На Бранко му се случи народ, на Груевски опозиција, но што вчера и се случи на Македонија?
Објавено во: Анализа 25 Декември, 2012 09:03
Во Ургентниот центар на скопските клиники потврдија дека примиле две повредени жени, од кои едната е препратена на Неврохирургија, а другата на Дигестивна хирургија.
Според информациите, двете повредени жени се опозициските пратенички Весна Бендевска и Билјана Казанџиска, кои се пожалиле на силни болки од повредите при интервенцијата на собраниското обезбедување.
Црвенковски повика на граѓанска непослушност
„Овој ден ќе се памети и како трагичен и како голем. Од денес во Македонија нема Устав, нема демократија, нема парламент, нема влада. Има диктаторски режим од една страна и народот од друга. Денес Груевски го направи пресудниот чекор. Од денес Груевски реши, а Македонија го доби својот Слободан Милошевиќ. Беа тепани новинари, пратеници, народ. Денес го нахушкаа народот да предизвикаат судир и крвопролевање“, изјави пред граѓаните лидеорт на СДСМ, Бранко Црвенковски, најавувајќи граѓанска непослушност.
“Од утре почнува општа граѓанска непослушност. За слобода, за демократија, за подобра Македонија. Денес ги гледав оние платеници и послушници на власта со нивните плакати на кои пишуваше: „Бранко готов си! Бранко оди си!“ Сакам да им кажам нешто. Дури дишам и дури мрдам ќе продолжам и не се повлекувам од оваа битка. Ова е наша земја, ние ја градевме и создававме и пак ќе ја ослободиме. Од утре почнуваме, одиме до крај, запирање нема“ , порача Црвенковски.
Груевски: На Бранко Црвенковски денес му се спротивстави народ
„На Бранко му се случи народ! Така е тоа кога во демократска држава некој ќе се обиде да освои власт со насилство и без поддршка на граѓаните, на слободни и демократски избори“, изјави во обраќањето до јавноста македонскиот премиер Никола Груевски. Премиерот Груевски истакна дека лидерот на СДСМ Црвенковски се обидел со околу 3.000 приврзаници на сила да ја освои власт. Тој ги оцени случувањата како неуспешен обид за рушење на волјата на граѓаните.
„Приказната за буџетот беше параван Бранко да ја започне неговата последна лична битка, откако граѓаните на слободни избори не му дозволија да се врати на власт по легален пат, тој се определи за насилство. Најмалку 10 пати го прекрши деловникот на Собранието. Физички и со употреба на сила направи обид за влез во парламентот со употреба на насилство, но се испречија илјадници граѓани“, изјави Груевски, заблагодарувајќи им се на припадниците на полицијата, која го обезбедуваше протестот. Груевски, исто така, изрази жалење што на новинарите им беше оневозможено да ја следат собраниската седница, на која беше донесен буџетот.
ЗНМ ги прекина разговорите со Владата
Со насилното исфрлување на новинарите од галеријата во Собранието грубо е прекршен Уставот, кој ја гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите, соопшти Здружението на новинари на Македонија.
„Наредбодавачите на овој срамен чин ја официјализираа цензурата и одлучија што смеат, а што не смеат да следат новинарите. Новинарите, насилно избркани, со ништо не ја предизвикаа оваа реакција на обезбедувањето, а ниту постоеше правен основ за нивно отстранување. Бевме отстранети за да не бидеме сведоци на отстранувањето на пратениците од опозицијата од салата за седници. Ова е преседан кој не смее да помине неказнето“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Управниот одбор на ЗНМ реши да ги прекине разговорите со Владата „се додека не се врати уставниот поредок во Македонија, и извршителите и наредбодавачите на ова срамно однесување не бидат откриени и казнети согласно законот“. Исто така, ЗНМ најави дека ќе ја алармира целата домашна и странска јавност за случувањата во Собранието.
САД и ЕУ загрижени и разочарани од политичките судири
Загриженост и разочараност од политичките судири во изминатите два дена во и околу Парламентот изрази и Делегацијата на Европската унија во Скопје, од каде бараат од сите страни итно да ги прекинат сите агресивни и провокативни акции.
„Мирното изразување на различните мислења е основа на силна и демократска нација, употребата на насилство од сите инволвирани страни го урива тој систем и и штети на можноста за одговорно владеење“, се вели во соопштението.
Европската унија ги повикува сите политички партии и нивните поддржувачи да стават крај на овие конфронтации без одлагање.
Ги повикуваме да се однесуваат на начин кој е во согласност со правото, уставот и договорените парламентарни процедури и да ги земат предвид најдобрите интереси на граѓаните за кои беа избрани да ги претставуваат се вели во соопштението.
Редакција Фактор
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?






