ТЕШКА МЕХАНИЗАЦИЈА ВКЛУЧЕНА ЗА РАСЧИСТУВАЊЕ НА ПАТИШТАТА ОД СНЕГ: Подмрзнат автопатот „Пријателство“ кај Миравци
Објавено во: Македонија 12 Јануари, 2025
ЈП „Македонијапат“ информира дека нивната целокупна расположива механизација и работна сила се ангажирани за расчистување на патиштата, а во процесот се вклучени и соработнички фирми за поефикасно справување со снежните наноси.
Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег, кој е расчистен од страна на дежурните екипи.
Подмрзнат е коловозот на автопатот „Пријателство“ кај село Миравци, поради што утринава тешките товарни возила се пренасочуваа преку стариот пат Удово – Демир Капија. Според информациите од АМСМ, од 08:50 часот, овој дел од патот е затворен за камиони поради заледеноста.
Поради зимските услови, од превентивни причини воведени се забрани за движење на тешки товарни возила на следниве патни правци:
Крива Паланка – граничен премин Деве-Баир
Гостивар – Маврово – Дебар
Гостивар – Стража – Кичево
Планинските премини Пресека, Плетвар, Ѓавато
Делчево – граничен премин Делчево
Тетово – Попова Шапка
Од претпријатието предупредуваат дека на одредени патни правци, особено низ клисури и усеци, можно е појава на одрони.
Граѓаните се апелирани на внимателно управување со возилата, почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината согласно условите на патиштата.
Дежурните екипи на ЈП „Македонијапат“ се постојано на терен за да ги одржуваат сите патни правци проодни.
За подетални информации учесниците во сообраќајот можат да се обратат на дежурниот телефон: 02 25 61 502.