Неизвесно распуштањето на Собранието
Објавено во: Македонија 12 Октомври, 2016
Денеска требаше да се распушти Собранието, но досега тоа е неизвесно.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара од опозициската СДСМ да достави предлог до Собранието тоа да се распушти, затоа што од вчерашниот марш увиделе дека опозициската партија не е задоволна од актуелната власт, но доскорешниот коалициски партнер на власта, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов соопшти дека во среда веќе го направил тоа.
„Поттикнати од вчерашниот собир во организација на СДСМ/Сорос, од нивната празна реторика која ја слушаме десет години наназад, како и од желбата на огромното мнозинство на граѓани кризата наметната од СДСМ да заврши и да се стави крај на политичкото заложништво, конфликтите и деструктивноста, го повикуваме СДСМ уште денес да достави барање до Собранието на Р. Македонија за негово распуштање. Доколку СДСМ собере храброст, го повикуваме претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да ја стави таа точка на дневен ред за да биде разгледана и усвоена“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Кочница за распуштање на Собранието денеска како што пишувавме пред неколку денови е недонесувањето на предлог-буџетот за 2017 година, а според собраниските служби, за да се распушти законодавниот дом потребно е да поднесат иницијатива партиите или некој од пратениците.
Пратеничката група на опозицијата за точно напладне закажа прес конференција, на која ќе дознаеме што понатаму и дали партијата на Заев ќе побара распуштање на Собранието.