Милошоски вети изградба и на автопат Кичево-Гостивар
Објавено во: Македонија 26 Ноември, 2016
Антонио Милошоски, долгогодишен функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната посета на граѓаните во шестата изборна единица вети дека ќе се изгради и автопатска делница Кичево-Гостивар, откако ќе биде завршена изградбата на автопатот Кичево-Охрид.
- Денеска со задоволство во Кичево ќе ги презентираме новите проекти. Прво довршување на автопатот Кичево –Охрид, започнување на изградба на автопатна делница Кичево-Гостивар, а во меѓувреме реконструкција на постоечкиот пат. Започнување на иградба на пат Кичево – Бошков мост- Дебар, со што градот ќе добие веќе епитет на вистинска крстосница и завршување на некои локални патишта кои се важни за околината во Кичево. Имаме намера исто така да се изградат две градинки во Кичево, една спортска училишна сала во училиштето „Кузман Јосифовски Питу“ и една причистителна станица која што е потребна за речните сливови во Кичево, во вредност од седум милиони евра. Така што сите овие проекти, заедно со странската инвестиција која што ја имаме и очекуваме да се проширува, веруваме дека ќе придонесат во голем дел за унапредување на стопанството во Кичево, што е наша најголема потреба, рече Антонио.