Македонски стартапи со глобални успеси тргнаа со инвестиции од Фондови за ризичен капитал - Како да се подготвите за инвеститорите?
Објавено во: Македонија 25 Јануари, 2021
Претприемачите и основачите на стартапи имаат
се поголем избор на можности за финансирање, како дома така и од странски
избори на инвеститори. Покрај ФИТР, комерцијалните банки, ангел инвеститорите
кои допрва треба да добијат поконкретна структура како и странските фондови, на
располагање им се и фондовите за ризичен капитал кои вложуваат во одреден
стартап во замена за сопственички удел во компанијата. Инвестиција од стотина
илјади евра во првата фаза може да биде клучна за одржување на стартап тимот
кој со посветеност на развојот на новиот бизнис модел треба да се фокусира на
освојување на пазарот или пак, трпеливо со градење на производот, услугата или
моделот да оствари скалабилност и експоненцијален раст.
За потенцијалот на фондовите за ризичен капитал во Македонија, но и трендовите кои претприемачите треба да ги развиваат во годината што претстои разговараме со Ели Жабевска, дел од тимот на South Central Ventures Partner. СЦВ Партнерс управува со средствата на фондот ЕНИФ кој претставува првиот и засега единствен фонд на ризичен капитал во нашата земја. Фондот е формиран во 2015 година во рамки на Инструментот за развој на претпријатија и иновации во земјите од Западен Балкан (WB EDIF) и располага со средства во износ од 40 милиони евра достапни за поддршка на иновативни стартап компании во земјите од регионот на Западен Балкан.
Фактор: 2020 година ја одбележа светската пандемија и намалената економска активност. Иако повеќе сектори беа погодени, ИТ индустријата и особено компаниите кои понудија дигитални решенија за конкретни проблеми забележаа огромен раст. Колку тоа влијаеше на промена на бизнис моделите на стартап компании кои се во потрага по финансии?
Жабевска: И покрај огромните неизвесности и предизвици во последната година, ИТ индустрија излезе како нето корисник во изменетите услови и околности за работа, иако во секој случај повеќето од основачите имаа тежок пат. Многумина од нив сè соочија со опаѓање на продажбата и мораа да ги изменат своите решенија, производи или пристап до пазарот и дополнително потешко беше да се добие финансирање, особено во првите неколку месеци по почетокот на пандемијата. Можеме да кажеме дека пандемијата имаше различни ефекти врз различни стартапи во зависност од индустријата или секторот во кој работат тие или нивните клиенти. Компаниите кои нудат иновативни решенија наменети за сектори како што се патување, туризам па дури и угостителството, од очигледни причини имаа сериозни негативни ефекти врз нивниот раст и општото работење. Овие компании мораа да ги пренасочат своите деловни модели за да преживеат така што видовме примери на компании кои успеаја да ги прилагодат своите производи за да одговараат на различна индустрија и/или тип на клиенти или дури и компании кои ја сменија својата работа кон нудење услуги.
Од друга страна, имаше голем број компании кои понудија вистински производ во вистинско време, поддржувајќи ја дигитализацијата на традиционалните индустрии или нудејќи производи и услуги за кои имаше поголема побарувачка, како што е е-трговијата, со што нивниот раст беше експоненцијален. Предизвиците со кои се соочуваа додека се обидуваа да го задржат позитивниот моментум, главно се сведуваа на тоа како да се зголеми нивната оперативна ефективност, да го скалираат производот во пократка временска рамка и да се задржи нивната добра репутација а нивните клиенти задоволни. Инстинктот за преживување е многу посилен во стартап заедница и сите инвеститори беа свесни дека обезбедувањето на капитал мора да продолжи и во новите услови за работа, па така би рекла дека повеќето стартапи низ Европската Унија и нашиот регион, беа во можност успешно да обезбедат финансиски средства од разни инвеститори.
Фактор: Како еден стартап најдобро да се подготви пред да се соочи со фонд на ризичен капитал, што е потребно за успешно претставување?
Жабевска: При анализа на нова компанија и нејзиниот потенцијал, секој инвеститор очекува одличен и целосно посветен тим на основачи кои имаат производ и услуга со одржлива конкурентска предност која може да овозможи натпросечна профитабилност и раст на бизнисот. Производот треба да одговара на потребите на пазарот, односно да идентификува реален проблем/потреба која ќе се задоволува со решението кое го нудат па оттука и доволно голем таргет пазар за тој производ. Основачите исто така треба да имаат и визија за бизнисот моделот односно дали нивното решение ќе го продаваат како продукт или како услуга со претплата, дали има можност за дополнителни извори на приходи и кои се купувачите за нивното решение, дали при продажбата ќе се насочат кон крајни корисници, големи корпорации, јавен сектор или можеби мали и средни претпријатија.
Од особена важност е основачите да имаат свест за сите аспекти на развојот на бизнисот, имајќи предвид дека не е доволно само да имате добар конкурентен производ или решение, многу е важно и да се има разбирање како истиот да го позиционирате и пласирате на пазарот што ќе придонесе за раст и посакуваната продажба.
Фактор: Што постигнавте како фонд за ризичен капитал во изминатата година, тешко ли беше да се инвестира во стартапи и да се вложи во нови идеи со оглед на неизвесноста и ограничените можности за дејствување?
Жабевска: Специфичностите на изминатата година ни помогнаа да ги потврдивме нашите претпоставки при инвестирањето, дека иновативните дигитални решенија се клучни во секое опкружување и дека инвестирањето во вистинските основачи кои имаат упорност, визија и знаат да се прилагодуваат согласно условите на пазарот, е победничката формула. Во последните 12 месеци работевме многу тесно со нашите портфолио компании, помагајќи им да ги оптимизираат своите процеси, да прифатат работа во тимови на далечина, да подигнат инвестиции од други инвеститори и да ги редизајнираат своите стратегии за раст имајќи ги предвид новите околности. Со гордост можеме да кажеме дека портфолио компаниите на фондот ЕНИФ вработуваат близу 1000 луѓе низ целиот регион. Значителен износ на капитал беше насочен кон регионот кој надминува 80 милиони евра, средства обезбедени преку фондот ЕНИФ и други 35 фондови на ризичен капитал и ангел инвеститори. Сепак, неизвесностите во окружувањето имаа свое влијание врз нашите активности во изнаоѓање нови можности за инвестирање, особено во првите шест месеци по почетокот на пандемијата.
Фактор: Сепак, дали имавте можност да реализирате инвестиција во нова компанија изминатата година?
Жабевска: Да, направивме една инвестиција и додадовме една нова компанија во нашето портфолио. Тоа е компанијата Оргностик (Orgnostic) со седиште во Белград, која гради платформа што им помага на компаниите одлуките за организациската поставеност и развој и стратешките насоки да ги базираат на податоци за човечкиот капитал за компанијата. Основачите имаат амбиција да докажат дека податоците за човечкиот капитал треба да бидат дел од стандардниот сет на податоци на секоја компанија, исто како што се и финансиските податоци.
Основачите имаат големо претходно искуство во успешни компании и големо познавање на индустријата за човечки ресурси и нејзиниот потенцијал. Тие успеаја да обезбедат финансирање во почетната фаза од развој на нивната компанија од повеќе инвеститори меѓу кои СЦВ, американски фонд за ризичен капитал и повеќе ангел инвеститори.
Случајот со Оргностик е интересен затоа што покажува како локалниот екосистем созрева по природен пат, органски создавајќи сериски претприемачи. Основачите се поранешни вработени (алумни) во успешни компании од регионот што додава вредност на целокупниот нивен кредибилитет како и на зрелоста на локалниот екосистем.
Фактор: Кои успешни приказни може досега да ги истакнете како пример за успешна инвестиција и развој на бизнисот?
Жабевска: Портфолиото на фондот ЕНИФ го сочинуваат 26 компании кои носат иновации во различни индустрии и сите компании покажаа дека се способни да се справат со непредвидени предизвици. Би навела само неколку компании кои постигнаа значителен напредок од нашата прва инвестиција и воедно го зголемија својот раст и покрај предизвиците во последната година.
Cognism (компанија која работи од Македонија и Велика Британија) стана глобален лидер во изнаоѓање на решенија за забрзување на продажбата и поефикасен начин на изнаоѓање на потенцијални клиенти. Тие покажаа голема издржливост во текот на минатата година и ги дуплираа своите приходи во споредба со претходната година. LinkedIn ги именуваше како еден од 10-те најперспективни стартапи во Европа. Компанијата има повеќе од 150 вработени и повеќе од 600 клиенти на глобално ниво. И покрај пандемијата, тие успеаја да обезбедат значителен износ на средства од меѓународни инвеститори во две инвестициски рунди.
Inplayer (компанија која работи од Македонија и Велика Британија) нуди платформа за монетизација на видео и дигитални средства од следната генерација која работи со најголемите медиумски и технолошки компании во светот. Inplayer има повеќе од 170 вработени, двојно ги зголеми приходите од минатата година, има скоро 1000 клиенти ширум светот и поддржува речиси 400 целосно дигитални настани месечно.
Agrivi (компанија која работи од Хрватска) нуди софтверско решение за управување со земјоделско земјиште со што им помага на земјоделците и корпорациите лесно да ги планираат, следат и анализираат сите нивни активности. Агриви има повеќе од 45 илјади корисници ширум светот и опслужува 100 пазари на глобално ниво. Компанијата беше именувана како една од 10-те најдобри агротехнички компании во светот. Во последната година, компанијата успеа да обезбеди дополнително финансирање од меѓународни инвеститори, вклучително и Европскиот Инвестициски Фонд.
Workpuls (компанија која работи од Србија) е водечко решение за мониторинг на активностите на вработените. Имајќи предвид дека компаниите сè повеќе се префрлаат на работа во тимови на далечина, решението што го нуди Workpuls стана нивниот главен приоритет. Компанијата успеа да ги зголеми своите приходи седум пати и да подигне средства од повеќе американски и регионални инвеститори. Тие беа именувани и како најдобар софтвер за следење на вработените од страна на еминентни аналитичари.
Фактор: Кои трендови според вас ќе бидат актуелни во годината што претстои и на што треба да се насочат иноваторите, претприемачите и стартапите за да ги привлечат инвеститорите?
Жабевска: Влијанието на пандемијата ќе продолжи да се чувствува и во следниот период, имајќи предвид дека успеа да ги промени барањата на потрошувачите, нивните очекувања и свеста на компаниите за потребата од дигитална трансформација. Она што започна како неопходност поради новите околности, ќе продолжи да се развива едноставно заради тоа што се покажа како попрагматично и помалку одзема време. Затоа, е-трговијата дефинитивно ќе добие уште поголемо внимание, како и роботиката и безконтактната испорака и достава. Силно верувам дека работата во тимови на далечина (remote work) е тука за да остане, затоа дизајнирањето на различни алатки што ќе им овозможат на ваквите тимови да работат беспрекорно е една перспектива што не треба да се занемари. Е-учењето и едукацијата преку интернет е уште еден тренд што се очекува понатаму да се развива, понатаму телемедицината и индустриската автоматизација.
Kомпаниите треба да изнајдат пазар за конретен производ кој на луѓето им треба и го сакаат, а потоа да се посветат на соодветен маркетинг и продажба на тој производ. Развојот на врвна технологија не секогаш подразбира успешна приказна, бидејќи основачите во тој случај честопати се премногу фокусирани на технолошкиот аспект. Инвеститорите би сакале да видат целосна визија во однос на прецизно позиционирање на иновацијата како решение за некој проблем или јаз кои постои на пазарот и начинот на кој основачите ќе го донесат решението до своите клиенти.
Фактор: Очекувате ли дополнителен развој на пазарот на фондови со ризичен капитал во Македонија и кои се вашите планови за наредниот период?
Жабевска: Гледајќи напред кон 2021 година, јас сум оптимист дека веќе растечкиот иновативен екосистем во нашата земја ќе продолжи да се развива, а СЦВ ќе биде тука да го поддржува тој развој. Екосистемот во нашата земја полека созрева, имајќи ги предвид различните иницијативи, институции и организации кои внесуваат разновидност и глас во развојот на екосистемот. Ова е важно, бидејќи само капиталот не е доволен и не гарантира успех за компаниите. Македонските претприемачи имаат можност да подигнат средства од безброј фондови на ризичен капитал на глобално ниво, бидејќи географската локација на компаниите не претставува ограничувачки фактор за повеќето инвеститори. Добрите компании, основачи и идеи привлекуваат средства и инвестиции без разлика каде се наоѓаат.
СЦВ ќе продолжи да ги поддржува своите портфолио компании во забрзување на нивниот раст и нивно подготвување за излез проследен со висока вредност, со цел да обезбеди натпросечен принос за инвеститорите во фондот ЕНИФ .
Покрај тоа, СЦВ е во постапка на покренување на нов фонд, кој треба да биде оперативен во средината на 2021 година и ќе донесе нов капитал во регионот за понатамошна поддршка на иновациите и претприемништвото. Она што е особено интересно да се спомене е дека интерес за оваа форма на инвестирање и обезбедување на приноси за своите средства покажуваат голем број на приватни инвеститори во земјата и регионот кои се подготвени да бидат дел од новиот фонд на СЦВ. Позитивните резултати, развојот на портфолио компаниите и нивниот значителен потенцијал, ја зголемија свеста кај приватните успешни компании и поединци за потенцијалот на оваа форма на финансирање што ми дава уверување дека тоа дополнително ќе придонесе за развој на екосистемот и ќе обезбеди уште поголем капитал за иновативните претприемачи.
Христијан Станоевеиќ* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.