22 Ноември, 2024
0.0256

На Македонија ќе и фалат неколку илјади текстилци и чевлари?

Објавено во: Анализа 04 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Во следните години во Македонија ќе недостигаат неколку илјади текстилни и чевларски работници.

Причините се иселувањето во странство и стареењето на населението. Оние работници кои ќе отидат во пензија, ќе нема кој да ги замени. Кристина Ампева од Здружението Гласен Текстилец од Штип вели дека не може точно да се предвиди, бидејќи каква состојба ќе имаме во иднина зависи од повеќе фактори.

„Неколку жени со кои јас сум во контакт од Делчево си бараат чаре да се иселат кој во Германија, кој во Швајцарија. Mногумина одат на сезонска работа во Италија, и бараат начин таму да останат. И не само Делчево, туку ова важи и за другите градови од Истокот. Луѓето попрво би работеле во некоја странска инвестиција отколку во конфекција. Едноставно кај нив се регулирани додатоците на плата, исплата на к – 15 полн износ, како и 13 плата. Но, работата не е полесна од текстилна компанија, напротив. Да се отвори некоја странска инвестиција која би нудела плата да речеме од 300 евра, работниците ќе бегаат за да работат таму. Работодавачите да ги почитуваат работничките права, да не ги избегнуваат обврските за плаќање, нема да имаат толкав одлив во странските инвеститори“, вели таа.

Во земјава има околу 37.000 текстилни работници.

Лидија Милановска од Здружението на чевлари од Куманово раскажува дека веќе се чуствува недостиг од челварски работници, и затоа постојано има огласи за вработување. Објаснува дека само кај неа во фирмата, за две години има 20 работници помалку, затоа што некои заминале во странство, а дел од жените кои останале на породилно отсуство, откако не можат да најдат место во градинка за своето дете, остануваат дома.

„Веќе 7-8 или повеќе години, нема насока за чевлари во средните стручни училишта. Ние не можеме да очекуваме дека човек кој ќе го земеме од Биро за вработување веднаш ќе го обучиме. Ако вака продолжи ќе мора да се затворат многу фирми, или ќе бидат семејни, ќе работат неколку луѓе. Работа имаме, но нема со кого да работиме. Кај мој колега во фирма најмладата работичка има 55 или 56 години. Повеќето работници се над 50 години, и ако во Куманово има 50 фирми, сигурно секаде фалат по 10 работници“, вели Милановска.

Таа додава дека мора надлежните да преземат мерки, преку добра образовна политика, така што не мора послабите ученици да се запишуваат во гимназиите, туку да се насочат во стручните училишта, или со друга мерка да се помогне оние луѓе кои се невработени, самохрани мајки, социјални случаи, наместо да живеат од социјална помош, да се обучат за чевлари и да заработуваат барем минимална плата ако не повеќе. Бројот на чевларски работници во Македонија се смета дека сега е сведен под 3.000. 

Сања Атанасовска

фото Новости.рс

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.