Добивај вести на Viber
Сточарите од штипскиот регион повторно имаа проблем со откупот на млекото. Во текот на вчерашниот ден трите млекарници кои откупуваат во овој регион „Ѓорѓиеви“, „Штипската млекарница“ и „Сточарство Богданци“, како што изјавија сточарите првично не сакале да им го откупуваат млекото и од кравите кои не се заболени од болеста „јазлеста кожа“. Сточарите изјавија дека млекарниците наводно добиле писмо од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да не откупуваат млеко од тој регион. Но подоцна во текот на денот млекарниците ја промениле одлуката и продолжиле со откупот на млекото, а како што велат сточарите одлуката ја промениле откако од АХВ ги известиле дека веќе не важи решението за забрана. Фактор се обиде да стапи во контакт и со дел од овие млекарници, но не успеавме да добиеме информација. Побаравме став и од АХВ, но не добивме одговор.
Инаку другите поголеми млекарници кои откупуваат млеко во земјава велат дека откупот во вршат со консултации со АХВ.
„Откупот на млекото го вршиме во согласност со препораките од Агенцијата за храна и ветеринарство и според нивните упатства. Познато е дека ако во едно одгледувалиште се најде едно заболено говедо се уништуваат сите, значи повеќе и не може да се откупува таму оти нема крави за млеко. Ако во соседните стада има здрави крави нема зошто да не се откупува секако во согласност со АХВ. Ние не правиме проблем и откупуваме млеко од здравите крави. Можеби некои од млекарниците кои сега прават проблем со откупот се соочуваат со вишок на млеко па сега оваа состојба со болеста им е како некој изговор“,
вели Јован Дабевски од млекарницата „ Здравје Радово“.
Од битолската млекарница „Бимилк“, велат дека воопшто не откупваат млеко во источниот регион, но дека ја следат состојбата.
„Млекара а.д. Битола воопшто не откупува кравјо млеко од регионите во кои е откриено присуството на болеста ,,јазлеста кожа“. Во секој случај, будно ја следиме ситуацијата и во другите региони и ако е потребно соодветно ќе постапиме според инструкциите од Агенцијата за храна и ветеринарство“,
велат од „Бимилк“.
Изминативе денови сточарите од штипскиот регион исто така се пожалија дека истите три млекарници, од овој регион прво не сакале да го земат млекото и од здравите крави, но дека потоа продолжиле со откупот.
„Млекото го предавам во млекара „Сточарство Богданци“. Во овој регион откупува и „Штипската млекара“. Најверојатно заради болеста „Сточарство Богданци“ прво не сакаше да ни го земе млекото. Се јавивме во Агенцијата за храна и ветеринарство, тие ни рекоа дека не издале таква наредба и дека млекарата мора да го откупи млекото или ако не сака тогаш дека тоа ќе го стори „Штипската млекара“. Што да му правиме ние на тоа млеко, да го фрлиме, не може да се истура“, изјави Горан Коцев, сточар од штипското село Софилари.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство деновиве изјавија дека млекото може да се откупува само ако е од фарми каде нема заболени говеда, каде не е детектиерана болеста кај говедата и тоа исклучиво во регионални млекарници, а во регионите каде е потврдена болеста, под надзор на ветеринарните инспектори.
Болеста „јазлеста кожа“ е регистрирана во осум општини, Демир Капија, Штип, Василево, Босилово, Радовиш, Струмица, Ново Село и Делчево, но од АХВ не ја исклучија можноста за ширење и во други региони со оглед на тоа дека се пренесува преку комарци и мушички. Лабораториски е потврдена кај 12 животни во 10 стада, а досега се убиени 235 говеда. Формирани се заштитни зони од три, 10 и 50 километри околу жариштата со „јазлеста кожа“.
И додека болеста забрзано се шири, вакцините против оваа болест според најавите од Агенцијата ќе стигнат кон крајот на месецов, бидејќи само една компанија ги произведувала овие вакцини и тоа досега само за потребите на афричкиот континент за кој што е типична оваа болест. Според проценките од АХВ се очекува од оваа болест да заболат околу 3.000 говеда. Инаку болеста „ јазлеста кожа“ прв пат се појавува во земјава. Сточарите стравуваат дека болеста ќе ги уништи стадата, кои на некои од фармерите се единствениот начин за егзистенција. Засега нема најави кога ќе почне обештетувањето за сточарите чии крави се усмртени. Од АХВ информираа дека пред убивањето на животните се прави проценка врз која ќе се врши обештетувањето на сточарите, а сопственците на усмртените грла треба да поднесат барање. Обештетување ќе се врши со пари од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Т.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: