Марина Тунева: Користењето националистичка реторика не може да заврши добро!
Објавено во: Македонија 14 Март, 2017
“Заложбите да се стишат гласовите на
граѓанскиот сектор, медиумите или упатувањето закани кон нив, нивното етикетирање
како непријатели е сосема неприфатливо. Доколку продолжи таквата стигматизација
во општественото поведение, јавниот дискурс и етерот, тоа дефинитивно ќе значи
дека сме во општество без демократски капацитет. Ситуацијата е алармантна. Не е
потребно само да се подигне свеста за опасноста од говорот на омраза, туку
треба да се спречат понатамошните последици, кои може да бидат и фатални” -
вели за Фактор, д-р Марина Тунева,
професор и извршен директор на Советот за етика во медиумите.
Tенденциите на користење говор на омраза, примената на насилство, вербално и физичко, смета дека се се’ поприсутни и тоа станува незапирлив „магичен“ круг, во кој насилството може да доведе до ново насилство, а тоа, пак, до штетни последици врз мирот и редот во општеството и поделби меѓу луѓето.
Протестите на кои се испорачуваат националистички изјави и пораки, серијата напади врз новинарските екипи и острата реторика врз невладиниот и граѓанскиот сектор според неа генерира и поттикнува страв поради конструкцијата на таканаречениот „патриотски репертоар“ и паралелното создавање перцепција за „другиот“ како закана. Дополнително се’ почестата манипулација со етничкиот сентимент, може да доведе до несогледливи последици во општеството.
“Користењето националистичка реторика не може да заврши добро. Како последица на таа реторика, кај народот се создава чувство на несигурност, дека постојат безброј непремостливи пречки. А тоа, во основа, произлегува од политичката дебата. Имаме лекции од минатото. На државата и’ треба иднина, а не националистичка реторика”- вели Тунева.
Присутноста на ваквите појави, како во медиумите, така и воопшто, ја наметнуваат потребата за итно преземање соодветни мерки. Според неа потребен е системски одговор и сите кои сносат одговорност и надлежности во врска со адресирањето на говорот на омразата да реагираат координирано и веднаш.
“Како инструмент за пренесување говор на омраза и поттикнување насилство се почесто се користат и медиумите. Во последно време тие неретко се злоупотребуваат за ширење стереотипи, предрасуди, стигматизирање и поттикнување на дискриминација. Медиумите и самите се појавуваат како креатори на говорот на омразата или, пак, едноставно, прават проста репродукција на она што е веќе присутно во еден медиум. Но уште почесто, медиумите служат како инструмент за ширење на таквиот говор кој го креираат политички партии, институции, радикални елементи во општеството. Погрешните пораки се’ почесто го освојуваат и контаминираат медиумскиот простор, што, секако, е одговорност на новинарите и уредниците”- нагласува директорката на Советот за етика
Колку побрзо и поефективно се работи на справувањето со ваквите проблеми, според неа толку помалку стравот ќе се канализира во контрапродуктивен пристап што може да ги сврти луѓето едни против други. Оттука вели дека е потребна заштита преку административните и граѓански закони и постапки, а во случаите на поттикнување омраза да се применуваат кривични санкции.
“Освен судството и обвинителството, важен е и одговорот на Комисијата за заштита од дискриминација, Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Советот за етика во медиумите на Македонија, професионалната новинарска заедница. Политичарите, институциите, медиумите, граѓанскиот сектор, секој кој може да помогне да се избегне и отфрли опасната реторика, потпалувачките говори и дејствувања и да помогне во нормализација на односите”- смета Тунева.
Националистичката реторика како што вели треба јавно да се осуди. Советот за етика во медиумите досега неколкупати апелираше дека недостигот на медиумска слобода не смее да се искористува како аргумент за погрешно однесување и пласирање невистини кои му создаваат трајна штета на новинарството и повреда на интересот на јавноста. Без медиумите смета дека не би се осуетиле и обидите на носителите на моќ за нечесно извлекување придобивки на сметка на интересот на јавноста.
“На шпекулациите треба да им се стави крај, како и на градењето дебати врз основа на лаги и пропагандизам. Институциите на системот треба да го пресретнат и спречат мобилизирањето поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мирот во општеството.Во студија на журналот Економик од јуни 2016 година се истражува потребата на политичарите за “непријатели“ и начинот на кој таа ги поттикнува да ја одржуваат својата идеологија и активности. За жал, таквите тенденции се забележливи и од страна на политичари во Македонија. Говорот на омраза е кривично дело. Во домашното законодавство постојат одредби кои што го криминализираат таквиот говор. Тие се содржани во Кривичниот Законик, во Законот за спречување и заштита од дискриминација, во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Но она што е најважно е да се почитуваат законите и демократските принципи, а пред се’ политичка волја да се смират тензиите”- нагласува Тунева.
Затоа уште еднаш ја потенцира важноста на медиумите, кои мора да ја одиграат својата улога на смирувачи на тензиите, не смеат да се служат со говор на омраза, поттикнување на насилство и за таквото свое поведение да се затскриваат зад превезот на слобода на говорот. Разликата, порачува Тунева треба да се знае - “Слободата на говорот води до дебата, а говорот на омраза поттикнува насилство!”
С.Б.