29 Април, 2024
0.0307

Нема да се укине oдлуката за условен увоз на пченица и брашно од Србија

Објавено во: Агробизнис 24 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Нема да се укине oдлуката за условен увоз на пченица и брашно од Србија се додека не заврши откупот на домашното лебно жито и додека пазарот со брашно не се избалансира, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски пред членовите на матичната собраниска Комисија.

Според него, заклучокот од ЦЕФТА-состанокот одржан завчера во Белград е, решавањето на проблемот да се сведе на билатерално ниво.

- Максимално се трудиме да ја искористиме можноста за откуп на домашната пченица. Имаме разбирање од мелничарите, но и од индивидуалните производители, истакна Димовски.

По итна седница на ЦЕФТА, двете земји излегоа задоволни од исходот, но со различни изјави. Заменикот на српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Бојана Тодоровиќ изјави дека со оглед на тоа што се работи за специфичен производ, Македонија би требало да ја укине мерката за месец и половина.

„Предложивме одредени заклучоци. Сите членки на ЦЕФТА ги прифатија аргументите на Србија, дека мерката на Македонија не е во согласност со ЦЕФТА договорите и дека е потребно нејзино итно укинување. Македонија не сакаше да ги прифати овие заклучоци. Но на крај после долготрајни разговори, добивме ветување, односно Македонија се обврза да ја укине мерката во разумен рок. Србија доби потполна поддршка од сите членки, кои беа едногласни за македонската мерка, изјави завчера за српските медиуми Тодоровиќ.

Речиси еден месец двете земји не попуштаа и стоеја на своите ставови- дека ниту една не ги прекршила договорите на ЦЕФТА. Медиумите особено српските беа преполни со закани дека Србија ќе го ограничи увозот на македонско вино и домати. Македонија пак не се бореше толку жестоко. Дури по неколку дневни најави за контра мерки од Србија, министерот Димовски излезе со став дека мерката е согласно законот за Земјоделство и рурален развој и дека Македонија не ги крши правилата на ЦЕФТА.

Србија и сега цврсто стои на ставот дека, во случај Македонија не го испочитува ветувањето, односно не ја укине мерката за месец и половина, Србија веднаш ќе воведе контра мерки, со кои би ја компензирала загубата која што сега ја трпи поради македонската мерка.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?