02 Декември, 2024
0.0729

Мартин Трајчев, менаџер на “Милкооп“: Како до повисок квалитет на млекото и подобри откупни цени?

Објавено во: Агробизнис 06 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Здружувањето во кооперативи е најдобриот начин на кој земјоделците може да постигнат поголемо производство и поголем пласман на земјоделски прпоизводи. Иако во Македонија има неколку обиди за организирање на фармерите во кооперативи, сепак оваа форма на здружување сеуште не е толку застапена. Менаџерот на Милкооп, една од малкуте кооперативи во државата во интервју за Фактор зборува за поволностите кои фармерите ги имаат здружени во кооператива Досега има повеќе обиди за организирање на фармерите во кооперативи, но сеуште овие претпријатија не се видливи на пазарот и нивниот удел во трговијата со земјоделски производи е занемарлив? ТРАЈЧЕВ:Кооперативите како нова форма за деловна соработка меѓу земјоделците се појавија последниве 7 години, како резултат на потребата и желбата на еден дел од фармерите во Македонија за користење на донаторската помош која им беше на располагање, а која после неколку години беше прекината, што се одрази и на процесот на развој на кооперативите. Појавувањето не беше резултат на еден природен развоен процес туку повеќе како потреба наметната од донаторите и позитивната деловна логика. Сепак кооперативите во Македонија, не можеа така лесно да се  пресликаат и да почнат со работа во Македонија, бидејќи не е доволно да има само парична помош и декларативна заложба од страна на земјоделците. Сметам дека многу недостасуваше –чувството на сопственост во кооперативите од страна на фармерите - и ние а и сите други кои планираат да формираат кооперативи мора да го гледаат сопственичкото право и низ призмата на обврски. Тука сметам, е предноста на Милкооп. Пред да се пристапи кон формализирање на постоењето на кооперативата, бројни часови беа потрошени на анализи (правни, деловни, финансиски) и Милкооп е резултат на долгорочно планирање. Процесот на планирање нè доведе до кооперативата како најсоодветен бизнис модел, а не обратно, бизнис моделот да нè води низ процесот на планирање. Што е Милкооп?  ТРАЈЧЕВ:Како што индицира и името на компанијата, Милкооп, е кооператива за млеко, односно за трговија со млеко, која функционира во интерес на неговите основачи. Зошто фармерите да го продаваат млекото преку Милкооп? ТРАЈЧЕВ:Милкооп е кооператива од фармерите, за фармерите. Нашиот идентитет го градиме на две основи: штитење на интересите на нашите членови и нашите кооперанти и инвестирање во кооперативата со цел да се постигне повисок квалитет на млекото, а со самиот квалитет ќе обезбедиме и подобри откупни цени и позиција на кооперативата во синџирот на набавки. Сметаме дека ќе успееме да се позицинионираме на пазарот со добра цена за понуденото млеко, но и со квалитетна добиточна храна, која покрај прифатливата цена ќе може да се зема на одложено плаќање. Покрај овие две предности, а тоа се повисоки цени за млекото а пониски цени за храната, на нашите членови и кооперанти ќе им обезбедиме и обуки за хигиена на фарма и исхрана на кравите, правни совети, ветеринарни совети, проверка на квалитетот на млекото но и помош околу обезбедувањето на субвенции од страна на државата кои со стратегијата за развој ќе го поттикнат производството на квалитетно млеко. Се разбира, очекуваме да соработуваме со државата и во сферата на кооперативниот развој. Рековте ќе имате и членови и кооперанти. Зошто поделба на фармерите на овие две категории? ТРАЈЧЕВ:Јас ова категоризирање не би го нарекол поделба, туку фазно зголемување на сопственичкото тело на кооперативата.  Со нашите планови за развој, сметаме дека истиот треба да се одвива на база на издржани параметри и кооперативата да се развива со одржливо темпо. Немилите настани од нашето блиско минато и безмалку крахот на млекопроизводството во Македонија, нè прави да размислуваме претпазливо. Воедно, сакам да нагласам дека и кооперантите ќе ги имаат истите услови за откуп на млеко како и членовите на кооперативата. Во моментов во Македонија има недостиг на млеко. Како планирате да бидете конкурентни во однос на големите откупувачи? ТРАЈЧЕВ:Недостигот на млеко, односно моменталните количини не се константа која не може да се менува, односно, зголемува. Количините на млеко на нашите членови и нашите кооперанти ние планираме да ги зголемиме преку соодветна исхрана на кравите, преку помош за подобрено менаџирање на фармите и други инвестиции за зголемување на конкурентноста. Инаку, не сметаме дека ќе бидеме нечија конкуренција, ние сметаме дека има доволно простор за сите. Што е со конкуренцијата од ЕУ и земјите од регионот? ТРАЈЧЕВ:Зголемената конкуренција од земјите од регионот и од ЕУ е резултат на повеќе поместувања на пазарот на млеко – првенствено, сметам дека внатрешните фактори како затворањето на повеќе фарми и намалувањето на сточниот фонд заради случајот Сведмилк, сушната година, спорото прилагодување на европските стандарди и слабата преговарачка позиција на фармерите заради индвидуалниот настап на пазарот отвораат простор за зголемена конкуренција. Од друга страна пак, увозот на млеко во разни форми за доработка во Македонија исто така значително влијае на лошата позиција во која се наоѓаат земјоделците. Останува да се види и како ќе изгледа реформираната заедничка земјоделска политка на ЕУ која предвидува и укинување на квотите за производство во ЕУ, процес кој ние будно го следиме а кој може да влијае на дополнително зголемување на конуренцијата од странство. Покрај горенаведеното, сметам дека силната и фер соработка со домашните млекопреработувачи ќе ни овозможи да се носиме полесно со конкуренцијата од надвор. Тоа е добро и за државата, и за фармерите и за потрошувачите. Каде планира Милкооп да го продава млекото? ТРАЈЧЕВ:Милкооп млекото ќе го продава на оние млекопреработувачи кои ќе обезбедат најдобри услови за откуп врз основа реални економски параметри. Покрај финансиско-економските аспекти, ние во предвид ги земаме и квалитативните параметри како поголема застапеност на домашното млеко на домашниот пазар и сигурен пристап до храна од страна на домашните потрошувачи.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.