„НЕДОЗВОЛИВО E ВО 21. ВЕК ДА ГЛЕДАМЕ ТЕШКИ КЛИНИЧКИ СЛИКИ НА ГОЛЕМА КАШЛИЦА“: Во Клиниката Козле има и до 200 прегледи во едно деноноќие
Објавено во: Македонија 10 Јануари, 2024
Ова е сезона на
респираторни инфекции и вообичаено бројот на прегледи во текот на зимските
месеци е голем. Овие денови бројот на прегледи во едно деноноќие се движи од
150 до 200. Гужвите се големи, Клиниката работи 24 часа секој ден, и додека
другите ги чествуваат празниците, нашите дежурни служби, навистина, интензивно
работат, вели за Фактор д-р Горица Попова, специјалист микробиолог во
Универзитетската Клиника „Козле“.
Во однос на тоа со каква клиничка слика и какви симптоми доаѓаат пациентите, д-р Попова појаснува дека има две крајности, пациенти со лесна клиничка слика и сериозно болни дечиња на кои им е потребна навремена лекарска помош.
-Особено атакувани се најмалите- доенчињата и децата од малата предшколска возраст. Кај нив доминираат симптоми, воглавно, поради стеснување на малите дишни патишта, тоа го отежнува дишењето, и понекогаш овие пациенти треба да бидат примени во болница како би можеле интензивно да бидат следени и адекватно лекувани. Последниве денови гледаме и пациенти со висока температура, изнемоштени, со помалку или повеќе изразена респираторна симптоматологија. Со цел да се овозможи полесен пристап до лекарска помош на сериозно болните деца, би апелирала до родителите, доклку децата се со лесна респираторна симптоматологија, да почекааат, да ги негуваат децата во домашни услови, да ја следат нивната состојба. Во голем процент респираторните инфекции поминуваат сами од себе, но, сепак, доклку нешто го вознемири родителот се разбира дека може да дојде и да побара лекарска помош, вели таа.
Според резултатите од лабораториските анализи, односно дали преовладуваат вирусите или бактериите, д-р Попова нагласува дека во овој период повеќе станува збор за инфекции предизвикани од вируси.
-Би рекла дека во
суштина се работи за вирусни респираторни инфекции за чие надминување, во голем
број на случаите е потребна само добра нега, пиење на течности, витамини и
евентуално нешто за намалување на температурата. Меѓутоа, при лекарскиот преглед, ако клиничарот
се посомнева дека можеби се работи за бактериска суперинфекција или дека во
основа е бактериска инфекција, веројатно би се направиле одредени хематолошки
како и микробиолошки испитувања, по што би следело и ординирање на адекватна
терапија. Инаку, слично како и во Србија каде се споменува терминот „тридемија“,
односно судир на грип, коронавирус и респираторен синцијален вирус (РСВ), може
ли да се каже дека и ние полека навлегуваме во таа „тридемија’’. Нешто што доминираше
во изминатиов период беа докажани
инфекции со респираторен синцицијален вирус (РСВ). Деновиве постепено почна да
се покачува и бројот на инфекции со вирусот на грип, и би рекла дека во
континуитет, во помал процент, имаме пациенти со докажана инфекција со корона
вирусот (SARS –CoV-2). Заболувањата од овие вируси често се именуваат како заболувања
слични на грип од едноставна прчина што симптомите често се преклопуваат и не
може со сигурност да се каже за кое вирусно заболување станува збор. Но,
знаете, во општата популација и не треба да се форсира многу тестирањето за
докажување на вирусите. За кој било вирус да се работи, основно е,
доклку детето не е во тешка
состојба, да остане дома неколку дена, да
се следи, а на тој начин ќе се намали и ширењето на вирусите.
Што се однесува пак до шестмесечното бебе кое е хоспитализирано во Клиниката Козле поради потврдена голема кашлица, д-р Попова оценува дека е недозволиво во 21. век лекарите да се справуваат со тешки клинички слики од ова заболување
-Пертусисот е бактериска инфекција предизвикана од Bordetella pertussis. Ова е многу зразна инфективна болест која ја шират заразени луѓе преку воздухот со кашлање или кивање. Кај доенчињата оваа болест е доста сериозна, додека кај повозрасните може да помине и со лесна клиничка слика. За ова заболување постои вакцина, која е во редовниот вакцинален календар, и навистина е недозволиво, во 21ви век да гледаме тешки клинички слики на пертусис. За повторната појава на пертусис постојат, веројатно, повеќе причини. Сигурно една од причините е намалената стапка на вакцинација, но според релевантни истражувања, друга причина би била и бледнеењето на имунитетот добиен со вакцината кај возрасната популација. Тоа ги става доенчињата во доста ранлива позиција. Особено критичен е периодот пред да започне нивната редовна вакцинација, бидејќи бактеријата ја има меѓу популацијата, а заштитата што ја добиваат од мајката додека се уште во нејзината утробата е веројатно мала, нагласува д-р Попова.
Клиничката слика и симптомите на ова заболување го издвојуваат од останатите инфекции карактеристични за овој период.
-Пертусисот се карактеризира со вознемирувачка кашлица, која во народот била позната и како магарешка или црна кашлица. Тоа е интензивна кашлица, со посебен призвук која го изнемоштува детето и го води во состојба на глад за воздух. Детето е тешко болно, со чести напади на кашлица, сето тоа вообичаено е многу вознемирувачко за родителот и е апсолутно мотив да се побара лекарска помош. Клиничката слика е многу карактеристична и ако имаме податок дека детето не е вакцинирано, веќе се поставува висок сомнеж за пертусис. Бактеријата што ја предизвикува болеста вообичаено се докажува со молекуларни методи и во нашата земја има лаботратории каде се работат овие тестови. Децата вообичаено побаруваат хоспитализација, интензивно следење и ординирање на адекватен антибиотик, заклучува во разговорот, д-р Попова.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.