НЕОПРАВДАН БОЈКОТ КОН СТОЧАРИТЕ: Не се откупува ни здравото млеко!
Објавено во: Агробизнис 11 Мај, 2016 08:21
Болеста „јазлеста кожа“ кај говедата забрзано се шири, млекарниците се претпазливи во откупот на млеко, а сточарите бараат итна вакцинација на здравите говеда. Досега се регистрирани 34 жаришта во 14 општини,а најголем дел од нив во источниот регион. Потенцијално заразени се над 520 говеда. Поточно болеста е потврдена во Делчево, Виница, Пехчево, Берово, Штип, Василево, Босилово, Ново Село, Валандово, Демир Капија, Дојран. Во сите овие региони направени се заштитни зони во радиус од три, 10 и од 50 километри.
Сточарите од штипскиот регион велат дека и оние кои имаат здрави говеда трпат штети поради сточарите чии говеда се заразени од болеста. Млекарниците од овој регион се претпазливи при откупот, а дел од нив и во текот на вчерашниот ден не сакале да го откупат млекото од сточарите што немаат болни крави. Сточарите велат дека штетите се големи и бараат што поскоро да почне вакцинацијата.
„Мене ми го откупија млекото, но на сточарите од селата Селце и Драгоево повторно не им го откупувале млекото иако немаат заболени крави. Што да прават тие сточари да го фрлаат ли млекото, и они велат дека ќе го истураат во реката. Ние знаеме како да ги заштитиме кравите, хигиената ја одржуваме на високо ниво, прскаме против комарци и мушички во шталите, значи се што е до нас превземаме. Ние не сакаме да ни се заразат животните, од тоа живееме. Но не е се до нас, и општината треба да превземе мерки, да се прска авионски против комарци, не можеме ние покрај реката и мочуриштето да прскаме. И треба што поскоро да се почне со вакцинацијата“, вели Бранко Ристев,сточар од штипскиот регион.
ПРИСТИГНУВААТ ВАКЦИНИ
Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочија дека 250 илајди вакцини се очекува да пристигнат кон крајот на месецот. Во однос на проблемот со откупот на млеко во штипскиот регион, директорот на АХВ Зоран Поповски изјави млекото и месото од здравите животни, кои се од регионите со жаришта, смеат да се предаваат само во преработувачки капацитети кои се наоѓаат во регионите каде што ја има заразата.
"Од превентивни причини од регионите со жаришта не смее да се носи во регионите каде што ја нема болеста. Вакцините беа нарачани веднаш откако добивме информација дека „јазлеста кожа“ има во соседните држави, Грција и Турција. Успеавме да ја добиеме целата доза потребна за покривање на сиот фонд крупен добиток за разлика од другите држави. Тоа потврдува дека сме реагирале навреме. Вакцинирањето, пак, не смее да се спроведува пред утврдување на болеста во одреден број жаришта", изјави Поповски.
Заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски изјави дека забраната за предавање на млекото од болните животни во млекарници надвор од жариштата, била воведена за да се спречи евентуалното ширење на болеста и намалување на економските штети, а не дека болеста е опасна за луѓето. Од ресорното министерство порачуваат дека по усмртувањето на заболениот добиток, ќе се врши обештетување за секое животно одделно по пазарна вредност.
ГОЛЕМИТЕ МЛЕКАРНИЦИ ЈА СЛЕДАТ СОСТОЈБАТА
Дел од поголемите млекарниците за Фактор изјавија дека ја следат состојбата на терен а откупот го вршат во согласност со препораките од АХВ. Од млекарницата „Здравје Радово“ изјавија дека нема зошто да не се откупува млекото од оние крави што не се заразени. Од битолската млекарница изјавија дека тие воопшто и не откупуваат млеко во источниот регион, но ја следат состојбата.
Инаку во меѓувреме, во сила остануваат решенијата за неработење на сите девет добиточни пазари во земјава и забраната за транспорт на животни без официјална дозвола од ветеринар. Од Агенцијата укажуваат сите општини во земјава да спроведат прскање против комарци, а фармерите на отворите од шталите да постават заштитни мрежи. Оваа болест која потекнува од афричкиот континент за прв пат се појавува во Македонија, а според проценките на АХВ се очекува да заболат околу 3.000 говеда. Вакцинација против болеста „јазлеста кожа“ веќе ја спроведуваат Бугарија и Турција, но само во поголемите жаришта.
Т.С.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина
Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?





