МЗШВ: Откупени над 15 милиони килограми тутун по просечна цена од 210 денари за килограм
Објавено во: Агробизнис 16 Јануари, 2019
Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска беше во посета на откупните пунктови за тутун во скопскиот регион. На терен имаше средба со тутунарите од овој регион на која што се разговараше за состојбата со откупот на тутунот од реколтата 2018.
„Ме радува што 94 проценти од вкупно откупениот тутун веќе е исплатен кон тутунопроизводителите за што лично и денес можевме да се увериме. Тоа се околу 50 милиони евра кои што се веќе исплатени од страна на откупувачите кон тутунопроизводителите за целокупниот откупен тутун од оваа година. Очекуваме непречен откуп до исплаќање на целокупната откупена количина. Оваа година обезбедени се средства за навремена и целосна исплата на субвенциите н тутунопроизводителите а тоа се околу 5 милиони евра повеќе пари од предходните години кои државата овој период односно со почеток од минатата година веќе ги обезбедува за тутунопризводителите“, изјави министерот Николовски.
Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над 15,3 милиони килограми тутун по просечна откупна цена од 210 денари за килограм.
„Со самото завршување на откупот кој се очекува да заврши за скоро време и внесувањето на податоците од страна на откупните претпријатија во единствениот ИСЕТ систем кој од минатата година почна за првпат да работи и преку кој се надминати многу поранешни пречки при проценката и исплатата на субвенциите, ние одма ќе превземеме мерки за административна обработка на барањата на тутунопроизводителите контрола на терен и во април навремено да се исплатат субвенциите како што веќе е воведена пракса. Со ланската исплата на субвенциите од реколта која што се исплаќаше ние исплативме 26 390 корисници односно 28 милиони евра навремено без селекција во еден ден“, посочи директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Директорот на ДИЗ, Благој Индов рече дека процесот тече без големи проблеми.
„Постојано сме на терен на откупните пунктови и во фирмите за проверката на процесот со откупот. До сега немавме никакви проблеми. На неколку места се случија ситни интервенции и пријави за кои веднаш интервениравме и на задоволство на тутунарите се решија. Минатата недела имавме контрола кај сите откупувачи каде проверувавме како тече исплатата. Секаде оди нормално како што е договорено“, изјави Индов.
За реколтата 2017 на тутунарите им се исплатени 28 милиони евра. Субвенциите се исплатија навреме пред почетокот на новото производство и ваквата пракса ќе продолжи и оваа година, пред почетокот на новата реколта тутунарите да ги добијат субвенциите.
Минатата година засеани беа 14.802 хектари со тутун, а склучени беа 34.104 договори со 9 откупни претпријатија. Се издадоа 23.430 евидентни листови, а вкупната договорена количина за откуп изнесуваше над 29.000 тони тутун. Во споредба со тутунот од реколтата 2017, за тутунот од 2018 се издадени 57 евидентни листови повеќе и се склучени над 4.700 повеќе договори. МЗШВ бележи и зголемени засадени површини со тутун за 387 хектари. Овие податоци покажуваат дека новиот модел на зголемени субвенции со кој субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи за тутунот, дава резултати и како таков продолжува и оваа година.
Во владина процедура влезе новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој ќе се подигнат стандардите на квалитетот на тутунот, но исто така и на тутунопроизводителите како клучен фактор во целиот процес на тутунопреработката. Законот предвидува укинување на евидентните листови или т.н „бели картони“, кои за реколтата од 2019 година ќе се спроведе како пилот. Со оваа законска одредба МЗШВ значајно ќе ги намали бирократските процедури за тутунарите на начин што, тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија. Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.