МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА ГО ПРОГЛАСИ ЗА УСПЕШЕН ПРОЕКТОТ НОВОГОДИШНА КОШНИЦА - дали цените се намалија како што очекуваа граѓаните
Објавено во: Економија 15 Јануари, 2025
Министерството за економија смета дека е успешна новогодишната кошница. Како што е познато, денеска завршува акцијата Новогодишна кошница, која што траеше од 15 декември 2024 година до 15 јануари 2025 година.
Од Министерството за економија се огласија во јавноста со едно поопширно соопштение до јавноста, во кое велат дека главната цел на Новогодишната кошница која што беше креирана од бизнисот, односно производителите, дистрибутерите и трговците, била да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи, на кои им се ставија намалени цени на рафтовите.
„Со истата се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во декември лани и јануари годинава, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка. На листата на производи, како што е објавено и на веб-страната Моја кошница која што Министерството за економија и труд ја креираше токму за оваа акција, се вклучија 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери, 51 маркети, а акцијата се применуваше во 762 продажно место. Ако ги согледаме овие бројки сметам дека акцијата Новогодишна кошница беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во нејзе“, пишува во своето соопштение министерот за економија Бесар Дурмиши.
Според Државниот завод за статистика од податоците за Индекси на трошоците на животот и на цените на мало за декември, инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5 отсто, како што беше и проектирано. На месечно ниво пак во декември 2024, споредено ноември 2024 година инфлацијата изнесува 0,3 проценти.
„Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци изнесува 0,3 отсто. Ова покажува дека Новогодишната кошница каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалоци го дала својот ефект и цените на храната и пијалоците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година. Се очекува и во статистичките податоци за јануари 2025 година во однос на декември 2024 година, да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци. Благодарност до сите производители, дистрибутери и трговци кои што се приклучија и учествуваа во оваа акција и ги намалија цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници. Министерството за економија и труд во наредниот период ќе продолжи да креира мерки и политики кои ќе значат заштита на стандардот на граѓаните“, се вели во соопштението од Економија.