Мизо за Фактор: Автомобилската индустрија последна ќе излезе од кризата, Костал уште работи со сите вработени
Објавено во: Економија 25 Март, 2020
Кризата во автомобилската индустрија ќе трае многу подолго од економската криза во другите сектори, вели за Фактор, Виктор Мизо, Генерален директор на „Костал“ Македонија.
Секторот кој учествува со над 50 проценти во македонскиот извоз трпи последици од ширењето на коронавирусот, многу порано од сите други индустрии, бидејќи заразата прво почна во Кина, која од тогаш почна да ги затвора фабриките. Во тој момент се прекинал или се отежнал и синџирот за снабдување на македонските автомобилски компании, особено на оние кои произведуваат електронски делови за автомобили. Сепак, последиците по оваа индустрија, и на македонско и на светско ниво, засега не можат да се предвидат или да се пресметаат точно. Мизо, како врвен познавач на тековите во оваа област не сака да дава песимистички прогнози. Тој смета дека Македонија има начин да извлече корист од оваа криза. Не само Македонија, туку и регионот пошироко, зашто, како што вели, во иднина Кина најверојатно нема повеќе да биде центарот на производството за најголем дел на компонентите, или пак главен добавувач. Тоа е вакуум простор којшто може да го искористат и капацитетите од овој дел на Европа. Во моментов, во „Костал“ Македонија нема намалување на бројот на вработени – а во услови на минимално производство на вработените им се држат внатрешни обуки за подобрување на вештините и знаењата како и зголемување на ефикасноста при работа ,прилагодени на најновите мерки за заштита на здравјето на вработените, кои всушност во време кога има повеќе работа, не е можно да се реализираат во толкав обем.
„Кризата кај нас почна пред осум недели, затоа што намалувањето на активностите во Кина влијаеше врз ланецот на снабдување оттаму, па носењето на материјалите ни стануваше се покомплицирано и поскапо. Постепено запираше и нашиот извоз кон Кина, за подоцна да запре и извозот во дел од европските земји како што се затвораа тамошните фабрики. Сега делумно се враќа активноста во Кина, но тоа е сеуште недоволно. Ние како компанија донесовме одлука да ги задржиме сите вработени, без разлика на видот на договорот за вработување. Процесот на работа во моментот е организиран во две смени, наместо во три, а тренинзите и обуките, ги сметаме за влог во развојот на човечките ресурси и во идниот раст на фирмата. Дополнително ангажиравме повеќе автобуси за транспорт на вработените и ги обезбедивме сите заштитни мерки – дезинфекција, заштитна опрема, адаптиран вид на исхрана што значеше и дополнителни трошоци, вели Мизо.
Во Костал Македонија работат 650 луѓе и сите ја земаат својата месечна плата во полн износ. Сепак, одржувањето на обуки не може да трае бесконечно, иако менаџментот има определба тоа да е што е можно подолго. Компанијата во февруари како последица на почетоците на кризата во Кина имаше пад на приходите од над 10 отсто во однос на месечниот план, а во март падот е веќе драстично поголем.
Мизо вели дека во моментов е лошо што САД се последни кои се на удар на ширењето на вирусот и очекува дека и последни ќе излезат од здравствената криза. Тој пазар е еден од најголемите консументи на премиум автомобили, што значи дека кризата во автомобилската индустрија ќе трае подолго од кризата во другите сектори. Дополнително, финансиската криза и драстичниот пад на берзите на пазарите во САД и Европа ќе имаат долгорочни последици по одлуката за купување на нови возила од крајните конзументи. Ова може да потрае и неколку години.
„За нас е важно како државата ќе одговори на барањата за помош од страна на бизнис секторот. Ова ќе биде важно и за мајките-фирми кои ќе споредуваат каква поддршка добиваат сестринските компании на други европски локации. Со тоа се отвора простор како држава да се позиционираме конкурентно, бидејќи во иднина многу локациски одлуки ќе бидат драстично афектирани од оваа криза. Тука и ние имаме потенцијална шанса и нормално резултатите и успехот ќе зависат и од мерките за поддршка од страна на државата, вели Мизо за Фактор.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.