Интервју со министерот за финансии, Фатмир Бесими за Националната развојна стратегија
Националната развојна стратегија треба да помогне да изградиме консензус за главните приоритети во државата
Објавено во: Македонија 12 Февруари, 2024
Продолжуваме со серијата интервјуа посветени на процесот на креирање на Националната развојна стратегија - визионерски стратешки документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години. Подготовката на овој сеопфатен стратешки документ се одвива преку процес на широка консултација, вклученост на сите чинители, како и преку градење меѓу-генерациски, меѓу-етнички, меѓу-партиски и родов консензус помеѓу клучните општествени чинители.
Во процесот на креирање на Националната развојна стратегија беа вклучени сите политички и неполитички фактори, како и сите засегнати страни во државата. Националната развојна стратегија е редок пример на натпартиски документ кој се фокусира на подобрување на иднината на сите граѓани. Колку е важно креирањето на еден ваков стратешки документ кој треба да придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во следните 20 години?
БЕСИМИ: Националната развојна стратегија е резултат на еден широк инклузивен процес, кој ја креира траекторијата по која треба да се движи земјата во наредните 20 години. Особено е важно што во овој процес беа вклучени сите засегнати страни – институции, академска заедница, МАНУ, невладин сектор, меѓународни партнери, како УНДП и Амбасадата на Обединетото Кралство, и сите граѓани-активисти, кои придонесоа со визија од својот делокруг, своето искуство и знаење за таа визија да се постави и да се преточи во еден ваков значаен стратешки документ. Стратегијата треба да помогне да изградиме консензус за главните приоритети, со цел да станеме просперитетно и инклузивно општество, кое ќе биде поставено на цврста основа и ќе придонесе за подобра иднина за сегашните и за идните генерации.
Покрај процесот на креирање на стратегијата како платформа, финансиите се предуслов за да се имплементира која било активност предвидена во овој сеопфатен стратешки документ. Имлементацијата непосредно ќе се почувствува и ќе донесе конкретни промени во општеството, а за тоа е неопходна и финансиската поддршка. Со оглед на тоа што се работи за долг дводецениски процес, во кој ќе се менуваат влади и министри, кој е според вас најсоодветниот начин државата да обезбеди соодветна финансиска поддршка за имплеметација на Националната развојна стратегија?
БЕСИМИ: Во изминатиот период ресорот кој го предводам работеше на значајна реформа во јавните финансии во која е воспоставен нов начин на управување со финансиите и нивно насочување кон оние приоритети кои ќе дадат најдобар резултат. Да ги инвестираме парите на граѓаните во она што ќе донесе најмногу придобивки за нив. Оваа Стратегија треба да биде преточена во среднорочната фискална стратегија, посебните стратегии за даночни реформи, јавен долг, намалување на неформалната економија и воопшто, усогласена со рамката на среднорочно буџетско планирање. Ние веќе воведуваме иновативни финансиски инструменти (како на пример, граѓанската и зелената обврзница) и иновативни финансиски механизми, преку кои ќе мобилизираме дополнителен капитал за реализација на стратешките цели и приоритети меѓу кои секако е и имплементацијата на Националната развојна стратегија.
Имате долгогодишно искуство како политичар и како министер и добро сте запознаени со влијанието на стратешките документи врз креирањето на економските политики во државата. Кои се според вас клучните сегменти од стратегијата на чија имплементација треба да се фокусира државата во следните пет години, пред сè во насока на поддршка на стабилен и одржлив економски раст и развој?
БЕСИМИ: Националната развојна стратегија која се однесува за периодот 2024-2044 година се темели на следниве приоритетни области: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество и 6. Зелена трансформација. Во сите области се вткаени човечкиот капитал и процесот на дигитализација. Реформските чекори во приоритните области треба да нѐ доведат до забрзан раст, повисок животен стандард и реална конвергенција кон ЕУ. Во наредниот период очекувам поголем фокус на човечкиот капитал, како најдрагоцен ресурс, значаен напредок во доменот на владеењето на правото, забрзување на зелената и дигиталната трансформација, зајакнување на конкурентноста и иновативноста на приватниот сектор. Сите процеси ќе бидат овозможени и поддржани со реформите на јавни финансии, кои ги спроведуваме и во услови на повеќекратни кризи.
Интензивно се работи и на операционализација на развојни стратегии во соработка со други меѓународни институции и со Европската Унија. Меѓу нив се и Планот за раст на Западен Балкан 2024 – 2027 година, во износ од 6 милијарди евра за целиот регион, од кои околу 900 милиони евра ќе бидат за нашата економија, како и четиригодишната Рамка за партнерство со Светската банка 2024 – 2028 година, во износ од околу 900 милиони евра за развој на нашата економија.
Очекувањата на среден рок се дека економскиот раст ќе забрзува, со спроведување на активностите и мерките од развојните планови, за да ги достигне потребните стапки за побрза конвергенција, од околу 5%. Ова е под претпоставка дека нема да се соочиме со поголеми шокови, каков што беше случајот во изминатите години.
Националната развојна стратегија претставува сеопфатен, комплексен и долгорочен стратешки процес, чија имплементација ќе се протега низ период од 20 години. Во овој временски интервал ќе се менува политичкиот контекст во државата, но и надвор од неа. Дали сметате дека Националната развојна стратегија ќе го положи тестот на времето и кој е најсоодветниот пристап за тоа?
БЕСИМИ: Во една од моите колумни неодамна напоменав, а тоа го повторив и на прашања на повеќе медиуми дека доколку сакаме да одиме напред и да ја оствариме визијата што сме ја поставиле, мора да изградиме просперитетна и подобра иднина за граѓаните и да постигнеме општествен консенсзус за клучните прашања. На тој начин треба да функционираме со цел на долг рок да успееме во исполнување на нашата мисија – подобар живот и стандард и посигурна иднина за сите во својата земја.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.