Добивај вести на Viber
Македонски Телеком е првата компанија во Групацијата Дојче Телеком со мрежа целосно базирана на интернет протокол (ALL IP). Модернизацијата на мрежата започна во октомври 2011 година и за само 25 месеци, сите 290.000 линии беа мигрирани на новата платформа.
Компанијата инвестираше 13 милиони евра, инвестиција што е значајна не само за Македонски Телеком, туку и за Македонија, која стана првата земја во Европа со мрежа целосно базирана на интернет протокол.
„Работиме на пан-европска мрежа која е целосно базирана на интернет протокол. Оваа мрежа ќе ги интегрира мобилните комуникации и фиксната мрежна технологија. А тоа ќе овозможи нов продукциски модел базиран на cloud“ – изјави Клаудија Немат, Член на Одборот на Дојче Телеком за Европа и технологија.
Целта на Дојче Телеком е до крајот на 2018 година, сите корисници низ цела Европа да бидат мигрирани на интернет протокол.
„Миграцијата кон мрежа целосно базирана на интернет протокол е голем предизвик. Со нејзиното успешно воведување, нашите колеги од Македонија се вистински пионери.Иако бројот на мигрирани корисници е мал во споредба со Германија, тимот се соочи со истите предизвици со кои ќе треба да се соочат и колегите во поголемите земји. Нашите колеги од Македонија меѓу другото мораа да најдат решенија за контрола на летови, алармни системи или големи претпријатија”, рече Немат.
IP технологијата користи интернет протокол за пренос на говор, што овозможува да се користат услуги од новата генерација и така да се одговори на сé поголемите потреби на корисниците во иднина.
Новата технологија ги замени дигиталните централи, односно PSTN технологијата и со неа воведувањето на нови производи и услуги на пазарот е многу побрзо од претходно. Со IP, ваквите воведувања на нови производи и услуги можат да се направат само за неколку дена. Исто така, ќе се овозможи и одличен аудио квалитет при разговор, пристап до различни услуги преку само еден уред, побогато портфолио на мултимедијални, конвергирани услуги, широкопојасен интернет за секој корисник како и Cloud услуги и итна ИТ поддршка преку далечински пристап за бизнис корисниците. IP мрежната технологија овозможи воведување на Интернет по потреба, целосно нов концепт кој им овозможува на корисниците онлајн да нарачаат пристап на интернет со голема брзина секогаш кога им е потребен со само еден клик.
„За нас, секој корисник е важен, а сега преку новата IP платформа, буквално секој ќе може да ги користи услугите на новата генерација, брзо, квалитетно и ефикасно. А тоа е и нашата цел, преку вложување во новите технологии, да овозможиме најдобро корисничко искуство. IP ги брише географските граници и е основа за сите идни услуги, а Македонски Телеком е многу напред, не само во регионот, туку и во рамките на Европа, и горди сме заради тоа“, изјави Андреас Маиерхофер, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Кон крајот на 2014 година, Словачка ќе биде следниот пазар кој ќе може да рече, "PSTN – 0 клиенти, IP – сите корисници". Следната година ќе следат Хрватска и Црна Гора, а потоа Унгарија. До 2018 година се очекува да заврши миграцијата во Романија, Грција и конечно Германија.