НА ТУРЦИТЕ ДЕЛ ОД „СИЛЕКС НЕМЕТАЛИ“, НА АВСТРАЛИЈЦИТЕ КОПАЊЕТО ЗЛАТО - зошто РИК Силекс се ослободува од своите „ќерки“
Објавено во: Економија 11 Јули, 2024
На турска компанија и се отстапува непаричен влог во Силекс Неметали, додека, пак, на австралиска фирма и се отстапува удел од 1.900 евра во Силген ресурсис Интернешнл.
Вакви одлуки во минатиот период донело раководството на Рударско индустрискиот комбинат Силекс од Кратово, а на 12 август тоа ќе треба да го потврди и Собранието на акционери, на седницата која тогаш ќе се одржи, и на која ќе се разгледуваат и други одлуки од работењето на друштвото.
И Силекс неметали и Силген Ресурсис се фирми ќерки на РИК Силекс, познатиот кратовски комбинат во посед на семејството Иванови, а со кој долги години управуваше Љубисав Иванов Ѕинго. Едната одлука Управниот одбор ја донел во мај лани, додека другата е донесена во март оваа година. Овие одлуки што треба да ги донесе Собранието на акционери се всушност отстапување на уделите на РИК Силекс - од своите фирми ќерки, на други, во случајов странски компании.
Едната од одлуките која предизвикува интерес, е дека се преотстапува непаричен удел на турската компанија Бахаш Иншаат Ве Тиџерат Аноним Ширкети, а станува збор за уделот кој РИК Силекс го има во Силекс Неметали ДООЕЛ од Кратово.
За каков непаричен влог станува збор не е познато, но во принцип тоа може да биде удел кој компанијата го имала или во форма на некаков имот, земјиште, зграда, евентуално некаква нераспределена добиввка или слично.
„Со оваа одлука се потврдува одлуката за пренос на удел во Друштвото за рударство и градежништво Силекс неметали СТ ДООЕЛ Кратово донесена од страна на Управниот одбор на РИК Силекс АД Кратово на 17 мај минатата година, со која се одобрува пренос на целиот удел кој РИК Силекс АД Кратово го има во Силекс неметали, а кој се состои од непаричен влог, на друштвото Бахаш Иншаат Ве Тиџерет Аноним Ширкети од Република Турција, врз основа на Договор за пренос“, се вели во објавата и се нагласува дека оваа одлука ќе стапи на сила на денот кога ќе биде донесена, односно за околу еден месец, кога ќе се држи Собранието на акционери.
Уште една одлука треба да донесе Собранието на акционери на 12 август, а таа е за потврдување на одлуката за пренос на удел во друштвото за производство и трговија, Силген.
„Со оваа одлука се потврдува одлуката за пренос на удел во Друштвото за производство и трговија Силген ресурсис Интернешнл ДОО Кратово, донесена од страна на УО на РИК Силекс Кратово на 20 март 2024 година, со наслов ‘Одлука за одобрување на стекнување и пренос на удел, склучување на договори за пренос на удел, склучување на договор за минерален приход и овластување за нивно потпишување’, со која се одобрува пренос на целиот удел кој РИК Силекс АД Кратово го стекнал во Друштвото за производство и трговија Силген Ресурсис Интернешнл ДОО Кратово, а кој се состои од паричен влог во износ од 1.900 евра, на друштвото Генезис Рисурсис Лимитед од Австралија“, се вели во одлуката, која исто така, ќе стапи на сила на денот на донесувањето.
Фактор на крајот на јуни 2023 година пишуваше дека Силекс Неметали СТ, најголемата кратовска компанија, која е основана во 2006 година, е продадена на турски инвеститор. Тогаш, според наши информации од Централниот регистер, објавивме дека Холдингот Бахаш го презел сопствеништвото на градежната компанија од досегашниот сопственик - АД РИК Силекс, и дека наместо дотогашниот директор Васил Ристовски, со компанијата ќе управува турскиот државјанин Кенан Кол. Турскиот холдинг, според она што може да се пребара на интернет, има над 15.000 вработени и поврзан е со 29 земји. Најмногу го покрива производството и градежништвото.
Силекс Неметали СТ од 2019 со низа милионски трансакции од Министерството за земјоделство, почна да го наплаќа рекордниот договор од 30,5 милиони евра за изградба на браната „Речани“ што беше постигнат на два дена пред парламентарните избори во 2016 година.
Исто така, во јуни годинава, пишувавме дека АД „Силекс“ му го преотстапи уделот од 38 отсто на партнерот „Генезис“ од Мелбурн во потрагата по злато, сребро и бакар во Пробиштип и Кратово.
Тогаш, исто спопред податоци од ЦР, објавивме дека РИК Силекс повеќе не е еден од сопствениците на „Силген Ресурсис Интернешнл“, која подолго време бараше од властите да ги експлоатира овие минерални суровини на локалитетот “Плавица и Црн врв“ во општина Кратово и општина Пробиштип. Пред пет години кога „Силген“ го поднесе барањето за експлоатација до Министерството за животна средина, истата година локалната самоуправа на Пробиштип како рударски град се спротистави за отварање на нов рудник за злато и сребро. Општината издаде негативно мислење за отварање на нов рудник на северниот дел од градот. На Плавица, или како што месното население не случајно ја нарекува Златица, подолго време се вршеше истражувања, а потоа „Силген“ побара да се отвори рудник со површински коп. Дупчењето заради истражување, започна во 2013, а компанијата верува дека локалитетот „лежи на злато“.
Ова практично значи дека одлуките за отстапување на уделите од порано се апсолвирани, но сега ќе пресече и Собранието на акционери.
Холдингот „Силекс“ лани имаше солидна деловна година. Со вкупни приходи од 18,85 милиони евра и добивка од еден милион евра, 2023 година за „Империјата на Ѕинго“ беше речиси четири пати поуспешна деловна година од 2022, покажуваат официјалните финансиски резултати на консолидираниот биланс на успех.
Една од одлуките која исто така е предложена од УО, а која ќе треба да ја потврди Собранието на акционери, е добивката да се искористи за покривање на загуби од претходни години.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.