Македонија произведува само 25 % суровина за месни преработки, останатото е увоз од сомнително потекло!
Објавено во: Агробизнис 22 Август, 2014 09:07
Имајќи предвид дека ние сме релативно многу чисто еколошко подрачје особено нашите ридско-планински подрачја, нашето производство на месо е многу посигурно и побезбедно од она што се увезува, вели проф.д-р Ѓоко Буневски од Катедрата за сточарство за при Факултетот за земјоделски науки и храна.
Фактор: Каква е моменталната состојба со домашното производство на месо потребно за месната индустрија?
Буневски: Според официјалните податоци што ги имаме од Државниот завод за статистка, околу 25 до 30 отсто од суровината за месни преработки е од домашно производство, остатокот е од увоз и е за жал со сомнителен квалитет.Во таа насока добро е што од оваа година според Уредбата и Програмата за финансиска поддршка на земјоделството, малку повеќе се дава акцент на стимулирање на грла за производство на месо кои ги продаваат во нашите регистрирани кланици и грла од кои ќе се произведува повеќе месо. Пред се тоа се мисли на системот крава-теле и на интензивното гоење.
Фактор: Со оглед на тоа дека речиси 90 отсто од говедското месо потребно како суровина за производство на сувомеснати производи доаѓа од увоз, имаме ли реална можност за намалување на милионскиот увоз?
Буневски: Ние со години имавме 7 до 8 илјади тони домашно производство на говедско месо. Претходната година производството се намали на околу 5 илјади тони, а од 14.000 до 16.000 тони увезуваме од Полска, Австрија, Аргентина и други земји. Тоа месо е со релативно послаб квалитет, за колку пари се купува нормално таков е и квалитетот.Секако дека домашното месо е подобро и ние имаме огромен потенцијал за производство.Имаме преку 600 илјади хектари под пасишта, што е одлична подлога за производство на говедско месо.
За насоката во која треба да се движи развојот на ова производство, разговаравме и во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство. Мојот предлог е во две насоки, прво да се вратат старите гоилишта на поголемите фарми каде што интензивно се гојат главно машки грла и второ тоа е системот во ридско –планинските подрачја, крава-теле. Ако овие два система повторно се форсираат и се субвенционираат се надевам дека тоа за брзо време ќе покаже и добри ефекти. Секако за се тоа е потребна анализа на терен и стратегија.
Субвенциите се добри но не се доволниФактор: Изминативе години Владата издвојува милионски суми за субвенции за сточартвото, но на терен резултатите покажуваат друго-намален добиточен фонд. Како треба да се насочат субвенциите во делот на говедарството? Буневски: Субвенциите помагаат и да не беа тие последниве години ќе имаше катастрофален пад. Ние и сега имаме пад и тоа е евидентно, но не само кај нас туку и во цела источна Европа . Но тој тренд треба да се стопира, а тоа единствено ќе се постигне со добро насочени мерки. Значи според мене субвенциите се добри, но не се доволни. На пример ако во Србија се дава 185 евра субвенции за грло говеда, кај нас со 2.800 денари по грло и плус оние субевнции за заклано во кланица сумата достигнува околу 4.000 до 5.000 денари, а тоа е релативно недоволно споредено со регионот. Значи треба сумите да се зголемат, и ефектот ќе биде видлив. Фактор : Дали намалениот добиточен фонд е клучниот проблем за недостигот од домашна суровина за месната индустрија? Буневски: Точно е дека добиточниот фонд е намален, но доколку по грло го зголемиме и производство на млеко и на месо, а има начини со подобрена исхрана, селекција, услови на држење или кај месото со поголема финална маса да не се колат на 200-250 килограми телеиња, туку да се колат јуниња на 400-450 килограми, така и овој фонд што сега го имаме би бил доволен. Но секако најдобро би било прво да се стопира падот на бројот говедата и да почне таа бројка да расте, но исто така мораме да работиме и на зголемување на интензивноста по грло односно на производството. Фактор: Дали производство на месо како суровина за сувозмеснати производи е поскапо во споредба со производството на свежо месо? Буневски: Ова прашање го доставивме како предлог до МЗШВ, треба да направиме анализа на терен и при интензивно гоење да видиме какви ќе бидат ефектите, но со моменталните цени на пазарот. Во секој случај од странските искуства она што се произведува дома доколку се поврзи со вертикалата односно со преработувачките капацитети секако дека ќе има ефекти. Тука е владината политика која ќе одлучи дали ќе стимулираме домашно производство или ќе правиме исклучоци со шлепери да се дозволува увоз.Од 2004 година и ние сме членка на Светската трговска организација, но затоа постојат други механизми со кои што треба да се заштитат домашните производители и оти при нелојална конкуренција најмногу страдаат фармерите. Но ќе дадам и една критика за фармерите, точно е дека концетратите се скапи, но ние на овие 600 илјади хекатри за жал не научивме да правиме квалитетна кабаста храна и ние за жал го компензираме тој недостаток со скапа увозна храна, тој проблем треба сами да си го решиме и да имаме поевтин и поконкурентен производ.
Листерија: Состојбата е алармантна, но не е фер да ги жигосаме месните индустрии!Фактор: Како ги коментирате последните случувања со појавата на листериозата? Буневски: Состојбата е алармантна и не е едноставна. Но од друга страна би било не фер за некои индустрии ако навистина нема листерија да се жигосаат, оти тие после тоа веднаш пропаѓаат, тие се обележани и никој веќе не би купувал производи од нив. Фактор: Дел од упатените во месната индустрија велат дека идеална подлога за листеријата се лошите хигиенски услови во фармите. Каква е состојбата со македонските фарми ? Буневски: Во големите фарми за производство за млеко самите правилници диктираат да има поголема хигиена и нормално на поголем број на грла има поголема контрола, особено кога фармерите се плаќаат по протеини, масти, а сега веќе ќе почне да се плаќа и по соматски клетки, значи според хигиената. Но проблем се оние другите околу 70 отсто фармери кои што имаат некаде некаде до 4 до 5 грла, каде имаат релативно лоши сместувачки услови, лошо молзење, нема дезинфекциони средства за пред и после молзење, ниту пак имаат соодветни базени каде што се врши пастеризација односно намалување на температурата на млекото веднаш после молзењете, е тука ни е нас проблемот. Ј.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина
Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?





