„ДАУТИ НЕ Е ДОСТОЈНА ДА ЈА ИЗВРШУВА ФУНКЦИЈАТА“: Мора итно да биде разрешена, бара Левица
Објавено во: Македонија 12 Јануари, 2025
Собранието изгласа интерпелација за пратеничката Илире Даути, при што заклучи дека наводите во документот предложен од партијата Левица се оправдани. Со интерпелацијата се утврди дека Даути, како претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, постапувала неодговорно и несовесно. Според заклучоците, таа повеќепати ги прекршила Уставот, законите и Деловникот на Собранието, особено преку блокирањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, познат како Законот за бранители.
„Со усвојувањето на овој заклучок, Собранието покажа дека пратеничката од Европскиот фронт не е достојна да ја извршува функцијата претседател на Комисијата. Очекуваме од нејзината пратеничка група итно да достави нов предлог за претседател на Комисијата“, соопшти партијата Левица.
Партијата истакна дека доколку Даути остане на функцијата, тоа ќе создаде опасен преседан кој целосно ја обезвреднува правната алатка на интерпелацијата. Според нив, ниту едно пристрасно или произволно толкување на Деловникот од страна на спикерот Африм Гаши не може да ја ослободи Даути од одговорност. „За жал, неговата пристрасност во овој случај изгледа мотивирана од етничката припадност на пратеничката“, додаваат од Левица.
Од партијата најавија дека во понеделник очекуваат Комисијата за прашања на изборите и именувањата да упати барање до Европскиот фронт да предложи нов кандидат за претседател на Комисијата за социјална политика. „Ако тоа не се случи, Комисијата мора да реагира и да ја разреши Даути од функцијата. Неприфатливо е претседател на комисија да биде личност која постапува незаконски и несовесно“, истакнуваат од партијата.
Левица предупредува дека доколку Европскиот фронт повторно ја предложи Даути за истата функција, тоа ќе претставува „подигрување со правните процедури“. „Мнозинството што ја изгласа интерпелацијата мора да остане доследно и да не дозволи ваков чекор“, нагласуваат од партијата.
Во однос на блокирањето на Законот за бранители, Левица апелира до власта да покаже политичка храброст и да изврши притисок врз спикерот Африм Гаши за да го замени секој претседател на комисија кој не си ги исполнува обврските. „Овој закон мора конечно да се одблокира. Недозволиво е со самоволие на еден претседател на комисија да се спречува законодавниот процес и да се руши легитимитетот на Собранието“, велат од Левица.
Партијата истакнува дека ваквите постапки можат да создадат опасни преседани кои би можеле да влијаат врз целокупниот законодавен процес во земјата. „Собранието мора да остане чувар на демократските вредности и да не дозволи вакви случаи да станат практика“, заклучуваат од Левица