Добивај вести на Viber
Али е 12-годишно момче од градот Јаабада во палестинските територии и се бори со леукемија. Секоја недела неговата мајка Самехара го води во болница на разни тестирања.
Но, лекувањето кое му е потребно на Али не е достапно во Појасот Газа, па тој мора да патува во израелска болница, што создава огромен проблем, пишува Хафингтон пост.
Палестинските пациенти во тешка здравствена состојба, како што е Али, можат да добијат специјална дозвола за да примаат терапија во Израел. Но, не им е дозволено да се возат со сопствен автомобил откако ќе ја поминат контролната точка. Такси превозот, кој чини најмалку 150 долари, исто така не е опција.
Еден Израелец, Јувал Рот, ја покренал иницијативата „Пат кон заздравување“ за да им помогне на Палестинците со слична судбина како Али. Неговата организација има волонтери кои ги превезуваат Палестинците до израелските болници. Јувал има едноставно и човечко објаснување зошто се одлучил да помогне:„ Ако не им помогнеме, нема да можат да стигнат до болница“
Во видеото што можете да го погледнете
ТУКА, Јувал објаснува дека за основање на организацијата го поттикнала смртта на неговиот брат, кој загинал во израелско-палестинските судири. „Мојата катастрофа, смртта на мојот брат, ме натера да сфатам дека немаме време. Ако навистина сакаме да направиме разлика, мора да направиме нешто за окупацијата да заврши. Мора да направиме промена“, вели Јувал.
„Пат кон заздравување“ досега им помогнал на повеќе од 400 палестински семејства. Волонтерите на оваа организација имаат повеќе од 2.000 посети во болница.
„Јувал е една исклучителна личност на која многу и е важна човечноста. Не можам да ви опишам колку го почитувам, него не го интересира од каде доаѓаме. Никогаш не разговараме за политика или за нашите разлики. Кон Али се однесува како кон свој син“, раскажува мајката на болното палестинско момче.
Во меѓувреме, надвор израелско-палестинскиот конфликт и натаму беснее. Бројот на загинати Палестинци во израелската офанзива на Појасот Газа се зголеми на повеќе од 100, а Хамас непрекинато упатува ракети кон повеќе израелски градови и се заканува дека ќе го гранатира меѓународниот аеродром во Тел Авив.