Интервју со Младен Маркоски, главен финансиски директор во А1, Бугарија
Македонец е еден од најдобрите менаџери во Бугарија: Не е толку едноставно да се преселиш
Објавено во: Економија 10 Декември, 2018
Тој е Македонец и еден од најуспешните менаџери во Бугарија. Професионалната приказна која ја краси искрен стремеж за успех и инспиративна визија го однесе Младен Маркоски на една од челните позиции во една од најголемите бугарски компании – телекомуникацискиот оператор А1. Годинава тој ја доби престижната награда на Ernst & Young Bulgaria – CFO of the Year 2018. Маркоски моментно е член на управниот одбор и главен финансиски директор во компанијата. Во интервју за Фактор вели дека не е лесно да се донесе одлука за живот надвор од родната земја, но дека тоа е и своевиден предизвик на денешното динамично време. Софија исто како и Скопје има проблем со аерозагадувањето, ама има негативна стапка на невработеност. Приказната на Маркоски е уште една успешна на Македонец кој работи надвор. За тоа има и престижно признание.
„Наградата CFO of the year 2018 е без сомнение најпрестижната награда која се доделува на менаџери во областа на финансиите. Кандидатите се рангираат на база на однапред утврдени критериуми во неколку сегменти: деловно планирање, ликвидност, управување со ризици, контролни системи и најважно - стратегија за развој на финансовата функција. Се разбира, за мене е огромна чест што бев номиниран уште во втората година на мојот професионален ангажман тука. Уште поголема чест е тоа што победив во година со навистина силна конкуренција. Сепак, победата е резултат на една многу сериозна тимска работа, таа е навистина заслуга на целиот мој тим, таа е јасна валоризација на сите досегашни напори и претставува дополнителен мотив за уште подобри резултати во иднина,
Веќе две години сте на позицијата во Бугарија, каков беше растот дотаму и од што најмногу беше детерминиран на личен план и професионално?
Кариерата ја започнав во КПМГ Македонија. Во 2002 се приклучив на контролинг тимот на Мобимак и од тогаш воконтинуитет сум во телекомуникациите. Во последниве единаесет години работам на различни позиции во рамките на A1 Telekom Austria Group: Имав огромно задоволство да бидам дел од start-up тимот кој го формираше Вип оператор во 2007. Во 2014 по аквизицијата на blizoo бев назначен за CFO, а во 2015 со формирање на кластерот Хрватска-Македонија кариерата веќе започна да се движи и надвор од границите на нашата земја. На сегашната должност како CFO на А1 Бугарија, стапив во ноември 2016, значи, пред малку повеќе од две години. По однос на мотивацијата, би кажал дека е комбинација од неколку фактори: најнапред личната определба за континуирано учење и развој, желбата за професионално надградување и на крај, но не помалку важно, стремежот за соочување со сѐ покомплицирани предизвици.
Работите во реномирана компанија. На што е фокусирана во моментов, кои се предизвиците за следниот период.
Ми претставува огромно задоволсто што сум член на менаџерсиот тим на А1 Бугарија, што успеа да направи вистински turn-around на компанијата: после десетина години континуиран пад на приходите и добивката, во 2016 имавме стабилизација, 2017 благ раст и еве сите параметри во 2018 продолжуваат во вистинскиот правец. 2018 ќе биде несомнено една од најуспешните години.
Во мај оваа година се ребрендиравме од Мтел во А1 Бугарија, следејќи ја групната политика за еден бренд. Проектот го завршивме со исклучителен успех. Телекомуникациите се сигурно еден од најдинамичните сектори во една економија. Тоа не тера да размислуваме надвор од традиционалните зони и тоа неколку чекори однапред. Насоките по кои се движиме се навистина многу, но, ќе издвојам неколку: продолжуваме со стратешката определба за инвестиции во спортските ТВ канали, оваа година освен за шпанското и италијанското првенство, добивме ексклузивни права и за лигата на шампионите, почнуваме подготовки за инвестиција во 5G мрежа, веруваме во концептот на “Умни градови” , влегуваме на пазарите за финансиски услуги, системска интеграција и софтвер.
Имате искуство во секторот и овде во Македонија, како гледате на опкружувањето таму и овде, кои се разликите?
Во однос на опкружувањето, би го разделил одговорот на неколку дела. Прво, во однос на обемите и пенетрацијата на пазарот, Бугарија има над 10 милиони активни корисници на мобилни услуги, над 2 милиони корисници на фиксен интернет и телевизија. Од друга страна, специфично за Македонија е тоа што има успешна приказна на концентрација на пазарот и овозможување на пристап на виртуелни оператори. Разлики има и во регулацијата, членството на земјата во ЕУ за операторите значи и регулирање на цени на роаминг и интерконекција. Има и сличности, на пример во однос на предизвиците на нелојалната конкуренција и пиратството, посебно од страна на малите кабелски оператори.
Како гледате на тоа што работите надвор од земјава, каква е вашата приказна?
Работењето надвор од родната земја според мене треба да се гледа од два аспекта. Од една страна, само дома си е дома - верувам дека никому не е едноставно да се пресели и да излезе од комфортот кој го даваат познатата средина, старите контакти и пријателства во кои се инвестирани години, како и поширокиот круг на семејството. Од друга страна, можноста да се биде во тек со последните тенденции, да се работи со многу поголема комплексност и поголеми обеми на бизнис, отвараат една комплетно нова димензија која не е - и најверојатно никогаш нема да биде достапна доколку се остане лимитиран во локални рамки.
За мене нема дилема, живееме во многу динамично и мобилно време, така да, човек кој пред себе поставил цел да се надградува интелектуално и професионално, нема друга опција освен да патува и активно да го запознава светот.
Таму сте со семејството? Ви недостига ли, и колку Македонија?
Да, од пред неколку месеци сме комплетни. До скоро патував скоро секој викенд во Македонија и мислам дека успеав да задржам извесен баланс. Во Македонија имав доста активен социјален живот, сега, контактите со моите пријатели и бивши колеги не се толку чести колку што би сакал да бидат. Сигурно дека има работи кои ми недостигаат од Македонија, но сепак, не сме толку далеку, доколку има неопходност, за неколку часа би можел да бидам во Скопје
Софија е град во кој често, поради близината, патуваат и наши сограѓани. Но, каков спој направивте вие: Каков е животот според вас во овој град?
Секој град има свои предности и недостатоци. Софија е убав град, како што знаете со околу 2 милиони жители, но со многу паркови и зелени површини. Во последните десетина години е доста многу инвестирано и резултатите се видливи и во однос на сообраќајната инфраструктура, деловни и резиденцијални згради како и во квалитетни трговски центри и угостителски објекти. Големината на градот си носи и специфики, посебно во сообраќајот, но предностите преовладуваат. За жал, квалитетот на воздух не е многу подобар од оној во Скопје. Интересен факт е дека Софија има негативна стапка на невработеност, луѓе од околните градови патуваат секојдневно на работа тука, меѓутоа недостатокот на работна сила е евидентен. Инаку, радосен сум дека многу често имам гости од Македонија, секогаш добредојдени!
Што правите кога не сте на работа?
Не би можел да се пофалам со многу слободно време. Кога не сум на работа се трудам да поминам колку што можам поквалитетно време во рамките на семејството, обично, прошетки низ јужниот парк на Софија, или во рамките на домот, со некоја интересна детска игра. Добра партија шах ми претставува задоволство, макар и на интернет, сепак премногу ретко се случува за да се нарече хоби.
Македонија е во една клучна фаза од развојот, на крстопат кон одбокирање на евроатланските интеграции. Како гледате на ситуацијата во вашата родена земја и кое сценарио и го посакувате?
Политичките коментари и политиката воопшто би ги оставил на луѓето кои се поголеми експерти од мене во таа област. Ја сакам Македонија и според мене, најважните нешта на кои би требало да се фокусираме се стабилност, брзо внатрешно помирување и подигање на животниот стандард.
Секогаш сум ги ценел повеќе луѓето кои градат мостови, а не ѕидови.
Земјава како и останатите земји од регионот има проблем со иселувањето на младите. Како гледате на овој проблем, има ли начин како да се стопира?
Миграцијата претставува проблем од два аспекта – прво се губат квалитетни кадри кои би можеле да бидат носители на сериозни и одговорни позиции во матичната земја. Дополнително, Македонија со континуитетот на миграција го намалува и така малиот капацитет на домашниот пазар.
Сепак, според мене, миграцијата е нормален процес. Не е проблем само на една земја или на само една влада во регионот. Во секоја земја и во било кој период од историјата луѓето го менувале своето место на живеење во потрага за подобри услови за живот. Не верувам дека постои начин за стопирање на миграцијата. Според мене многу поактивно треба да се работи на причините, а не на коментирање на последиците.
Александра Томиќ* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.