Добивај вести на Viber
Македонскиот екс-министер за економија, Жанко Чадо, бил клучниот играч во банкротирањето на три фирми во Србија, поради што, без работа останале 1.300 работници. Тој парите ги префрлал на Девствените острови.
Клучната улога во банкротот на српските фирми “Агрохем”, ”Фиделинка” и “Навип”, ја одиграл поранешниот македонски министер за економија, Жанко Чадо, пишува меѓународната новинарска мрежа на истражувачи. Како што стои во истражувањето, Чадо ги оштетил овие фирми префрлувајќи ги нивните средства на сметката на својата оф-шор компанија. Ја контролирал фирмата, “Алисан маркетинг”, на Девствените острови, на чија сметка пред банкротот на “Агрохем” од нејзината сметка биле префрлени 6.9 милиони долари.
Исто така “Навип” бил продаден за помалку од шест милиони евра, иако само насадите со лозје вределе околу 30 милиони евра. По вина на овој бизнисмен и “Феделинка” од успешна компанија набргу станала загубар.
Според документите, Чадо бил директор на оф-шор компанија на Антигва, преку која индиректно го осигурал сопствеништвото во “Агрохем”. Според Истражувањето на ИЦИЈ, Чадо во деведесетите бил директор и акционер во “Алмако” и Англо-југословенската банка, кои банкротирале.
Во текот на 2003 две српски компании, “Фармакем” и СММ метал и минерали” станале доминатни сопственици на “Агрохем” и тоа со повеќе од 80% од капиталот. Чадо бил директор на компанијата, “Фертрејд” со седиште во Антигва, која ги контролирала “СММ метали и минерали” и “Фармакем”. “Агрохем” го обезбедил капиталот на компанијата “СММ метали” за куповување на акциите на “Агрохем”, така што зел кредит од банка.
Агрохем во декември 2007 уплатил 6.9 милони долари на сметката на компанијата ” Алисан Маркетинг” на девствените острови, зад која стои Чадо. Парите наводно биле наменети за купување на 37% од акциите на суботичка, “Феделинка”. Чадовата компанија, ” Алисан Маркетинг”, презела 19% од акциите на “Феделинка”, додоека друга компанија, “Маури систем”, купила речиси 25 % од акциите. Остатокот од околу 20% акции поминале во сопственост на швајцарската компанија, “Минеко”.