МАЧНО Е ДА СЕ ВОЗИ НА ПАТОТ РАДОВИШ-ШТИП, УШТЕ ПОСТРАШНО СТРУМИЦА-БУЧИМ: Снегот е целосно неисчитен, се создаваат колони возила
Објавено во: Македонија 12 Јануари, 2025
Читатели на „Фактор“ известуваат за тешки услови на магистралниот пат Радовиш – Штип, кој е тотално неисчистен и претставува сериозен предизвик за возачите. Возилата на овој патен правец се движат со брзина од околу 40 километри на час, додека се создаваат колони од најмалку седум возила.
Според сведочењата, најкритична е делницата од Радовиш до Бучим, каде што патот е целосно под снег. По овој дел, расчистувањето е само делумно извршено, додека патниот правец Струмица – Бучим е опишан како „страшен“, поради сериозни снежни наноси.
„Се вози со максимум 40 километри на час, а колони од најмалку седум возила се движат низ снежните наноси. Делницата од Радовиш до Штип е целосно неисчистена, а по патот кон Струмица состојбата е уште полоша. Возачите се соочуваат со сериозни предизвици, а расчистувањето е минимално,“ сведочат читатели на „Фактор“ кои моментално патуваат на овој магистрален пат.
Во меѓувреме, ЈП „Македонијапат“ информира дека целокупната расположива механизација и работна сила се ангажирани за расчистување на коловозите. Во процесот се вклучени и соработнички фирми за поефикасно справување со снежните наноси. Дежурните екипи на терен работат на одржување на патиштата проодни, но условите остануваат сложени поради постојаните врнежи.
Состојбата на патиштата низ Македонија е критична, бидејќи земјата е под силно снежно невреме. Поради овие услови, ЈП „Македонијапат“ апелира возачите да бидат внимателни, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината на условите на патот.
Од претпријатието предупредуваат дека на одредени делници, особено низ клисури и усеци, можно е појава на одрони. Исто така, на неколку патни правци во земјата, како што се планинските премини, воведени се забрани за движење на тешки товарни возила поради превентивни причини.
А.Б.