Македонските уметници во трка за четири милиони денари?!
Објавено во: Економија 28 Јуни, 2013 13:44
За збогатување на музејските збирки во „Музејот на современа уметност“ и „Националната галерија“, Владата ќе издвои четири милиони денари за откуп на дела од ликовни уметници.
Македонските уметници наредната година ќе можат да се јават на јавен конкурс кој ќе го распише Министерството за култура.
Со овој чекор на Министерството за култура и Владата имаат за цел да ги унапредат состојбите во ликовнат уметност, кои генерално се лоши.
„Со откупот на ликовните дела ќе се зголеми ликовниот фонд, ќе се стимулира творештвото, ќе се создаваат дела за градење на историскиот континуитет. Истовреме ќе се покаже грижа за културното наследство и ќе се трасира развојот на творештвото. Ова е начин за подобрување на состојбите во ликовната уметност, а откупот на делата ќе ги стимулира авторите за поголемо и поквалитетно творештво,“ истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Таа додаде дека ликовната дејност е значаен сегмент од заложбите на Минстерството за култура со што и до сега се издвојуваше финансиска помош за докажани автори.
Оттаму соопштуваат дека ќе се откупуваат дела од уметници кои учествувале на значајни групни изложби во земјата и странство, потоа дела кои се застапени во значајни светски публикации, млади уметници со истакнат ликовен израз.
Делата ќе бидат селектирани од Комисија во координација со Министерството за култура.
Уметникот Александар Станковски потенцираше дека државата во последните три децении ништо нема сторено на ова поле и затоа постои празнина во збирките на дела од современа уметност во период од 30 години и тоа во време кога нашата уметност се издигна на светско ниво.
„Приватните колекционери кои и во минатото беа во незначителен број, денес речиси и не постојат. Купувањето на дела поради економската криза денес е сведено на нула. Овој гест е како да му дадете вода на прежеднет човек. Стимулација и надеж за уметниците кои до сега твореле ентузијастички и од свои средства се финансисрале.Тоа е чиста голгота која многу добро ја познавам,“ изјави Станковски.
Од Министерството изразија надеж дека со овој потег можеби ќе се поттикнат и другите институции кои имаат приватни збирки, да го зголемат својот опус на дела и да купуваат од македонските ликовни уметници.
Можеби ќе ве интересира
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега




