Негодувањата околу буџетот ги става во неизвесност покачувањето на пензиите и повратот на ДДВ
Објавено во: Економија 13 Декември, 2012
Блокирање на сите редовни активности што се плаќаат од буџетот, би можело да настане доколку дојде до времено финансирање на буџетот, кое според Законот за извршување на буџет ќе стапи во сила доколку буџетот за 2013 година не помине на Собрание до крајот на годинава. Експертите посочуваат дека доколку се примени временото финансирање на буџетот ќе се доведе во прашање реализацијата на сите проекти, но може да придонесе и за поместување на макроекономската рамнотежа и стабилност на земјава.
- Ваквите ситуации се штетни општо за макроекономската состојба на државата. Мора да се најде решение – тоа е во интерес на македонските граѓани и на македонското стопанство. Меѓу другото на ваков начин се загрозува и кредитниот рејтинг на државата. Буџетот мора да се изврши во негова полна форма, временото финансирање е на штета на сите субјекти во земјава, вели Михаил Петковски, универзитетски професор.
Доколку се реализира временото финансирање во прашање ќе се доведе и покачувањето на пензиите за 5 отсто, бидејќи според Законот за извршување на буџет доколку не се изгласа ќе може да се трошат само третина од средствата кои се потрошиле во првиот квартал од претходната фискална година. Но освен покачувањето на пензиите може да нема доволно средства и за други намени како повратот на ДДВ на стопанствениците.
Ниту земјоделците не би биле поштедени ако стапи на сила временото финансирање, односно ќе се доведе во прашање исплатата на зголемените субвенции.
Нема да може ниту навреме да се почне со тендерски процедури и склучување договори за клучните капитални проекти како Коридор 10, Железница-Коридор 8, гасификација, втората фаза за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи, изградба на пречистителна станица Прилеп и многу други.
СДСМ со блокирање на буџетот во Собрание ја доведува во прашање и исплатата на обврските кон надвор преземени со меѓународни договори како отплата на камати, набавена медецинска опрема, лабаратории. Експертите посочуваат дека на овој начин се загрозува и имиџот на државата.
Опозицијата поднесе 1226 амандмани за буџетот и 160 амандамани за заемот за буџетска поддршка од Светска банка. Министерот за финансии Ставрески вчера посочи дека ова е единствен ваков пример во Европа каде се злоупотребува демократијата за да во политички цели се блокира донесувањето на буџетот