Добивај вести на Viber
Иако уште лани во септември беше помпезно најавено дека 40 контејнери вино ќе отпатуваат во Кина, зделката се уште не е реализирана. Во Здружението на винарници Вина уверуваат дека договореното сепак ќе се реализира за неколку месеци.
Извиси извозот на македонско вино во Кина. Иако уште во септември минатата година Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот најави дека посредувала седум винарници од Здружението Вина да склучат договор со кинеската компанија Тиенџин за извоз на вино, до денеска зделката не е реализирана. Винарниците требаше веднаш да извезат 40 контејнери вино или 456.000 шишиња, а тоа го најави и Ѓорѓи Петрушев од Здружението Вина.
Во Здружението Вина, објаснуваат дека Тиквеш, Сковин, Стоби, Попов, Дудин, Камник и Езимит имаат потпишано договори со кинеската фирма, но конкретни детали каде запнала работата не откриваат.
„Периодот од потпишувањето на договорите до денес беше искористен за спроведување на неопходните подготвителни активности од страна на кинескиот увозник, промоција на виното пред потенцијалните крајни купувачи, дефинирање на логистичките прашања, како и редица други аспекти поврзани со отварањето нови пазари. Се очекува реализацијата на договорот и првите испораки да отпочнат најдоцна до октомври годинава“, велат во
Здружението Вина Македонија.
Неофицијално пак, проблемот е кај кинеската компанија која се уште се преиспитува дали и каде ќе го пласира македонското вино. Македонскиот промотор во Кина активно работел на решавање на проблемот.
Виното кое е договорено да се извезе во Кина е во вредност од 1,5 милиони евра, а за реализација на договорите, винариите добиле и значителна поддршка од македонската амбасада во Кина.
Кина- неостварен извозен потенцијал за македонските винарници
Иако дел од винарниците, самостојно имаат каков -таков извоз во Кина и Хонг Конг, сепак Кина е дестинација што винарнците со години се обидуваат заеднички да ја освојат, особено поради силниот економски раст и поради тоа што земјата истовремено станува се поголем производител и потрошувач на вино во светски рамки.
Уште минатата година беше најавена владина поддршка за организиран настап на македонските компании на светски саемски манифестации, како и за финансирање на трошоците за закуп на саемски простор.
„Владата ќе финансира и изработка на маркетиншка платформа за препознатливост на Република Македонија како винска земја, и за квалитетот на градинарските производи и овошјето на светските пазари. Ќе бидат финансирани изработка на визуелни симболи, видеоклипови и маркетиншки концепти, на кои ќе се базира настапот на странските пазари, со тоа што истиот ќе треба да се разликува по извозни дестинации и за различните земјоделски производи“, изјави
владиниот портпарол Александар Ѓоргиев.
Македонија се декларира како винска земја, која годишно произведува 90 милиони литри вино, а од извозот на вино инкасира околу 40 милиони евра. Експертите сугерираат поддршката за промоција на Македонија како винска земја да не биде само преку рекламни спотови, туку преку поддршка на организиран настап на саеми но и ангажирање на маркетинг агенции кои ќе утврдат кои се таргет пазари за извоз на македонските вина но и нивно внесување во дистрибутерските канали.
Сепак, според винарниците, она што останува како предизвик е да се смени перцепцијата кај странските консументи дека во Македонија има солидно евтино вино.
J.J.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.