26 Април, 2024
0.0340

Најмакедонска работа - „Хејтање“ дијаспора и прогласување предавници од Мелбурн

Објавено во: Анализа 05 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Коментарите по социјалните мрежи за вчерашните протести на македонските иселеници низ светот покажаа колку македонскиот народ има потреба да се дели меѓу себе, да наоѓа причини за себекритикување, за навредување, за употреба на стереотипи и за самосожалување. Често македонците низ дијаспората во домашната јавност се претставени како припрости луѓе со лош македонско-острелиски дијалект, кои ете само затоа што на своите деца има дале англиски имиња се одродиле, се одмакедончиле и сега затоа што имаат повисоки плати и подобар стандард, а со години не стапнале на родната грутка немаат право да си кажат што тие мислат за Македонија.

Колку и да има вистина во набројаните стереотипи, не можеме на никого да му го скратиме правото да се чуствува како Македонец иако живее десетина илјади километри подалеку од тука, иако се вика Џон, иако никогаш можеби и не стапнал во земјата од која потекнува, иако има можеби тотално погрешна слика за тоа што се случува во Македонија и не е најдобро информиран за вистинската политичка состојба.

Демократски е да се слушне сечие мислење и сечиј изразен став, наместо однапред некого да се дисквалификува и омалуважува. Дел од коментарите на македонската „прогресивна“ и либерална јавност однапред ги осудија протестите на дијаспората како неписмени и неуки, луѓе кои за викенд глумат патриоти за потоа да си се вратат на убавите животи додека ете ние тука ќе се мачиме за 200 евра плата. А, демек сите од оваа либерална екипа земаат 200 евра, па се жалат колку нив тука животот им бил тежок, колку они се изнамачиле да го турнат режимот на Груевски, па еве уште да им ги изгланцаме медалите и да им ги закачиме на гради бидејќи такви херои не смее да поминат ненаградени, ако не со медали барем со некоја државна функција или пак со некое проектче финансирано од институциите.

Ете гледате колку е лесно да се шиканира некого, однапред да се стави во еден ист ќош и да се измачка со стереотипи од предрасуди. Секако, и во дијаспората има многу деструктивно однесување, лоши навики на неинформираност и лупање во гради „ЈАС СУМ ГОРД МАКЕДОНЕЦ“, со прогласување на македонски политичари за предавници од прва без реално гледање на политичките услови. Дијаспората треба да сфати дека патриотизмот не е ДЕКОР, дека ако носите маички со шеснаесеткрако сонце и им урлате на Грците на секоја објава на социјалните мрежи не е доказ дека сте вистински Македонец, дека ако ве фаќаат хистерија секогаш кога ќе дојде некоја турбо фолк пејачка не сте ги запознале македонските корени во целост. 

Таа енергија која дијаспората сака да ја прикаже и таа борба да го сочува идентитетот и името подобро нека ја искористи во лобирање кај моќните политички институции во САД, Канада, Австралија. Токму во овие земји се носат важни одлуки за НАТО и меѓународните односи, но ние добро знаеме дека таму доста агилно и ефикасно работат албанската и грчката дијаспора, и тоа со години, со поддршка на кампањи на стотина сенатори, конгресмени, гувернери, амбасадори и дипломати. Да не се лажеме, македонската дијаспора најпрво меѓу себе ќе си ги извади очите, од црковно-имотно прашања, па се до лични нетрпеливости и поделба меѓу различните патриотски клубови и здруженија. 

Таа единственост која сакате да ја проектирате, да прогласувате предавници, да палите слики од политичари, тој гнев и јад подобро е да ги канализирате во нешто нешто позитивно, нешто што ќе донесе плод како за новите генерации Македонци во дијаспората, така и за младите кои живеат тука и се мачат со сите можни предизвици. 

Автор: Христијан Станоевиќ