МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ И СЛЕДНАТА ГОДИНА: Тренчевска уверува дека Владата има пари и за 2023
Објавено во: Македонија 10 Декември, 2022
Министерката за
труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска увери дека во буџетот на
Владата има средства за 2023 година доколку економската и енергетската криза
продолжат и дека и понатаму ќе може да се креираат нови антикризни мерки кои ќе
бидат наменети за најранливите категориии на граѓани. Вели дека веќе е донесен
Законот за финансиска поддршка на ранливи категории за справување со
енергетската криза, истакнувајќи дека се мапирани најранливите категории
граѓани.
Тоа се корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, пензионери со пензија во висина од 14.000 денари, со телесно оштетување и невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување и паричен надоместок.
Посочи дека помошта која ја добиваат пензионерите, чија пензија не е поголема од 11.525 денари е 1.500 денари месечно плус за период од четири месеци, како и пензионерите на кои пензијата не им е поголема од 14.000 денари, добиваат помош од 750 денари месечно за период од четири месеци.
Министерката најави дека од понеделник МТСП ќе ја исплати паричната помош за повеќе категории корисници кои ќе добијат финансиска поддршка од 3.000 денари месечно за период од четири месеци.
-На 14 декември ќе биде исплатена и паричната помош за невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок од страна на Агенцијата за вработување и овие лица ќе добијат финансиска поддршка од 3.000 денари месечно за период од четири месеци. Граѓаните имаат можност да проверат дали се на списоците објавени на веб-страницата на Министерството, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Агенцијата за вработување. Доколку некој не се наоѓа на списоците, а смета дека ги исполнува условите, треба да поднесе приговор во архивата на Министерството и на официјалната електронска пошта. Комисијата формирана за одлучување по приговори за финансиска поддршка одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот, истакна министерката.