Добивај вести на Viber
Исполнувањето на извозните квоти за преработки од зеленчук и овошје е доведено во прашање. Лошите временски услови, неорганизираното земјоделско производство, продажбата на зеленчук и овошје на црно по пазарите на големо - ова ги остави конзервните фабрики без доволно суровина. Од конзервно-преработувачката индустрија велат дека дел од нарачките од странските увозници, веќе ги откажале.
- Капацитетите не се доволно искористени, нема доволно суровина поради што преработувачите беа принудени значителен дел од извозните зделки да ги откажат. Се работи за фиксни договори за кои нашите бизнисмени ќе треба да платат пенали, со што пак ќе се наруши досегашниот позитивен имиџ што го имаа преработувачите кај странските партнери, бидејќи ќе се покаже дека не можат она што е договорено да го испочитуваат,
вели Сашо Ристески од Асоцијацијата на преработувачи на овошје и зеленчук.
За да се ублажат последиците, од преработувачите на зеленчук денеска ќе поднесат барање до Министерството за економија од каде што ќе побараат да им се дозволат квоти за увоз на суровина од соседните земји, за да можат барем дел од договорените нарачки да ги исполнат.
Основната суровина на капацитетите за преработка на зеленчук е црвената пиперка. Годинава поради лошите временски услови родот на црвената пиперка е намален за околу 30 отсто. Но дополнително, преработувачката индустрија се соочува и со хроничен проблем - неорганизирано производство и непочитување на договореното производство. И двете страни меѓусебно се обвинуваат за непочитување или несклучување на договори.
- Ова што сега и се случува на конзервната индустрија беше очекувано. Од една страна површините со црвена пиперка се намалени од друга страна лошите временски услови уништија дел од родот. Но исто така продолжува оној хроничен проблем на неорганизирано производство. Мислам дека и двете страни манипулираат, непочитување на договорите има и од страна на земјоделците и од страна на преработувачите. Затоа сметам дека треба да се напарават цврсти договори со кои ќе биде предвидено дека секое непочитување на договореното од едната или од другата страна, ќе значи дека ќе треба да плаќаат пенали и едните и другите. Договорното и организираното производство ни одговара нас поради тоа што ќе бидеме сигурни дека ќе имаме пласман за родот, а и на индустријата и одговара оти ќе знаат дека ќе имаат доволно суровина,
вели Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделци во струмичкиот регион.
Од Асоцијацијата велат дека поголемите преработувачи си имаат постојани земјоделци со кои склучуваат договори за откуп на суровина.
Проблемот со исполнување на извозни квоти се јави во период на зголемена побарувачка
Во период кога преработувачката индустрија се соочува со недостиг на суровина, примарното земјоделство со намален род, еден најголемите потрошувачи на храна, Русија, но и Европа, ја зголемија побарувачката за македонскиот зеленчук и овошје. Дали Македонија и ако се остават на страна годинешните лоши временски услови, може да одговори на барањата за извоз во вакви инцидентни ситуации?
- Вакви можности ретко се случуваат и треба да се искористат. Но ние делумно ќе ја искористиме оваа можност, бидејќи не затекна неподготвени, никој не можеше да предвиди дека ќе дојде до тоа да имаме толку голема побарувачка. Мислам дека во моментов ние имаме капацитет двојно да го зголемиме производството, но толку - повеќе не можеме. Нашите капацитети за преработка на овошје и зеленчук работат со 50 до 60 отсто искористеност, ние можеме 100 процентно да ги искористиме повеќе не можеме, толку се фабриките. Во маргинални проценти може да одговориме, никој не произведува повеќе од некои 20 до 30 процентни резерви, и да сакаме да имаме поголем искчекор не можеме оти ни се лимитирани ресурсите во примарното производство и во индустријата. Треба да имаме постојано резерви за да можеме во вакви сотојби да влетуваме. Побарувачката е зголемена поради ембаргото од Русија и Европа, но и поради климатските услови, и во моментов има турбуленции на земјоделското производство. Македонија тоа го чувствува, но како мал производител помалку, оти имаме лимитирани ресурси, ние немавме доволно зеленчук, нашите ниви се веќе посеани, а каков ќе биде финалниот резултат ќе видиме на крајот на годината. Но ваквите ситуации треба да ни бидат лекција дека треба да почнеме да учиме да се подготвуваме за вакви инцидентни состојби уште пред да се случат
, вели Виктор Петков, сопственик на компанијата “Випро”
Сегашните случувања се доказ дека во македонското земјоделство треба да има планско производство за да можеме и во вакви ситуации да одговориме на побарувањата, велат агробизнисмените. Инаку преработувачката индустрија за овошје и зеленчук е извозно ориентирана гранка од која во Буџетот годишно се инкасираат близу 50 милиони евра.
Ј.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: