19 Април, 2024
0.0285

Млекарници колку сакаш , млеко ни за лек!

Објавено во: Агробизнис, Анализа 25 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Последните три години драстично е намален откупот на кравјото млеко во земјава. На терен одамна се чувствува недостигот од сурово млеко.  Поразителни се бројките на Агенцијата за храна и ветеринарство, според кои само пред три години откупот на свежо кравјо млеко изнесувал 116 милиони литри млеко, веќе следната 2010 година е намален на 115 милиони литри, 108 милиони литри кравјо млеко се откупени лани, а годинава заклучно со 22-ри овој месец од фамерите се откупиле само 32 милиони литри кравјо млеко. Во период кога се најавуваат нови инвестиции во млечниот бизнис, Македонија се соочува со недостиг на сурово млеко. Засега никој нема одговор, со оглед на официјалните бројки за откуп на млеко, како фамерите ќе одговорат на побарувачката за откуп. - Сега ќе се најдеме во една состојба кога ќе има зголемена побарувачка на млеко, а ќе нема доволно суровина. Наскоро и и Суташ ќе започне со откуп, тоа се големи производители кои ќе откупуваат минимум по 100 тона дневно. Има повеќе причини поради кои сега на терен има недостиг од сурово млеко. Прво имаме мал добиточен фонд, а и скапата добиточна храна си го направи своето. Многу фактори влијаат врз зголемување на млечноста на кравите, треба да се внимава на квалитетот на добиточната храна, превенцијата од масититис, хигиената во фармите. Се тоа е предвидено во Страетегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020,  но тоа е долг процес, треба да помине време, објаснува професор д-р Соња Србиновска, од Факултетот за земјоделски науки и храна. Само еден процент од фармите имаат повеќе од 50 грла. Годишната продукција на млеко во Македонија се движи од 2.800 до 3.000 литри од крава.Споредено со земјите од Европската унија каде што продукцијата е 7.000 до 8.000 литри млеко по крава, нашиот фармер со ваква млечност е далку од рентабилно производство. Недостигот и скапата добиточна храна беа само последниот удар врз ионака кревкото млекопроизводство во земјава, кое  последните години претпре низа торбуленции, што пак влијаеше врз намалување на добиточниот фонд и млечноста на кравите. Според сточарите проблемот за недостигот од сурово млеко е и  ниската откупна цена на млекото, која како што велат го прави нерентабилно нивното производство. - Јас внимавам и на добиточна храна, на начинот на молзење, чувањето во лактофирзер. Нас од 32 до 33 денари за килограм не чини добиточната храна, а млекото се откупува од 13 до 17 денари за литар. Основните трошоци не можеме да ги покриеме. Поголемите фарми веќе ги распродаваат кравите. Јас имам 20 молзни крави, но вака ако продолжи со толку ниски цени а високи трошици ќе ги продадам. Ние сме за исполнување на стандардите, но како со вакви нерентабилни цени, вели Вујадин Жигич, производител на млеко од скопско Фабриките работат со неискористени капацитети Во земјава има 77 капацитети за преработка на млеко и млечни производи. Поради недостигот на сурово млеко, сега фабриките работат со 40 отсто искористеност на капацитети. Во најава е изградба на млекарница во Светиниколскиот регион. Наскоро со работа се очекува да започне и турски “Суташ”, кој ја купи млекарницата “Свед милк”. Како што најави пред неколку месеци претседателот на групацијата “Суташ” , Мухарем Јилмаз, компанијата планира да го зголеми капацитетот на преработка на млеко од 70 милиони литри годишно на 175 милиони литри. Засега сеуште не е познато кога фабриката ќе почне со работа, но од  “Суташ“  најавија дека со нова инвестиција во машина за тврда преработка ќе го зголемат капацитетот за преработка на млеко и на 200 тони дневно, со што ќе биде најголема млекарница во Македонија. Се помалку козјо млеко Не само кај кравјото, последните три години се забележува тренд на намалување на откупут и кај козјото и делумно кај овчото млеко. Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, во 2009 година се откупени 6 милиони литри овчо млеко, нешто повеќе од 8 милиони литри се откупени во 2010 и 2011 година, а оваа година заклучно со 22-ри овој месец околу еден милион и 800 илјади литри млеко. Откупот на козјото млеко пред три години тежел близу 124 милиони литри, во 2010 годиниа 126 милиони литри млеко, лани се откупиле 118 милиони литри козјо млеко, а ова година до половината на овој месец од сточарите се откупени околу 34 милиони литри козјо млеко.  Македонија и понатаму е увозно зависна од млеко и млечни производи Експертите очекуваат дека состојбите во млекопроизводството ќе се подобрат  особено со Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020, со која е предвидено окрупнување и зголемување на бројот на  грла, примена на добра земјоделска пракса односно превенција од маститис, подобрување на расниот состав, исхраната, заштитата. Но последните години се покажа дека ниту милионските суми што се одвојуваат од буџетот за субвенционирање на сточарството, сеуште не дадоа вистински ефекти, особено не во зголемување на домашното производство на млеко. И со Петгодишната стратегија за развој на земјоделството, не се гарантира дека ќе има некои драстични позитивни промени во домашното производство. Основната цел на оваа стратегија е да се стумилира производството на квалитетно млеко кое ќе биде конкурентно на пазарот, а Македонија и понатаму останува увозно зависна од млеко и млечни производи, за што само во 2010 година од буџетот се одлеале близу 30 милиони евра. Според последните податоци од Стопанската комора на Македонија, земјава и натаму е нето увозник на млеко и млечни производи, главно од Словенија, Германија, Хрватска, Србија, Црна Гора, БиХ, Чешка, Бугарија, Грција, Франција. Р.Ф.  

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари