВ се инвестира во браните Конско и Речани и само за овие две брани ќе се вложат околу 70 милиони евра во следните две до три години. Во моментот се гради системот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза,  што е околу 24 милиони евра. Со заем од околу 80 милиони евра од германската банка KfW, ќе се реализираат инвестиции во капитални проекти за системи за наводнување, односно за системот Лисиче, браната Конско втора фаза, проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар трета фаза и Пепелиште. Тоа значи дека околу 170 милиони евра ќе бидат инвестирани од 2017 во следните 5 години, што е голема инвестиција во наводнувањето“, изјави Димковски.

При тоа, Димковски посочи дека преку проектот на Светска банка, околу 30 милиони евра ќе бидат инвестирани во изградба на откупно-дистрибутивни центри, што е важно за создавање на предуслови за амортизација на вишокот земјоделски производи и зголемување на извозот.

На трибината присутните стопанственици од агро секторот посочија свои предлози и сугестии околу одредени прашања кои ги оптоваруваат компаниите. Присутните заклучија дека преку постојана, отворена и заедничка  комуникација ќе се постигне целта за развој на земјоделско-прехранбениот сектор којшто има потенцијал да биде двигател на македонската економија.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.