МИА: Не е точно дека по налог на Атина сме го коригирале Заев
Објавено во: Македонија 22 Септември, 2018
Грчкиот весник „Екатимерини" открива дека по интервенција од Атина македонската државната новинска информативна агенција ја сменила изјавата на премиерот Зоран Заев дадена за Македонската телевизија во Вашингтон, но од таму демантираат и велат дека секогаш прават подоцнежно редактирање и корекции.
Во изјавата за МРТ, по средбата со потпретседателот на САД Мајк Пенс во Вашингтон, Заев вели дека „додавката 'северна' нѐ боли сите исто, но нема друга Македонија освен нашата, со тоа ќе биде призната од цел свет и ќе заврши понижувањето со ФИРОМ. Северниот дел од Грција е Грција, западниот дел од Бугарија е Бугарија. Ова е наша Македонија и нема да има ниедна друга во светот“, рече Заев.
„Екатимерини“ тврди дека во првата верзија на текстот објавена на МИА, изјавата на Заев била коректно пренесена. Но, по интеревенција на Атина, пишува грчкиот весник, МИА објави ваква изјава на македонскиот премиер: „Сите знаеме денес дека дел од геополитичкиот регион од Македонија е во Грција, дел во Бугарија и северниот е во нашиот дел. Придавката „северна” прави разлика и ние потврдуваме дека постојат региони во Бугарија и во Грција кои се нарекуваат Македонија“, пишува во текстот на највлијателниот грчки весник.
МИА попладнево испрати демант дека по своја иницијатива и по правилата на работната рутина сама ги извршила корекциите.
„Со оглед на упатени прашања од различни медиуми во врска со корекцијата на интервјуто на премиерoт Зоран Заев, Македонската информативна агенција посочува дека немало никаква интервенција од Алексис Ципрас и од Атина како што се пренeсува, ниту од кого било.
Единствено што е точно е дека по увидените реакции во печатот за пренесеното интервју, е направена проверка на истото и е утврдено дека се направени погрешни интерпретации за што веднаш е направена корекција и истата коригирана изјава е дистрибуирана до јавноста.
Правило е кога агенциите ќе направат грешки да се испратат корекции, дополнувања на веста па дури кога станува збор за сосем погрешни вести и повлекување на истата“, пишува во демантот на МИА.