Напредокот на Македонија презентиран во Брисел
Објавено во: Македонија 13 Октомври, 2016
Владин тим во Брисел го претстави напредокот на Македонија, пред да биде објавен извештајот на Европската комисија.
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска, заедно со заменик-министерот за правда Биљана Бришковска-Бошкоски и државниот секретар за европски прашања, Ана Блажевска се во дводневна работна посета на Брисел, каде во очи на претстојното објавување на прогрес-извештајот на Европската комисија за Република Македонија, се сретнаа со голем број високи претставници на Европската унија. Нив директно им го претставија напредокот на државата во повеќе области.
Се сретнаа со известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл и со европратеничката и претседател на „Групата на пријатели на Македонија“ во законодавниот дом на ЕУ, Маријана Петир.
Во наредниот период, земјата ја очекуваат голем број на предизвици во секторот правосудство, иако е забележано дека голем дел од итните реформски приоритети на ЕК, во оваа област веќе се реализирани.
Македонија очекува нова условена препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ во прогрес-извештајот што еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, треба на 9 ноември да го објави во Брисел. Истата, како и лани, поради политичката криза, препораката ќе биде условена со одржување на успешни и кредибилни избори на 11 декември во Македонија.