19 Март, 2025
0.0399

НЕМА САМО ДРЖАВНА ПЛАТА И СИГУРНОСТ, ЌЕ ИМА И ГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ - кога ќе може да „настрадаат“ административните службеници

Објавено во: Економија 14 Февруари, 2025 08:20

Добивај вести на Viber

Нацрт законот за административни службеници, кој од неодамна е подготвен и објавен на Националната платформа ЕНЕР, носи многу новини, а меѓу поинтересните, секако, е и онаа за тоа како ќе се бара одговорност за работењето на административните службеници.

Во напишаниот нацрт законски текст е наведено дека административниот службеник е лично одговорен за вршењето на работите и работните задачи од работното место.

Но, за повреда на службената должност односно работната дисциплина административниот службеник одговара дисциплински.

Одговорноста за сторено кривично дело, пак, односно прекршок, не ја исклучува дисциплинската одговорност на административниот службеник.

„Административниот службеник кој на работа или во врска со работата намерно или од крајна небрежност ќе предизвика штета на институцијата, е одговорен за настанатата штета и е должен да ја надомести“, се вели во нацрт законскиот текст.

Институцијата, пак, каде што работи, ќе биде должна да ја надомести материјалната штета што административниот службеник во вршењето на работите и работните задачи ја предизвикал кон трети лица.

„Административниот службеник може да биде суспендиран од институцијата врз основа на решение на секретарот, односно раководното лице на институцијата. А, тоа ќе се случи ако против него е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работата, но и кога против него е покрената дисциплинска постапка, а со неговото натамошно присуство во институцијата додека трае постапката може да предизвика штета, да ја повтори дисциплинската повреда или да стори нова“, нагласуваат предлагачите на законот.

Секој државен службеник и друго лице, во согласност со закон, има право да поднесе иницијатива за покренување дисциплинска постапка против државен службеник, но таа треба да биде образложена.

Предлог за изрекување дисциплинска мерка за полесна повреда или предлог за поведување дисциплинска постапка за потешка дисциплинска повреда против државниот службеник поднесува непосредно претпоставениот, а за основаноста на предлогот одлучува секретарот, односно раководното лице на институцијата или Комисија за водење постапка за потешка дисциплинска повреда.

Притоа, како полесна дисциплинска повреда се сметаат непочитување на работното време, неуредно чување на службените списи и податоци, недоаѓање на работа два работни дена во текот на една календарска година без оправдување, непочитување на обврската за носење на ознаките со личното име и звањето или називот, недомаќинско користење и употреба на доделените финансиски средства и средствата за работа, неизвестување на непосредно претпоставениот, односно секретарот или раководното лице за спреченоста за недоаѓање на работа, како и одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое административниот службеник се упатува.

Како потешка дисциплинска повреда, пак, ќе се смета повреда на службената должност, работната дисциплина, угледот на институцијата или угледот на државниот службеник, и тоа неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи, непристојно однесување на државниот службеник при вршење на работа и работни задачи, искажување и застапување на политичко уверување во вршењето на работните задачи, учество во изборни активности или други јавни настапи од таков карактер во текот на работното време, доведување во прашање на својот статус на државен службеник со вршење на партиски активности, носење или истакнување на партиски симболи во работната просторија, и слично. 

Она што е многу битно, како потешка дисциплинска повреда се подразбира и незаконито располагање со материјалните и финансиските средства.

Исто така, тука влегува и одбивање на вршење работни задачи поврзани со работното место на кои е распореден административниот службеник, одбивање писмена наредба за извршување на работни задачи, непреземање или нецелосно преземање на пропишаните мерки за безбедноста на доделените предмети во работа, предизвикување материјална штета со намера или од крајно невнимание, повторување на полесна дисциплинска повреда повеќе од два пати во тековната година, примање подароци или друг вид корист, злоупотреба на статусот на државен службеник, злоупотреба на доделените овластувањата во вршењето на работните задачи, злоупотреба на боледување, злоупотреба на лични податоци, злоупотреба на доверливи податоци, оддавање на класифицирана информација со степен на тајност утврдена со закон, внесување и употреба, како и работење под дејство на алкохол или наркотични средства, непридржување кон прописите за заштита од болест, безбедност и здравје при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и на прописите за заштита на животната средина, конфликт на интереси, навредливо или насилничко однесување на работното место, однесување спротивно на одредбите на Етичкиот кодекс, и слично.

Какви ќе бидат дисциплинските мерки против овие службеници.

Имено, за полесните повреди тој ќе може да помине со писмена опомена или со парична казна во висина од 20 отсто од платата од последниот месец, а во траење од еден до три месеци.

Додека, пак, со одлука за утврдена потешка дисциплинска повреда, на државниот службеник може да му се изрече една од следниве дисциплински мерки: парична казна во висина од 20 отсто од висината на нето платата исплатена во последниот месец, во траење од еден до шест месеци, распоредување на работно место во пониско ниво и тоа најмногу до две нивоа пониско, како и престанок на работниот однос кога настапиле штетни последици за институцијата, а притоа не се утврдени олеснителни околности за државниот службеник кој ја сторил потешката дисциплинска повреда.

При изрекување на дисциплинските мерки се земаат предвид тежината на повредата, последиците од неа, степенот на одговорноста на државниот службеник, околностите под кои е сторена повредата, неговото поранешно однесување и вршењето на работите, како и други олеснителни и отежителни околности кои се од значење за изрекување на дисциплинската мерка.

Збирот на паричните казни изречени на државниот службеник во еден месец за полесна и потешка дисциплинска повреда не може да надмине 30 отсто од износот на неговата вкупна нето плата за тој месец.

Непосредно претпоставениот службеник го известува државниот службеник дека постојат наоди дека тој сторил полесна дисциплинска повреда и му дава рок од пет дена да даде одговор за нив. Ако даде незадоволителен одговор или не даде одговор и непосредно претпоставениот утврди дека постојат основи за дисциплинска одговорностна државниот службеник, тој поднесува предлог за изрекување на дисциплинска мерка за послесна дисциплинска повреда до секретарот односно раководното лице на институцијата заедно со извештај.

Дисциплинските мерки против државниот службеник за полесна дисциплинска повреда ги изрекува секретарот односно раководното лице на институцијата, во рок од 8 дена од денот на добиениот предлог и писмен извештај, а против одлуката незадоволниот државниот службеник има право во рок од осум дена да поднесе жалба, преку институцијата каде е вработен, до органот за одлучување во постапка од работен однос во втор степен.

Кога станува збор, пак, за дисциплинска постапка по потешка дисциплинска повреда, непосредно претпоставниот службеник, кога ќе утврди дека постојат наоди, поднесува предлог за поведување на дисциплинска постапка за потешка дисциплинска повреда до секретарот односно раководното лице на институцијата.

Секретарот односно раководното лице со решение формира Комисија за водење на дисциплинска постапка, во рок од 15 дена од денот кога му е поднесен предлогот , а во кој задолжително се содржани причините за поведување на постапката.

Дисциплинската комисија е составена од претседател и двајца члена и нивни заменици, и тоа, претседателот е раководен државен службеник, од редот на дипломираните правници, еден член кој е распореден на исто ниво како државниот службеник против кој се води дисциплинска постапка и еден членпретставник од Синдикатот, доколку има од редот на вработените во институцијата, или раководниот државен службеник од организационата единица за управување со човечки ресурси доколку нема претставник од Синдикатот.

Претседателот на Дисциплинската комисија најдоцна во рок од 20 дена од денот на формирањето ја спроведува дисциплинската постапка, во која се изведуваат сите докази, со задолжителна можност за државниот службеник против кој е поведена постапката усно или писмено да се произнесе по наводите и сите докази, и да се изјасни за својата дисциплинска одговорност.

По спроведената постапка Дисциплинската комисија со мнозинство гласови, се изјаснува за дисциплинската одговорност на државниот службеник. Доколку Дисциплинската комисија утврди одговорност на државниот службеник, донесува решение за изрекување дисциплинска мерка за потешка повреда. Доколку дисциплинската комисија утврди дека не постојат основи за дисциплинска одговорност на државниот службеник, донесува решение за одбивање на предлогот за поведување на дисциплинската постапка.

Против решението незадоволниот државен службеник има право во рок од осум дена од денот на приемот на решението да поднесе жалба, преку институцијата каде е вработен, до органот за одлучување во постапка од работен однос во втор степен.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ВЛАДАТА РАЗРЕШУВА ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА НА АГЕНЦИЈА ЗА ПОШТИ - не ги исполниле зацртаните цели

ВЛАДАТА РАЗРЕШУВА ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИЈАТА НА АГЕНЦИЈА ЗА ПОШТИ - не ги исполниле зацртаните цели

Аргир во „Бизнис-клуб“: „Комората како двигател на економијата и мост помеѓу компаниите и државата“

Аргир во „Бизнис-клуб“: „Комората како двигател на економијата и мост помеѓу компаниите и државата“

ДОБРИ ДОМАЌИНИ ЗА ДОБРОТО НА КОМПАНИЈАТА - „Реплек“ ќе дели добра дивиденда, ама не се „расфрла“, еве колку ќе земат главните акционери

ДОБРИ ДОМАЌИНИ ЗА ДОБРОТО НА КОМПАНИЈАТА - „Реплек“ ќе дели добра дивиденда, ама не се „расфрла“, еве колку ќе земат главните акционери

АГЕНЦИЈАТА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ТУРИЗМОТ НАСКОРО СО НОВ ДИРЕКТОР – Владата со повеќе огласи за раководни позиции

АГЕНЦИЈАТА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ТУРИЗМОТ НАСКОРО СО НОВ ДИРЕКТОР – Владата со повеќе огласи за раководни позиции

АЗЕСКИ ИЗРАЗИ СОЧУВСТВО И ЈА ПОДДРЖА НАМЕРАТА НА ВЛАДАТА ЗА ОДГОВОРНОСТ

АЗЕСКИ ИЗРАЗИ СОЧУВСТВО И ЈА ПОДДРЖА НАМЕРАТА НА ВЛАДАТА ЗА ОДГОВОРНОСТ

АЛБАНИЈА ЗАБРЗАНО СЕ РАЗВИВА: Дали македонските граѓани одат таму на печалба?

АЛБАНИЈА ЗАБРЗАНО СЕ РАЗВИВА: Дали македонските граѓани одат таму на печалба?

ДОНЕРОТ ЌЕ ЧИНИ „САМО“ 12 ЕВРА, КИРИЈА ЗА ЗАЕДНИЧКА СТУДЕНТСКА СОБА 800 ЕВРА: Енормно поскапување во Германија

ДОНЕРОТ ЌЕ ЧИНИ „САМО“ 12 ЕВРА, КИРИЈА ЗА ЗАЕДНИЧКА СТУДЕНТСКА СОБА 800 ЕВРА: Енормно поскапување во Германија

ГОЛЕМИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА АЛКОХОЛ СМИСЛУВААТ АЛТЕРНАТИВИ: Построги правила за царините на Трамп

ГОЛЕМИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА АЛКОХОЛ СМИСЛУВААТ АЛТЕРНАТИВИ: Построги правила за царините на Трамп

И ТЕСЛА СЕ ПЛАШИ ОД ЦАРИНИТЕ: САД внимателно да ја разгледаат својата трговска политика

И ТЕСЛА СЕ ПЛАШИ ОД ЦАРИНИТЕ: САД внимателно да ја разгледаат својата трговска политика