Македонија се подготвува за прифаќање на украински бегалци
Објавено во: Македонија 02 Март, 2022
Преземени се првите мерки за прифаќање на украинските државјани, соопштија од Владата по одржана 19-та седница.
Во контекст на последните случувања поврзани со Украина, на предлог на Министерството за надворешни работи, Владата на денешната редовна, 19-та седница, ја усвои Информацијата за состојбата со граѓаните на нашата држава во Украина и потребата за преземање мерки за прифаќање на украински државјани кои се приморани да ја напуштат својата држава.
„Согласно одлуката на Владата, специфични државни институции на Северна Македонија се задолжуваат во најскоро можно време да достават информации за расположливите државни сместувачки капацитети, со цел подготвеност за евентуална бегалска криза. Дополнително, на украинските државјани кои се затекнати во Северна Македонија и кои заради безбедносната состојба не се во можност да се вратат во Украина, ќе им се овозможи продолжување на престојот во земјава, додека за тие кои ќе бидат приморани да ја напуштат својата држава, нашите институции ќе обезбедат олеснет влез и без обврска за поседување негативен ПЦР тест за КОВИД-19 во Северна Македонија, поради хуманитарни причини“, велат од Владата.
Досега над 600.000 луѓе ја напуштија Украина. Во соседна Грција веќе има бегалци од Украина. И Јапонија најави дека ќе прими украински бегалци. Повеќе европски земји прифатија или ќе прифатат бегалци.