Добивај вести на Viber
Забраната од Србија ќе важи се додека Македонија не се справи со чворестата болест кај говедата
Србија поради болеста „јазлеста кожа“ кај говедата веќе еден месец не дозволува увоз или транзит на говеда од Македонија, Бугарија, Турција и Грција. Ова се земјите каде што Меѓународната организација за здравје на животните (OIE), ја има потврдено чворестата болест кај говедата. Засега не е познато до кога ќе трае одлуката за забрана од страна на Србија, но од српската Управа посочуваат дека рокот ќе зависи од тоа како македонските надлежни институции ќе се справат и ќе ја победат болеста.
„Поради појава на нови жаришта и ширење на болеста Dermatitis nodosa или јазлеста кожа во Бугарија и потврдени случаеви на заболени животни во Македонија, Упрвата за ветеринарство, Министерството за земјоделство и заштита на животната средина согласно Законот за ветеринарство, од 14 април 2016, презеде мерки за забрана за увоз или транзит на домашни говеда и биволи, диви животни и месо,кожа и семе за вештачко осеменување. На територијата на Република Србија поради превенција, спречување од појава на болеста или брзо откривање на болеста се издадени засилени мерки за контрола на здравствената состојба на животните во граничните делови на Србија“, се посочува во одлуката на српската Агенција за ветеринарство.
А на домашен терен болеста забрзано се шири. Бројката на заболени говеда достигна до 800 говеда.Фактор побара став од Агенцијата за храна и ветеринарство, во кои делови од земјава има најмногу заболени животни, колку се усмртени досега, до каде е набавката на вакцините, но одговор не добивме.
Пред два дена сточарите од Малешевијата протестираа барајќи решавање на проблемот со болеста. Тие бараат општините итно да почнат со авионско прскање против комараци.
„Треба да се уништуваат само заболените грла добиток, а другите нека се надгледуваат под одредени услови, нека се стават во карантин. И мора итно да се почне со авионско прскање против комарци“, вели сточар од малешевскиот регион.
Вчера сточарите од Малешевијата во Берово се сретнаа со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, од кого како што велат добиле уверување дека деновиве ќе се изврши дезинсекција во малешевскиот регион, со цел да се спречи ширењето на болеста преку комарците, мувите и мушичките.Директорот Поповски како што велат сточарите им ветил дека вакцините ќе стигнат за две недели.
Сточарите бројат штети
А сточарите веќе бројат штети, се усмртуваат и по цели стада, во кои со години се инвестирало. Апелираат што поскоро да почне вакцинацијата против болеста, додека сеуште може да се зачуваат стадата.
„Ние од тоа живееме, некои фармери имаат и по 80 грла, знаете што значи сите да им се усмртат? Штетите ќе бидат уште поголеми доколку не се превземат мерки.Треба да се набават вакцините, да се превземат превентивни мерки“, вели сточар од Малешевијата.
И дел од експертите укажуваат дека општините мора да почнат да прскаат против комраци и ларви, а фармерите треба превентивно да прскаат во одгледувалиштата со средства против комарци и ларви.Сепак посочуваат дека оваа болеста има низок процент на смртност но прави големи проблеми кај животните во однос на млечноста, што за сточарите претставува голема загуба.
„Болеста има висок процент на морбидитет (заболени животни) но генерално многу низок процент на смртност (1-3%; ретко може тој процент да биде и поголем и да достигне до 40%). Најголемиот проблем кај болеста е економскиот момент поради наглиот пад на млечноста кај кравите, појавата на абортуси, како и стерилитет кај кравите и биковите, намалениот прираст на товните говеда, намалената вредност на кожата (која се користи после колење на животните, а е последица на промените кои ги предизвикува вирусната инфекција), забраната на трговија со живи животни и нивни продукти, трошоците за вакцинација и контрола на болеста (дезинфекција, дезинсекција и слично).Кога ќе се регистрира во некој регион се уништуваат не само заболените туку и животните кои биле во контакт со тие животни“, вели професор д-р Славчо Мреношки од Факултетот за ветеринарна медицина.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавија дека сточарите ќе бидат обештетени за угинатите грла по пазарна цена. Во меѓувреме, во сила остануваат решенијата за неработење на сите девет добиточни пазари во земјава и забраната за транспорт на животни без официјална дозвола од ветеринар.Од Агенцијата укажуваат сите општини во земјава да спроведат прскање против комарци, а фармерите на отворите од шталите да постават заштитни мрежи.
Болестите дополнително го намалуваат добиточниот фонд
Последните статистички податоци покажуваат намалување на добиточниот фонд. За пет години намален е бројот на крави, овци, живина, свињи. Бројот на говедата од 265 илјади во 2011 година, лани се намалил на 253 илајди говеда. Намалување има и во бројот на кравите и стелни јуници, кој од 164 илјади пред пет години, лани е намален на околу 157 илјади грла. Бројот на живината лани изнесувал 1,7 милиони броја, додека во 2011 година имало скоро два милиони живина. Во 2011 година имало 766 илајди овци, а лани 733 илајди.
Според сточарите дел од причините се ниските откупни цени кои го прават нерентабилно производството, нередовната исплата на субвенциите, а дополнителен удар се болестите што се појавија кај добитокот изминативе години во земјава. Годинава од болеста „јазлеста кожа“ се погодени кравите, лани пак од болеста „син јазик“ најмногу беа погодени овците. Лани од болеста „син јазик“ угинаа над 7.000 добиток, а најмногу овци. Според проценките на Агенцијата за храна и ветеринарство од чворестата болест која прв пат се појавува во Македонија, се очекува да заболат околу 3.000 говеда.
Т.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: