Добивај вести на Viber
Богатите бараат сигурни места каде да ги чуваат своите уметнички дела и луксузните стоки, без да плаќаат даноци, што доведува до зголемување на побарувачката на магацини во некои приградски области.
Овие гигантски простории изгледаат сосема нормално однадвор, но внатре имаат исклучително добри системи за безбедност, вклучувајќи и невидливи ласерски сензори, скенери, детектори на движење, тајни кодови на вратите, биометриска идентификација, како и вооружени чувари.
Во слични сали се кријат вистински богатства , кои се во вредност од милијарди долари - од слики на Пикасо до дијаманти, злато , фини вина и ретро автомобили. Слични згради нема насекаде. Тие се основани во места како Швајцарија , Сингапур , Монако, Луксембург и Кина .
Бумот на изградбата на такви магацини го следи растот на светскиот пазар на уметноста. Меѓународна продажба на уметнички дела достигна тројно зголемување, 66 милијарди долари во последните десетина години. Една од причините за ова е дека светските елити ја губат довербата во традиционални средства и бараат алтернативни инвестиции , пишува CNN Money .
Првите магацини од овој тип ги отвораат вратите во Швајцарија пред повеќе од 130 години. Тие се изградени за складирање на обични стоки кои се продаваат без да се плаќаат увозни давачки .
Со текот на годините магацините ја менуваат својата намена целосно и се претвораат во места кои ги користат главно богатите. Недостатокот на даноци и такси останува , заедно со гаранцијата за приватноста што ги мами богатите колекционери , трговци , корпорации и банки. Побарувачката е толку голема што многу од магацините се полни , а оние кои допрва треба да бидат отворени , веќе претходно се продадени.
За простории како овие се плаќа кирија од неколку илјади долари месечно, но има и дополнителни давачки во зависност од тока каква стока се чува внатре. Некои од магацините нудат и специјални услуги , вклучувајќи и реставрација. Покрај тоа се наоѓаат во непосредна близина до аеродроми , што го прави превезувањето на предметите до нив исклучително лесно.
Складиштата се толку често посетувани од богатите, така што големите аукциски куќи како Christie's исто гравитираат кон нив , со цел да се олесни директната продажба. Бонусот на сето ова е дека трансакциите не се поврзани со никакви даноци.
Дел од предметите во овие простории не гледаат бел свет. Причината е дека дел од богатите луѓе повеќе сакаат да го складираат богатството на овој начин, отколку да ги красат куќите со него. Предноста е дека сè е строго доверливо и никаде не се води листа на предметите кои се внатре.
Операторите на складовите, како приватната швајцарска фирма Euroasia, велат дека нивната улога е да управуваат со зградите и да обезбедуваат сигурност, не да запишуваат што точно има во нив.
Некои експерти сметаат дека магацините брзо се претворија во главна станица во светот на уметноста и се клучен елемент на проширување на пазарот. Други тврдат дека тоа само ја прави трговијата на уметност уште повеќе тајна и нетранспарента, привлекува криминалци и скрива корупциска активност.
Но изгледите за создавање на нови работни места и привлекување на големи играчи изгледа преовладуваат над стравувањата кои ги имаат многу влади.
K.K.