НАДЛЕЖНИОТ ОБВИНИТЕЛ ИЗДАЛ КУП НАРЕДБИ - се бараат докази и се „чешла“ темелно случајот Еуростандард банка
Објавено во: Економија 15 Декември, 2020
Тивко и далеку од очите на јавноста, Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го „чешла“ предметот Еуростандард банка. Не обелоденуваат за јавноста повеќе детали, но откриваат дека надлежниот обвинител што постапува по предметот издал еден куп наредби - бара релевантни докази и ги утврдува фактите за случајот.
Задачата не му е воопшто лесна, треба да утврди каде исчезнаа 55 милиони евра – пари на штедачите и на компаниите кои имаа свои депозити и работеа преку Еуростандард банка. Дали можело да се спречи ова, кој ја сноси вината, кој и како ги делел кредитите, кој ги одобрувал, зошто одредени фирми, како што тврдат штедачте, немале соодветно обезбедување во случај да не можат да ги вратат парите од заемите што ги зеле...
Како што е познато, пред извесен период судот, по барање на Обвинителството, го замрзна имотот на еден од сопствениците на Еуростандард банка, но и уште на три лица поврзани со овој случај.
Еве всушност кои прашања Фактор ги постави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. До каде е ова обвинителство во истражувањето на овој случај, имено, дали се отвори истрага, и дали можеби за некого ќе има обвинителен акт или обвинение. Ги прашавме и дали има некакви индиции за сторен криминал и кој се е вмешан во него. Но, и колку време ќе биде потребно да се истражи овој случај и конкретно, кога јавноста ќе има информации кој се е вмешан во овој, како што го нарекуваат оштетените штедачи, милионски грабеж на нивните тешко заработени пари. Се интересиравме и дали во овој случај има замешаност на високи владини функционери, или нивни блиски роднини, и дали обвинителството сега додека работи, чувствува било какви политички интервенции. Исто така, баравме одговори и на прашањето дали евентуално, во истрагата се испитуваат и други лица, и дали можеби е замрзнат и нивниот имот.
Кус одговор добивме од ОЈО за организиран криминал и корупција, бидејќи природата на постапката не дозволувала да се обелоденат повеќе детали.
„По пристигнувањето на кривичната пријава, како што веќе информиравме, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка, со цел да се испитаат наводите содржани во пријавата. Надлежниот обвинител што постапува по предметот издаде низа нарадби во насока на прибирање на релевантни докази и утврдување на факти. На предлог на обвинителството, согласно законските одредби, Основниот кривичен суд Скопје со решение привремено замрзна имот на неколку физички и правни лица инволвирани во случајот. Со оглед на природата на предистражната постапка, обвинителството во моментов не може да сподели детали“, се вели во одговорот кој го доби Фактор.
На надзорната расправа, пак, за случајот Еуростандард, која неодамна се одржа во Собранието, на Комисијата за финансирање и буџет, присуствуваше и државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски. Тој тогаш откри многу интересни работи, кои говорат дека во обвинителството навистина се испитува „се што мрда“ во врска со Еуростандард. Практично, во Јавното обвинителство, во врска со делата во оваа банка, се оформени два предмети.
„Едниот е во Основното јавно обвинителство Скопје врз основа на известување на Управата за финансиска полиција, за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Предметот е оформен на 31 август против едно лице и надлежниот Јавен обвинител презел дејствија по изветувањето. Вториот предмет е оформен во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција врз основа на неколку кривични пријави и известувања. Известувањето е од декември, за согледани определени недоследности во работењето на банката, потоа кривична пријава од полномошникот на Народна Банка против четири лица за кривични дела предизвикување стечај, по член 181 од Законот за банки, и за кривично дело перење пари и други приноси. Кон овој предмет припоена е и кривична пријава од ноември, поднесена од три физички и три правни лица против три лица, за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Има и кривична пријава од полномошникот на четири физички лица за повеќе кривични дела и против 22 лица. Исто така кон овој предмет припоена и една анонимна кривична пријава од 30 септември. Надлежните обвинители ги превземаат потребните дејствија заради утврдување на делата и обезбедување на докази. Откако ќе се извршат побараните дејствија по предметот на ОЈО Скопје, врз основа на доказите и фактите ќе се одлучи дали и тој предмет треба да се припои кон предметот по кој по стапува ОЈО за гонење на кривичните дела и корупција“, рече тогаш обвинителот Јовевски.
Тој нагласи и дека обвинителството, постапувајќи по конкретниов случај, ќе ги преземе сите дејствија за обезбедување докази, и зависно од тоа ќе се раководи спрема кои лица, доколку се утврдат навистина сериозни докази, ќе отвори истрага и ќе ги преземе сите мерки за натамошно гонење на криминалот.
„Уште еднаш нагласувам дека обвинителството ќе работи неселективно, непристрасно, и зависно од доказите и фактите што ќе ги утврди во конкретниот настан, за сите лица за кои што ќе се најде дека сториле кривично дело, соодветно ќе одговараат според законот“, рече Јовевски на надзорната расправа.
Во овој момент, нагласи тој, обвинителството води предистражна постапка. Обвинителот откри и дека по барања на обвинителството, постапуваат и други институции.
„Тие се Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање. Едноставно, обвинителството кога дозна определени сознанија за состојбите во банката, ги презема соодветните мерки“, објасни Јовевски.
А додека тече стечајната постапка, штедачите не отстапуваат од барањето виновници за исчезнувањето на нивните тешко заработени пари. Вчера прстот повторно го вперија кон Народната банка.
„Во своите јавни изјави, Народна банка потсетува дека е професионална, независна и транспарентна. Ниту е професионална, за независна не знаеме, а транспарентна не е воопшто. Да беше Народна Банка професионална, немаше да се случи масовниот грабеж со делење на непокриени кредити и перење пари во сега пропаднатата Еуростандард банка“, напишаа во својот допис до јавноста оштетените штедачи.
„За време на мојот мандат како акционер и член на Надзорен Одбор во Еуростандард Банка, никогаш не сум дозволил да има перење на пари, и ве убедувам во тоа. Сакам да знаете дека Вашите и моите финансиски средства се украдени во Македонија и тие пари се тука. Со цел да се скрие организираниот криминал Народна Банка беше само извршител на нарачателот на овој чин“, напиша меѓу другото, Костовски до штедачите.
„Кон Еуростандард банка беа изречени голем број супервизорски мерки, коишто согласно со оцените и наодите на супервизорските тимови беа потребни, соодветно на состојбите во банката. Законот за банките предвидува дека мерките зависат од видот на проблемот со кој се соочува банката. Само за илустрација, би потсетиле дека во периодот од 2013 па сѐ до одземањето на дозволата беа донесени 21 решение со повеќе од 70 супервизорски мерки. Само во последните две години беа изречени околу 40 дополнителни супервизорски мерки. Народната банка направи сѐ што согласно со своите надлежности можеше да направи, а со цел заштита на билансот на Банката, односно заштита на доверителите. Меѓу другото, ова секако подразбира и навремено известување на надлежните институции, за сите сомневања и индиции коишто и според домашната регулатива и според меѓународните стандарди не се во надлежност на органот за супервизија“, потнцираа од централната банка.
Нина
Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.