Добивај вести на Viber
Жените во Македонија заработуваат во просек за 6% помалку од мажите. Најновите податоци на Државниот завод за статистика за структурата на заработувачката во земјава се за 2010 година,и покажуваат дека најголем јаз во платите меѓу мажите и жените има во помалку развиените региони како што се Источниот,Полошкиот и Југоисточниот, додека приближно изедначени примања имаат мажите и жените во Вардарскиот, Пелагонискиот, Североисточниот и Скопскиот регион.
Просечната годишна бруто заработувачка на жените во 2010 година изнесувала 5.662 евра, за разлика од мажите чија годишна заработувачка изнесува 6.040 евра. Според возрасните групи, најголем јаз има меѓу 35-39 годишните мажи и жени, а најмал на возраст од 15-19 години. Мажите на оваа возраст годишно заработуваат 2.170 евра, додека жените 1.999 евра или 166 евра месечна плата.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека примањата на мажите и жените речиси се изедначуваат во позрелите години, па така мажите на 55-59 годишна возраст примаат годишна плата од 6.336 евра, а жените 6.189 евра или 515 евра месечно. Најголем јаз во платите меѓу мажите и жените има во Источниот,Полошкиот и Југоисточниот регион, додека приближно изедначени примања имаат мажите и жените во Вардарскиот, Пелагонискиот, Североисточниот и Скопскиот регион.
На жените во Македонија им се исплаќаат помали бонуси од мажите
Разликата во половите е евидентна и кога станува збор за исплата на бонуси и разни надоместоци. Државната статистика покажува дека работодавачите во Македонија им исплаќаат поголеми бонуси и надоместоци на мажите во просек за 10% во споредбасо жените. Во 2010 година, фирмите им исплатиле годишни бонуси во вредност од 590 евра на жените, за 60 евра помалку од исплатените бонуси на мажите.И во јавната управа и социјалното осигурување жените се помалку платени од мажите во просек за 350 евра. Помали примања од мажите имаат жените со пониско образование и со помал работен стаж, а разлика има и во видот на договорите за вработување, при што,жените кои се на определено време заработуваат помалку отколку мажите со овој вид на договор. Единствено приправничките или жените на обука земат повеќе пари отколку мажите во оваа дејност.
Книговодителки, комерцијални директорки..кои се професиите во кои жените заработуваат повеќе од мажите?
Административните и комерцијалните директорки но и директорките на чело на угостителски и трговски фирми заработуваат многу повеќе од своите колеги, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Годишната бруто заработувачка на првите во 2010 година изнесувала 15 илјади евра, додека на вторите 14 илјади евра, или за близу 5 илјади евра повеќе од мажите. Жените се покажале и како одлични во информациските и комуникациските технологии каде исто така примаат поголема плата од мажите, во просек за 200 евра. Поголеми плати примаат и книговодителките и службеничките кои работат со статистика и евиденција на материјали и транспорт. Интересно е и тоа што жените се покажале како поуспешни од мажите и во воените занимања кои се сметаат за „машка професија“, но, во која жените заработуваат и до 1.000 евра годишно повеќе од мажите.
Статистиката покажува и дека жените подобро се снаоѓаат во фирми кои имаат помалку вработени. Евидентирано е дека во компаниитекои имаат до 50 вработени жените земаат поголема плата од мажите, наспроти компаниите со 50 и повеќе вработени во кои доминираат мажите со поголеми плати.
Луксембург е единствената земја во светот во која жените имаат поголема годишна заработувачка од мажите
Во Луксембург, жените во 2010 година заработиле 45.767 евра, додека во истиот период мажите имале годишна плата од 44.224 евра. Во Соединетите Американски Држави пак, жените заработуваат во просек за 25% помалку од мажите. Во САД, просечната бруто плата на еден маж на месечно ниво надминува 4 илјади долари, додека пак жената заработува околу 3 илјади долари.
С.Н