21 Април, 2025
0.0328

„НАШИОТ ЛИДЕР Е СМЕНЕТ КОГА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ОДБЕЛЕЖУВА СЕДУМДЕЦЕНИСКИ ЈУБИЛЕЈ“: Учениците бараат објаснување од градските власти

Објавено во: Македонија 14 Март, 2025 07:43

Добивај вести на Viber

Одлуката на Град Скопје да го разреши Митко Димовски, доскорешниот директор на една од најуспешните гимназии во Скопје, „Орце Николов“ пред истекот на неговиот мандат во 2026 година предизвика незадоволство кај голем дел од учениците и наставниците, кои организираа протестен марш и поднесоа барање за ревидирање на одлуката. Истовремено предадоа петиција потпишана од 719 ученици. Остануваат на ставот дека разрешувањето се случило без никакво објаснување, токму за време на одбележувањето на 70-годишнината на училиштето.

Според нив, Димовски, кој важи за омилен меѓу учениците и најголемиот дел од наставничкиот кадар, бил посветен лидер кој значајно придонел за развојот на училиштето, унапредувајќи ја инфраструктурата, меѓуетничката комуникација и учениците. Учениците и дел од наставниците ценат дека одлуката е неоправдана и бараат објаснување од градските власти.

„Ние, како ученици, се чувствуваме игнорирани и понижени од оваа одлука. Директорот Димовски беше наш лидер и човек кој секогаш се залагаше за нашите права и добросостојба. На протестниот марш, кој помина во најдобар ред, го искажавме своето незадоволство и револтот како резултат на нетранспарентноста, молчаливоста и неодговорноста на државните институции. Со петицијата, која ја потпишаа 719 ученици, сакавме да ја зголемиме демократскиот капацитет на нашето ученичко делување и да ја истакнеме важноста на нашето мислење во формалните процеси. Во изминатите неполни седум години, тој ги спроведуваше своите мандати во име на доброто на учениците, наставниот кадар, персоналот и апсолутно секоја остната група на луѓе во „Орце Николов”. Во неговото време во нашето училиште се направени и организирани најмногу интернационални размени на ученици од држави ширум Европа и светот, меѓуетничката комуникација е на највисоко ниво, во училиштето се спроведуваат убедливо најмногу воннаставни активности во кои и учениците и професорите ја имаат можноста да остават печат со својата единственост. За време на неговиот мандат, училиштето постигна значителен напредок во однос на инфраструктурата, училишната дисциплина и училишната организација. Впрочем, петицијата за негово враќање на работното место говори доволно за тоа колку сме задоволни од неговата работа, покрај правното образложение во контекст на неговата неповредливост, чесност и државно-административна отчетност.Имајќи ја предвид сржта на ова барање – правниот и моралниот стожер зад кој цврсто стоиме, ние како ученици се чувствуваме игнорирани и понижени од оваа одлука, бидејќи дотичниот директор беше наш лидер и човек кој секогаш се залагаше за нас и нашите права, нашата добросостојба и добробитта на целото училиште. Отстранувањето на директорот без јавност, транспарентност и правичен процес може да има негативни последици врз нашето образование и мотивација во текот на следните години и, секако, ја нарушува институционалната рамка на процедурите кои го засегаат ваквиот обем на државно-правно дејствување, наведуваат од Ученичката заедница на гимназијата „Орце Николов“.

Обвиненијата од некои од професорите

Сепак, разрешувањето на Димовски беше проследено и со контроверзии и обвинувања. Група професори излегоа со јавно соопштение во кое го обвинуваат за финансиски неправилности и злоупотреби, тврдејќи дека тој ја злоупотребил својата позиција за лично богатење и дека учениците биле под притисок да дадат поддршка за негово враќање.

Ваквите обвиненија наидоа на силна осуда од страна на Ученичката заедница, која ги смета за „клевети“ и „демагогија“.

„Никогаш не врбувавме никого да потпише. Секој ученик го даде својот потпис од лична убеденост. Оваа статија, која беше потпишана само со инцијали на професори, содржи шпекулации кои се понижувачки и невистинити“, посочуваат оттаму.

„Ќе ги поништите ли и сведителствата“?

А на вчерашната седницата на Советот на Град Скопје, советникот, д-р Никола Пановски, праша како може да се менува директор за неправилност од 2022 година и дали тоа значи дека ќе се поништат сите сведителства издадени од тогаш, а ги потпишувал токму тој директор.

„Значи три саата слушаме работи кои ни ја навредуваат интелигенцијата, меѓутоа ова беше врв.Вакво образложение навистина не доликува. Знам дека ви е наредено да го кажете и дека се срамите од ова сигурно. не е ни прв пат, службите да се во таква состојба. Значи разбрав дека пред пет години, пред три години бил конкурсот?! За што зборувате вие? Што поништивте вие? Како може по три години да… си има рок за жалби итн. Свршена работа. Што поништивте? Кој бил директор три години? Кој носел акти досега? Тие нема да ги поништите? И сведителствата на децава, по ваша памет, треба да ги поништите. 

Ниту е директорот крив за ова, ниту децата што ги оставате без еден стручен, одговорен човек кој има позитивни резултати во работењето и сите го сакаат. Какви образложенија се овие, навистина? Имајте малку доблест до нас. Кажете јавно, се скарал со градоначалник, не знам што, не послушал некоја наредба нешто не направил, згрешил. Дошла инспекцијата кажува, 22-ра. Кој век 22-ра? Може 1922 или оваа? Па сме имале вакви случаи и за претседатели на држава, па не ги поништувале. Се направило некој пропуст, меѓутоа ако не се жалите на време, се кажува изборна комисија или кој, дека тоа е готово, завршена работа. не може сега да ви текне, од разни побуди“, рече д-р Никола Пановски, советник во Советот на Град Скопје.

Во изјава за Мета, сега веќе екс-директорот Димовски вели дека неговото разрешување од позицијата директор на гимназијата „Орце Николов“ го изненадила, бидејќи целиот процес на неговата апликација и назначување оди преку град Скопје и соодветните инспекторати.

„По две и пол години, реакцијата е со друга цел, a тоа можеле веднаш да го увидат. Многу ми е жал бидејќи ова се случува во очи на одбележувањето на јубилејот на училиштето. Исто така, објавувањето паушални и дискриминирачки информации, го сметам за директен напад врз мене и моето семејство. Ќе ги искористам сите правни механизми затоа што не сакам ништо од ова да остави трага на угледот на гимназијата и на колегите со кои посветено работев седум години“, вели Димовски.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

„НЕШТО МИ ЗБОРУВА ДЕКА ВАКОВ ПАПА ТЕШКО ДЕКА ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО ВАТИКАН ПОВТОРНО“: Ванковска за папата Франциск

„НЕШТО МИ ЗБОРУВА ДЕКА ВАКОВ ПАПА ТЕШКО ДЕКА ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО ВАТИКАН ПОВТОРНО“: Ванковска за папата Франциск

ЃУЛИСТАНА МАРКОВСКА ЗА ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: „Тој објект работел на замижување на сите органи“

ЃУЛИСТАНА МАРКОВСКА ЗА ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: „Тој објект работел на замижување на сите органи“

ДЕЛ ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ОД „ПУЛС“ ВО КОЧАНИ СО ВЕЛИГДЕНСКА ЧЕСТИТКА: Од Анкара го честитаа празникот

ДЕЛ ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ОД „ПУЛС“ ВО КОЧАНИ СО ВЕЛИГДЕНСКА ЧЕСТИТКА: Од Анкара го честитаа празникот

„НАМАЛЕНА ПЛАТАТА НА НЕКОЛКУ ЛИЦА КОИ БЕА НА ПРВИТЕ БОРБЕНИ РЕДОВИ НА КОБНАТА НОЌ И СПАСИЈА СТОТИНА ЖИВОТИ“: ВД градоначалникот на Кочани ја шокираше јавноста

„НАМАЛЕНА ПЛАТАТА НА НЕКОЛКУ ЛИЦА КОИ БЕА НА ПРВИТЕ БОРБЕНИ РЕДОВИ НА КОБНАТА НОЌ И СПАСИЈА СТОТИНА ЖИВОТИ“: ВД градоначалникот на Кочани ја шокираше јавноста

„СЕ ГЛЕДА ДЕКА НЕ ВИ СЕ ОДИ ВО ЕУ, ОСВЕН СО ВАШИТЕ ЛИЧНИ БУГАРСКИ ПАСОШИ“: Колозова за евроинтеграциите и бугарските условувања

„СЕ ГЛЕДА ДЕКА НЕ ВИ СЕ ОДИ ВО ЕУ, ОСВЕН СО ВАШИТЕ ЛИЧНИ БУГАРСКИ ПАСОШИ“: Колозова за евроинтеграциите и бугарските условувања

МЕТЕОАЛАРМ: Следуваат поројни дождови, грмежи и невреме!

МЕТЕОАЛАРМ: Следуваат поројни дождови, грмежи и невреме!

„ЗА ПРАШАЊАТА ЗА ИДЕНТИТЕТОТ, ИСТОРИЈАТА И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ПРАВО ДА ОДЛУЧУВА ИМА САМО МАКЕДОНСКИОТ НАРОД:“ Хајредини дециден

„ЗА ПРАШАЊАТА ЗА ИДЕНТИТЕТОТ, ИСТОРИЈАТА И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ПРАВО ДА ОДЛУЧУВА ИМА САМО МАКЕДОНСКИОТ НАРОД:“ Хајредини дециден

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Верниците го слават Велигден, а политичарите повикаа на сплотеност

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Верниците го слават Велигден, а политичарите повикаа на сплотеност

НЕСРЕЌА: Воз удри во автомобил кај Зелениково

НЕСРЕЌА: Воз удри во автомобил кај Зелениково