Добивај вести на Viber
Градоначалници и раководители на секторите за урбанизам заработија кривични и прекршочни пријави поради нерегуларности во процесот на легализација на дивоградбите, дознава Фактор од извори надлежни за контрола на општините во спроведување на постапката за легализацијата. Според нашите сознанија, надлежните институции за оваа состојба веќе ја информирале и Владата на седница.
Инспекторите од Државниот управен инспекторат поднесуваат кривични и прекршочни пријави поради нерегуларности во процесот на легализација на дивоградбите. Кривична пријава е поднесена против поранешниот градоначалник на општина Сопиште, и против уште едно лице од општината.
Уште една кривична пријава, според информациите на Фактор е поднесена и во општина Радовиш. Во истата општина има и барање за поведување на прекршочна пријава за раководител на сектор.
За какви точно злоупотреби и малверзации во процесот на легализација се теретат градоначалниците и раководителите, никој не сака да открие, ниту пак официјално да потврди дека има поведено некакви постапки. Но, извори за Фактор, кои работеле на контрола на случаите велат дека во некои општини, спротивно на правилата се примале барања за легализација и по завршувањето на законски утврдениот рок за легализација.
„Имено, на оние што сакале да легализираат објекти откако рокот за тоа истекол, тоа им било овозможувано така што службите им давале бројчиња од старите предмети. Па така на едно бројче, кое треба да се однесува за еден предмет за легализација, некаде се воделе и по неколку предмети. Веројатноста дека за таквите услуги се наплатувало и екстра е отворена“, велат нашите извори.
Прекршочни постапки: Градоначалник спречил инспектори да извршат контроли
Според информациите на Фактор, инспекторите поднеле и неколку барања за поведување на прекршочна постапка до надлежените судови, дел против градоначалници, дел против раководители на сектори урбанизам.
Прекршочна постапка ќе биде поведена против градоначалникот на општина Чучер Сандево, Јован Пејковски. Во оваа општина, според сознанијата на Фактор, инспекторите не успеале да направат контроли бидејќи не им било дозволено целосно и комплетно да ги скенираат барањата за легализација за да утврдат нерегуларности. Дека биле попречени во својата работа, инспекторите веќе ја известиле и Владата, со образложение оти таму градоначалникот не им дозволил да се изврши контролата.
Барање за прекршочна постапка, ќе биде поведено и против поранешниот градоначалник на општина Свети Николе, како и против градоначалникот на општина Босилово.
Според информациите на Фактор, барање за поведување прекршочна постапка заработил и еден раководител на сектор во општина Радовиш.
Дисциплински постапки
Управната инспекција поднела 5 иницијативи за поведување на дисциплинска постапка, од кои 3 против раководители на сектори, една против државен службеник за непревземање на дејствија по барањата во управна постапка и една против службено лице вработено во писарницата задолжена за прием и заведување на актите во соодветната евиденција и нивно експедирање.
Се чека исходот од порамнувањата во некои општини
Се уште не се знае исходот од некои општини. Дали и таму ќе бидат превземени чекори за прекршочни пријави се чека на поравнувањата што треба да се направат.
„Односно, бидејќи во дел од општините каде инспекторите направиле увид, некои од градоначалниците постапиле по решенијата што им биле доставени од Државниот управен инспекторат и во определениот рок ги отстраниле неправилностите, но, дел тоа не го сториле, Државниот управен инспекторат за нив повел постапки за порамнување. Постапките се поведени против поранешни или сегашни градоначалници на општините и против раководители на сектори за урбанизам и просторно планирање.“
Бидејќи не биле отстранети недостатоците утврдени од страна на инспекциите со решението, во Битола доставена е покана за поравнување до градоначалникот
Владимир Талевски. Слично е и со Босилово. Поравнување било побарано и од сега веќе поранешните градоначалници на Вевчани,
Перо Илиевски, како и на Велес,
Горан Петров.
Доставени биле и покани за поравнување во општините Врапчиште до градоначалникот
Бајрам Кадриј, Ѓорче Петров до градоначалникот на општината. Потоа Градско до претходен градоначалник
Глигур Коцев, исто како и во Другово до поранешен градоначалник.
Слична е состојбата и во Зајас, Зелениково, Кичево Могила, Охрид, Струга , Студеничани, Шуто Оризари.
Според сознанијата на Фактор, Државниот управен инспекторат извршил инспекциски надзор во 84 општини во земјава, за да се види како постапуваат по барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.
С.Н.