21 Јануари, 2025
0.0260

СТАВ

Ненад Јовановиќ: Нож во рака, смрт во душа

Објавено во: Македонија 19 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

Не треба да се обвинуваат само оние кои зло чинеа и зло правеа: секогаш се највиновни оние кои тоа зло мирно го набљудуваа и го пуштаа да расте

Вака, имено, гласи свежата вест: „Бргу ќе му дојде погребот на Заев, ќе му палиме свеќа на гробишта“, изјавува „со петта“ Амди Бајрам; потоа доаѓа нова, уште посвежа вест: некоја госпоѓа, извесна учителка од битолско село, со крст откопан од гробишта (?), му испраќа порака на лидерот на СДСМ како треба да се испрати „отаде светот“. Потоа, претпоставувам, спокојно се повлекуваат од борбената формација, додека полицијата (барем до моментот на создавањето на овој текст) и понатаму нема појма кои се тие луѓе, не е во состојба да ги идентификува и приведе, иако таа Битола и тоа Скопје, скоро како Њујорк, кој тука ќе се снајде, а и студи надвор… Некои гласови велат дека ќе мора да се гонат, само ако се најде некаков законски основ; многу „државни“ медиуми држат до тоа како тоа не е (во најмала рака) вест на денот, туку дека тоа спаѓа во рубриката „локални занимливости“…

Кој знае како би му било на „нормален“ граѓанин што би поминувал покрај Државната изборна просторија (или како се вели тоа?), и’ само за момент ги погледа здивените како извикуваат и некому посакуваат смрт, директно, јасно, отворено!? Како и’ да погледаш, сите тие „десни“ глави умеат да изберат мета, „себи на срамоту а њој на част“, што би рекол поетот. Ама што, всушност, се случи на таа престрашна, магловита хорор-вечер, и што тоа ни зборува каде ние живееме? Се’ тоа нужно малку-по-малку мораше да потсетува на сцената од „Италијанските ноќи“ на Еден фон Хорват, од „парчето“ кое зборува за тоа како „силината“ на фашистите практично доаѓа од слабоста и збунетоста на либералите. Поедноставно речено, додека антифашистите зборуваат – то ест „филозофираат“, фашистите тепаат – значи, „работат“… Во таква поделба на улогите, јасно е кој секогаш го извлекува подебелиот крај. Дали тоа значи дека антифашистите треба да мавтаат со подолги и подебели „реторички“ цевки од оние кои ги малтретираат нивните противници? Па, се плашам дека таквото решение би било малку премногу едноставно, баш по мерка и вкус на самите фашисти…

Фашизмот и сите негови сродни деривати може да ги тероризираат луѓето само тамо каде што држави (практично и да) нема, а општеството се наоѓа во фаза на „тупава отрпнатост“, безволно и неспособно да се согледа себе, да ги истражи корените на своите проблеми и побара адекватни решенија. Денешна Македонија, десет години со Груевски, во многу што изгледа практично така: како Земја на Илузии, како место во кое само сеачите на обмани и лудила може да очекуваат аплаузи, a оние кои би прозбореле нешто нормално и втемелено за неславната македонска историја – или невеселата иднина, ако не се случи суштинска промена на доминанто-политичка-културна парадигма – со сигурност може да очекуваат единствено навреди и закани, а можеби и ќотеци. Ама, има нешто и полошо од тоа, а тоа е понижувањето кое произлегува од (итекако субјективниот, ама брутално силното) чувство на губитништвото на секој еманципаторски обид, од згадениот замор на донкихотовските борби со ветерњачи. Ете, цела деценија во потрага по „освојување на слободата“ за Македонија и нејзините граѓани, тука, насреде универзалниот кампус на растреперениот и просветен „Четврт Рим“ (читај, Скопје), мораш да си ја чуваш главата пред разни бараби и несој од најлоша врста, мораш да им објаснуваш на луѓето дека со ништо – освен со слободата дека постоиш, мислиш и зборуваш – си „предизикал“ тоа што се случи. А исто така, ако сакаш да продолжиш во борбата со ветерњачи, мора да им објаснуваш на Груевци дека во Македонија „нема фашисти“, и дека сета реторика е фантазија на комуњарите, а онаа будала Амди Б., мора да го трпиме со неговото мислење (слушај, мислење?!) како јавно и отворено некому посакува смрт, посакува наденување на кол, нели, згрозени од ликот и делото на Зоран Заев.

Но, добро, тоа е карактеристично за радикалните десни лумени, „демократите“ сигурно умеат подобро да се одредат кон тоа што се случи пред некоја ден… Добро, прилично фер е тоа што Зоран Заев повикува на смирување на страстите од Битола, како и тоа дека вакви работи не ни се потребни кога е време за завршување на политичката криза. Но, тука, почитувани, има еден многу битен детаљ, не така многу комплициран. Таквиот брутален „патриотски дискурс“ е дел од проблемот, а не од решението. Да мислиш, имено, дека е возможно да се „припитоми“ во некоја непостоечка свест и совесно да ја приведеш разулавената фашистичка багра така што татковски поучно им понудиш „ерзац“ во вид на некаков „здрав, бениген и конструктивен патриотизам“ во она име во кое таа треба да го намали доживувањето, тоа е многу повеќе и многу полошо од испразната наивност и недораснатост: тоа е онаа врста на неодговорност која и својот „носител“ го чини неосвестен како oпштествена oпасност.

Како и да било, господата фашисти пред ДИК го кажаа своето: тепаа, тепаат, и ќе тепаат, како што нивните идоли тепаа во минатите времиња (а и оние изворни, пред седумдесетина и осумдесетина зими и лета; дури некои десни оптимисти „одлетаа“ и до Антиката!), палеа, пљачкаа, силуваа, стрелаа и колеа. Што и да биде со Македонија во иднина, не треба да се обвинуваат само оние кои зло чинеа и зло правеа: секогаш се највиновни оние кои тоа зло мирно го набљудуваа и го пуштаа да расте, а потоа ќе се чудиме од каде такво зло баш „кај нас“, најдоброто од сите можни светови; a тој свет е, гледај, оној ист свет кој по куќите држи икони од војводи, ЌосињаАлександари Македонски и други останати масови убијци. Е, во таков свет пораснаа и се формираа сите оние беспризорни и безглави скопски, битолски, кавадаречки деца, а тие сметки денес ни стигаат за наплата. 

Ненад Јовановиќ, граѓански активист

Можеби ќе ве интересира

Ресторан Аntica со тага се прости од Бојан

Ресторан Аntica со тага се прости од Бојан

МИЦКОСКИ ОД ВАШИНГТОН: Лобираме за македонските интереси

МИЦКОСКИ ОД ВАШИНГТОН: Лобираме за македонските интереси

На 66-годишна возраст почина прим. д-р Мирјана Петровска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија во Клиничката болница ,,Аџибадем Систина“

На 66-годишна возраст почина прим. д-р Мирјана Петровска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија во Клиничката болница ,,Аџибадем Систина“

ТАРАВАРИ ОД ВАШИНГТОН:„Најголемите светски лидери се собрани овде“

ТАРАВАРИ ОД ВАШИНГТОН:„Најголемите светски лидери се собрани овде“

ПАЛЕВСКИ ПОДНЕСЕ ПРИГОВОР ЗА ЛИСТАТА НА ДОКАЗИ: Три дена пред убиството, обвинетите со автомобилот на Панче поминале кај зградата на Вања

ПАЛЕВСКИ ПОДНЕСЕ ПРИГОВОР ЗА ЛИСТАТА НА ДОКАЗИ: Три дена пред убиството, обвинетите со автомобилот на Панче поминале кај зградата на Вања

Првиот училишен ден во 2025 во Скопје заврши неславно, децата пуштени дома

Првиот училишен ден во 2025 во Скопје заврши неславно, децата пуштени дома

Мицкоски во Вашингтон се сретна со Такер Карлсон, кој правеше интервјуа со Путин и Лавров

Мицкоски во Вашингтон се сретна со Такер Карлсон, кој правеше интервјуа со Путин и Лавров

„ЗЕМААТ ПАРИ ЗА АМОРТИЗАЦИИ, ЗА ПАТАРИНИ, КАКО ДА ВОЗАТ НА КЕРОЗИН“: Левица бара нова измена на Законот за пратеници

„ЗЕМААТ ПАРИ ЗА АМОРТИЗАЦИИ, ЗА ПАТАРИНИ, КАКО ДА ВОЗАТ НА КЕРОЗИН“: Левица бара нова измена на Законот за пратеници

ЗА ГРУБИ, ЗА МИЈАЛКОВ, ЗА ДРИН МЕХМЕТИ...Еве што вели обвинителот Коцевски

ЗА ГРУБИ, ЗА МИЈАЛКОВ, ЗА ДРИН МЕХМЕТИ...Еве што вели обвинителот Коцевски