Добивај вести на Viber
На 18‐ти и 19‐ти ноември во Скопје, во Музејот на револуционерната борба со почеток во 10:00 часот, Мајкрософт Македонија по вторпат организира „Недела на јавниот сектор“ во која ќе бидат организирани неколку работни средби и тркалезни маси. Настанот се организира во
соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.
Специјален гостин на настанот е господинот Џо Макри, Потпретседател на Мајкрософт ЕМЕА за Јавниот сектор, кој заедно со министерот за
информатичко општество и администрација, Иво Ивановски ќе се обрати на отворањето на настанот.
Покрај официјалната презентација на отворањето на настанот, Макри ќе одржи работни средби со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
За време на овие средби Мајкрософт на Владата на Република Македонија ќе и понуди план за заедничко инвестирање во создавање на Иновативен центар и потпишување на Меморандум за соработка за реализација на програмите на Мајкрософт за поддршка на трансформацијата на образованието, познати како ETA / Youthspark проект, кој дава можности на повеќе од 300 милиони
млади луѓе ширум светот за образование, вработување и практиканство.
Експерти од Мајкрософт за јавниот сектор ќе презентираат некои од најновите ИТ решенија за јавниот сектор и ќе модерираат дискусии на тркалезни маси за Предизвиците на модерните влади (Отворени податоци, Големи податоци), Интеракција со граѓаните (ЦРМ решенија за владини служби и СитиНекст платформата), Владин облак (Национален хибриден облак), Сајбер безбедност и Дигитален криминал.
Посетата на Џо Макри и планираните активности за време на „Неделата на јавниот сектор“ ќе послужат за зајакнување на партнерството помеѓу Владата на Македонија и Мајкрософт, адресирајќи некои од приоритетите на земјата со фокус на зголемување на можностите на младите луѓе за вработување и започнување на сопствен бизнис.