Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
Објавено во: Македонија 19 Декември, 2025 12:09
Обвинителството излезе со детали за предметот со кој е опфатен Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за матични книги и актуелен вработен во ЕВН Дистрибуција.
„Завчера во текот на ноќта помеѓу 17 и 18.12.2025 година и вчера, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал спроведоа координирана акција на повеќе локации во Скопје и околината, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани. Во рамките на акцијата од слобода се лишени 11 лица. Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 33 лица, поради основано сомнение дека сториле кривични дела од економско-финансиска природа. Сите осомничени лица се товарат за кривично дело Злосторничко здружување. Дополнително, седум лица дел како помагачи, а дел како поттикнувачи, се осомничени за продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, 12 лица за продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на 20 лица на товар им се става дека, како соизвршители, сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело“, стои во соопштението.
Според наводите во наредбата за истрага, во текот на 2023 година тројца осомничени како службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и четворица управители и/или сопственици на двете осомничени правни лица создале група со цел вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело. Кон групата се приклучиле останатите 26 осомничени лица.
„Во текот на 2023 година, со намера да се изигра постапката, по претходно договорена и изготвена техничка спецификација за набавка на „СКАД Ормари мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција на топлина Дооел Скопје, дел од припадниците на злосторничкото здружување, во својство на службени лица не ја извршиле својата службена должност и постапиле спротивно на законските прописи и внатрешните акти. Истите договориле на огласот за јавна набавка, да се пријават двете осомничени правни лица од Скопје и од Куманово. Правното лице од Куманово се јавило како економски оператор со непотполна документација и со понуда повисока од понудената цена од правното лице од Скопје, кое понудило речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако вредноста не била објавена во огласот за јавната набавка. Со ова дејствие овозможиле правното лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка на СКАД ормари и да се стекне со противправна имотна корист во вкупна вредност од 472.470.407 денари со ДДВ, односно 7.682.445 евра на штета на Буџетот на ЕСМ Дистрибуција. По извршувањето на горенаведените предикативни кривични дела, пријавените од 2023 до 2025 со намера за себе или за друг да прибават противправна имотна корист и да го прикријат потеклото, движењето и сопственоста на паричните средства, истите во вкупен износ од 125.556.930,00 денари, односно 2.041.576 евра, ги пуштиле во оптек, примиле и пренеле и со вака преземените дејствија го извршиле битието на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Ценејќи ги околностите јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, достави предлози што беа прифатени од судот и со Решение на седум лица им е определена мерка притвор, додека за шест лица се определени мерки за обезбедување на присуство“, велат од Обвинителството.
Можеби ќе ве интересира
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината
Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица
Орце Ѓорѓиевски: Финансиска полиција подигна обемна документација од Град Скопје, Комунална хигиена и ЈСП
АХВ ВО КОНТРОЛА НА НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА: Еве што открила
„ТОА Е ИСТО КАКО ХИТЛЕР ДА ТЕ ПОФАЛИ ЗА ДОБРИТЕ РЕФОРМИ ШТО ГИ ПРАВИШ“: Најчевска за пораката на Трамп дека сме на добар пат во развојот на демократијата




