МУ СЕ НОСИ ХРАНА БЕЗ ГЛУТЕН И ИМА СПРАВА ЗА ВЕЖБАЊЕ ВО ХОТЕЛ: Ѓоковиќ прележал корона и има аргументи
Објавено во: Свет 08 Јануари, 2022
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е сместен во хотелот „Парк“ во Мелбурн, наменет за мигранти, веќе три дена откако австралиските власти му ја одбија визата по пристигнувањето на турнирот Австралија опен. Денеска Би-би-си објави дека
најдобриот светски тенисер пред помалку од еден месец бил заразен со коронавирусот и затоа имал оправдана причина зошто не бил вакциниран пред заминувањето за Австралија во Мелбурн. Впрочем според медиумот, Ѓоковиќ имал позитивен тест на 16 декември 2021 година.
Денеска српската премиерка Ана Брнабиќ рече дека Ѓоковиќ е во хотел кој „е на работ на кршење на човековите права“, а дека семејството Ѓоковиќ сведочело дека во него имало бубачки.
Ана Брнабиќ изјави дека државата направила се што е во нејзина моќ Ѓоковиќ да го олесни престојот во хотелот каде што ќе седи до понеделник, кога ќе се одлучува за неговата жалба.
- На Ѓоковиќ му се доставува храна без глутен. За да ја одржува формата добил и опрема за вежбање. Сим-картичка, а доби и лаптоп, бидејќи не може да го користи својот, рече Брнабиќ.
Премиерката додаде дека разговарала со министерот за надворешни работи на Австралија и дека во мирен разговор се постигнати подобри услови за престој на Ѓоковиќ.