НЕЛОГИЧНОСТИ: Каде всушност завршуваат земјоделските субвенции?
Објавено во: Агробизнис 13 Јуни, 2014 09:15
Околу 27 милиони евра помалку биле исплатени за субвенции во земјоделската 2012-та година, тврдат од невладиното здружение Рурална коалиција. Според истражувањето кое здружението го работело, насловено како “Каде почнуваат, а каде завршуваат субвенциите”, тие тврдат дека има разлика во планираните суми за директна поддршка објавени во Службен весник и исплатите на субвенциите објавени на интeрнет страната на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Во истражувањето се опфатени директните плаќања за растително производство во кое се опфатени 16 мерки, директни плаќања за сточарско производство во кое се опфатени 24 подмерки и директни плаќања за органско производство во кое се опфатени 6 подмерки.
Според анализата на Руралната коалиција, спореведена од 01 ноември 2013 до 28 февруари 2014 години за планирани и исплатени субвенции за 2012 година и за произведен и продаден тутун од реколтата 2012, а исплатени од програмата од 2013 година, по мерки 1,2 и 3 ги изнесуваат следните резултати:
- Мерка 1 за директни плаќања за растително производство, објавено е дека се исплатени 44.703.019 евра, а планирани за исплата и објавениво Службен весник од 13.02.2012 година од програмата се 56.788.617 евра.
- Мерка 2 за директни плаќања за сточарско производство, објавено е дека се исплатени 24.235.471 евра, а планирани за исплата и објавени во Службен весник од 13.02.2012 година од програмата се 37.991.869 евра.
- Мерка 3 за директни плаќања за органско земјоделско производство, објавено е дека се исплатени 305.345 евра, а планирани за исплата и објавени во Службен весник од 13.02.2012 година од програмата се 2.113.821 евра.
„Во мерката 1 за директни плаќања за растително производство разликата oд објавеното од Владата во програмата за финансиска поддршка и објавените за исплатено на веб страната на агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој е околу 12 милиони евра. Во мерката 2 за сточарското производство разликата е околу 13 милиони евра, а во мерката 3 за директна поддршка за органско производство разликата е 1,8 милиони евра. Севкупно разликата е 27 милиони евра или во проценти тоа е за околу 28 отсто помалку се објавени дека се исплатени директните плаќања од првично најавените во програмата за финансиска поддршка“, вели Трајан Димовски од Руралната коалиција.
Од Агенцијата за финансиска поддршка велат дека наодите изнесени од Руралната коалиција се нецелосни и не соодвествуваат со реалните бројки.
„Пласираните информации за исплатените износи по одделни мерки од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2012 година, како што изјавува здружението „Рурална коалиција“, се базирани на нецелосни податоци од надгледување на веб страната на Агенцијата во определен период, без да обезбедат официјални податоци. Субвенциите се исплаќаат по завршување на пропишаните административни контроли и контроли на самото место на секој земјоделец кој има уредно поднесено барање и кај кој не се утврени неправилности со вршење на контролите“, велат од АФПРЗ
Разлики во исплатените субвенции и фактичката бројка на добиток и количество производ
Во истражувањето се посочуваат нерегуларности во однос на исплатените субвенции кај некои од сточарските гранки. Така од здружението велат дека кај директните плаќања за произведено и предадено козјо млеко објавена е исплата на 36.227 евра, исплата за литар млеко е 3,5 денари, од што како што објаснуваат произлегува дека се субвенционирани околу 640.000 литри козјо млеко.
„Според податоците од Државниот завод за статистика вкупното производство на козјо млеко во Македонија е околу 14 милиони литри. Прашуваме дали само 5% од козјото млеко се субвенционира? Кај субвенциите за грло кози објавена е исплата на околу половина милион евра. Ако секое грло се субвенционира со 900 денари,тогаш субвенционирани се 35.000 кози, а според статистика во 2012 година имало 63.000 кози. Кај директните плаќања за презимено пчелно семејство објавена е исплата на 1.078.357 евра, субвенцијата е 600 денари за минимум 35 пчелни семејства, значи приближно субвенционирани се околу 110.000 пчелни семејства. Според заводот за статистика за 2012 година во Македонија има 52.000 пчелни семејства, прашањето е од каде толкава разлика за субвенционираните пчелни семејства“, вели Димовски
Од АФПРЗ велат дека за субвенционирање на пчелните семејства, за проверка на бројот на презимените пчелни семејства Агенцијата користи официјални податоци од Регистарот за идентификација и регистрација на домашните животни кој се води во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Земјоделската 2012-та –година со највисоки директни плаќања
Анализирано по години најмногу субвенции за растителното, сточасркото и огранското производство имало во 2012 –та година, кога за овие мерки биле проектирани речиси 97 милиони евра.
| Вкупен износ на мерката во денари, по години: | |||||||||||
| Мерки за поддршка на земјоделски стопанства | 2010 | 2011 | 2012 | 2013 | 2014 | ||||||
| 1 | Директни плаќања за растително производство | 2.937.000.000 | 3.634.750.000 | 3.492.500.000 | 3.564.900.000 | 3.156.980.260 | |||||
| 2 | Директни плаќања за сточарско производство | 1.733.100.000 | 2.032.750.000 | 2.336.500.000 | 2.205.600.000 | 2.000.000.000 | |||||
| 3 | Директни плаќања за органско земјоделско производство | 70.800.000 | 111.000.000 | 130.000.000 | 67.000.000 | 88.000.000 | |||||
| Вкупно денари | 4.740.900.000 | 5.777.500.000 | 5.959.000.000 | 5.837.500.000 | 5.244.980.260 | ||||||
| Вкупно евра | 77.087.804 | 93.943.089 | 96.894.308 | 94.918.699 | 85.284.231 | ||||||
Од Руралната коалиција порачуваат исплатата на финансиската помош да биде во рамките на законот, а не во рамките на политичката партија.
„Субвенциите преку дополнителни плаќања да бидат алатка за балансирање на пазарната и производната цена. Ако загубата за одреден земјоделски производ е поголема, тогаш дополнителните плаќања да бидат поголеми, доколку загубата по одреден земјоделски производ е помала, тогаш и помошта од дополнителни плаќања да биде помала. Ова се прави со цел да се одржи континуитет во производството за да не дојде до намалување на производството од година во година .Агенцијата за финансиска поддршка редовно и во целост да ги објавува исплатите по кои мерки и подмерки се извршени, бидејќи тоа им користи на земјоделците, но и на пошироката јавност, бидејќи се работи за јавни пари кои се исплаќаат од Буџетот на Македонија. Редовно да ги објавува земјоделците кои ја злоупотребиле финансиската поддршка за да се знае точно колку пари се вратени назад во буџетот“, стои во спроведеното истражување.
Инаку во Програмата на старо-новата Влада, во делот посветен на земјоделството се најавува дека во следните 4 години вкупната сума на субвенциите ќе биде во вредност од 600 милиони евра.
Ј.С.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина
Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?





