05 Декември, 2025
0.0598

ПРЕПОЛОВЕН РОДОТ НА ГРОЗЈЕ: цената ќе расте, проблем за винариите!

Објавено во: Агробизнис 09 Август, 2014 08:39

Добивај вести на Viber

На еден месец пред бербата на грозјето, лозарите ги почнаа пресметките за откупните цени. Производителите на грозје, бараат годинава откупните цени да бидат повисоки од минатата година. Ваквите барања лозарите веќе му ги соопштиле на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков. Иако се уште не сакаат да коментираат за колку треба да бидат повисоки откупните цени, сепак велат дека тоа е неопходно бидејќи годинава лошите временски услови ќе резултираат со преполовен род.
Годинава винариите ќе се соочат со недостиг на грозје. Родот ќе биде и повеќе од преполовен во споредба со минатата година. Поради штетите ние употребуваме повеќе заштитни средства, имаме поголеми трошоци и затоа сметаме дека годинава откупните цени треба да бидат повисоки. За колку, засега не сакам да коментирам, но барем минимално. Минатата недела имавме средба со ресорниот министер и му кажавме каква е состојбата на терен“, вели Љупчо Аризанов, претседател на Регионалниот сојуз на лозари.
Минатата година вранецот се откупуваше по 13 денари за килограм, а откупната цена на смедеревката беше 11 денари за килограм. На почетокот на минатиот месец 13 винарии ги загубија лиценците за откуп, поради неплатено грозје. Државниот инспекторат за земјоделство ги избриша овие винарски визби од регистерот на откупувачи затоа што не ги исполниле своите обврски кон лозарите. Инспекторите утврдиле дека тие не ги исплатиле откупените количини грозје, иако законскиот рок за тоа истече. Винариите нема да можат да откупуваат грозје, додека не го исплатат ланското, а ќе треба да и платат и казна на државата во висина од 10% од долгот. Шест винарски визби не го доисплатиле ланското грозје, седум навреме не ги доставиле извештаите, додека една добила и кривична пријава поради лажен финансиски извештај. Во моментов вкупно 86 винарски визби се регистрирани во земјава, со капацитет на производство од околу два милиони хектолитри вино. Вчера претставниците на винарските визби имаа средба со министерот Цветков. И тие не сакаа да коментираат за откупните цени, бидејќи како рекоа се уште е рано да се зборува за откупните цени поради нестабилните временски услови кои до бербата можат да ја променат состојбата со количините и со квалитетот на родот. Според нивните проценки, ова ќе биде тешка година поради намалениот квалитет на грозјето и количествата, но и поради конкуренцијата која доаѓа од евтиното шпанско вино. Ресорниот министер им порача дека треба заеднички да се најдат оптимални решенија кои ќе одговараат и на производителите и на преработувачите. Министерот соопшти дека согласно Законот за вино, пет винарски визби од кои две поголеми „Повардарие“ и „Аневски“, поради долг кон лозарите нема да вршат откуп, но со продажба на залихите и исплата на родот планираат идната година да се вкучат во откупот. Винариите предложија недостигот на финансиски средства да се обезбеди со краткорочни кредити со пониска каматна стапка наменети исклучиво за исплата на родот. Агроекспертите укажуваат дека навремената исплата на родот е клучна за развој на лозарството.
Секако дека доцнењето со исплатата, непочитувањето на договорите, има негативно влијание. Никој не би сакал да го даде производот, а да не може да го наплати. Се надевам дека многу брзо ќе се воведат мерки за финансиска дисциплина, која ќе помогне во надминување на овие негативни појави“, вели проф.д-р Михаил Петков, од Катедрата за винарство и лозарство при Факултетот за земјоделски науки и храна.
Пламеницата го уништи грозјето Обилните врнежи што ова лето ја зафатија земјава негативно се одразија врз лозовите насади. Производителите на грозје велат дека родот годинава е дури и повеќе од преполовен во споредба со минатата година. Најпогодени се лозовите насади со црните сорти грозје, особено вранецот и трпезните грозја. Оштетувања има и кај смедеревката и другите сорти. Лозарите велат дека состојба е катастрофална, и ако во следниов период не се подобри времето можно е грозјето да не содржи доволно шеќерни единици.
Штетите се огромни, врнежите лошо влијаат врз грозјето. Се појави пламеница која што го уништи родот. На некои лозови насади не помагаат ни заштитните средства. Поради ваквите услови годинава нема да има доволно грозје. Најпогодени се црните сорти и трпезните грозја. Речиси 70 отсто од вранецот е уништен, а 30 отсто е уништувањето кај смедеревката. Очекуваме времето да се стабилизира, да нема дождови, бидејќи во спротивно грозјето нема да има доволно шеќерни единици, а тоа е клучно за неговиот квалитет“, вели Аризанов.
Вообичаено бербата на грозјето почнува од почетокот на следниот месец, само лани почна порано. Прво се бере грозјето од сортата шардоне, потоа бургундецот, вранецот, смедеревката. Лани родот изнесуваше околу 200 милиони килограми грозје, а годинава според проценките ќе изнесува околу 100 милиони килограми. Лани од извозот на вино се инкасираа 50 милиони евра Од извозот на вино лани во Буџетот се слеале 50 милиони евра, што е за 24% повеќе од претходните години. Според агроекспертите зголемувањето на извозот е поради подобрувањето на квалитетот на произведеното вино, што се должи на воведување на новите техники и технологии од винарските визби, и препознавањето на Македонија во светот како винска земја. Но, ескпертите посочуваат дека и понатаму треба да се работи на зголемување на извозот на флаширано вино, бидејќи се уште извозот на наливно вино е поголем.
„Зголемувањето на извозот на финализирано и пакувано вино е долготраен, тежок и скап процес. Подобрувањето на квалитетот и имиџот на македонските вина го помага овој процес, како и зголемениот интерес на државните органи, и асоцијациите на лозари и винарии да се претставуваат на меѓународните саеми и презентации, ќе помогнат многу во овој процес, но реално не можеме да очекуваме некој бум. Ова е спор процес и ќе мора континуирано да работиме на него и да го издржиме“, вели професорот Петков.
Вранецот и смедеревката се најзастапени сорти. Еден клучните проблеми кој со години се провлекува е староста на лозовите насади и сортиментот.
Не би можеле да кажеме дека ситуацијата сега е многу подобрена. Недоволната обнова на лозовите насади не може многу да ја подобри ситуацијата. Во однос на сортиментот има подобрување, меѓутоа тоа и не е еден од најбитните проблеми. Кај нас се застапени скоро сите поважни меѓународно познати сорти, но и користењето на автохтоните и одомаќинети сорти ни овозможува многу сериозно да настапиме на светскиот пазар. Понатаму, би требало многу повеќе да се зафатиме и со развојот на расадничкото производство со што ќе си овозможиме квалитетен саден материјал“, вели професорот Петков.
Лозовите насади во земјава се застапени на околу 21.000 хектари, што е намалување во споредба со 2007 година кога површните под лозје зафаќале близу 25.000 хектари. Ј.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?